БЕЗ ОГЛАС

Овој претседател најде да зборува за помирување и обединување. А ние да ќутиме.

БЕЗ ОГЛАС

1 Во Илинденскиот говор претседателот Ѓорге Иванов порача дека секоја генерација жртвувала по нешто. И побара оваа генерација да се жртвува така што ќе молчи.

Претседателот вака ја замислува нашата жртва: „Сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија“.

Ова го кажува претседател кој, одговорно и воздржано, во април аболицираше 56 политичари и нивни соработници осомничени за тежок криминал кој што произлезе од прислушуваните материјали.

Претседателот вака ја замислува нашата жртва: „Медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам“.

Ова го кажува претседател кој, воздржано и одговорно, цела година нè плаши дека ќе нè нападне ИСИС, дека бегалците се најстрашната опасност, дека само што не дошол втор голем бран, дека цел свет е против нас и дека се спремал атентат врз лидери на две политички партии. Ова воздржано и одговорно го кажува претседател кого за сè го информираат странски претседатели и пријателски служби, кој се фали дека има начин да дознае сè што сака, па дури и кој бил сведок во истрага на СЈО, ама немал информација само за Кумановската акција од мај минатата година кога загинаа осум полицајци, па затоа заминал во Русија на пат.

Претседателот вака ја замислува нашата жртва: „Цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам, од демонизирање на оние со кои не се согласуваат“.

Тоа го кажува претседател кој помилува 56 политичари и нивни соработници осомничени за тежок криминал и тоа без цинизам го оправда како национално помирување.

И после сè што кажа и направи само изминатава година, тој претседател, на Илинден се дрзна да нè кара. И да бара сè да му заборавиме. И да молчиме. Веќе година и пол со свои уши слушаме како се правеле криминали од светски размери. Половина година илјадници луѓе протестираат на улица оти слушнаа како претседателот сака да го амнестира криминалот. И тој сега, на 2 Август нас нè кара дека сме биле разединети. Божем ние сме криви што тој помилува осомничени криминалци. И што ѝ дава поддршка на политиката на делби и сатанизирање на неистомисленици, што ја спроведува партијата која  два пати го направи претседател.

Овој претседател најде да зборува за помирување и обединување. А ние да ќутиме.

2 За да го засили ефектот на говорот на претседателот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во два дена направи два геста од кои треба да се плашиме.

Прво рече дека додека го држи последниот атом од силата, ќе работи за да оствари што поголем број ветувања што ги дал. Значи, сè што замислил ќе направи.

И другиот ден замина на одмор. Обично власта прави белји секогаш кога тој не е во земјата.

3 Градската власт во Скопје летово покажа што ѝ се двата приоритета.

Прво, да ги сруши колибите од плитар и најлон на стотина Роми во дивата населба под Кале.

И второ, да потроши 230.000 евра за живеалиште на шимпанзото Коко, за да има кај да се врати од ресоцијализација во Холандија.

Ромите на телевизија се жалеа: „Сакаме и ние да имаме некаков дом. Како луѓе да живееме и ние“.

Коко се пожали на време. Уште во 2009 година, кога во Македонија страдаше од депресија. Затоа и го примија на лекување во Холандија.

4 Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Битола Зоран Илиоски, чиј син без оглас се вработил во МВР, рече дека и неговиот син има право да работи.

И жена му има право да работи. Во државната Агенција за електронски комуникации.

И татко му има право да биде претседател на Здружението на пензионери во Битола.

Па и самиот Илиоски, пред да стане пратеник и платен функционер поставен од партијата, имал право да биде директор на јавно претпријатие.

И децата чиишто родители не се членови на ВМРО-ДПМНЕ имаат право да се отселат од државата. Без оглас. А ако останат, имаат право да ќутат. Да се воздржуваат, како што би рекол Иванов. За иднината на Македонија.

5 Реформата на медиумите успешно стартува. Партија предлага кандидати за ад хок тело што ќе ги контролира медиумите до изборите.  И партија ќе предложи главен уредник на информативната програма на јавниот сервис МРТВ.

Веста не е мајтап. Вистина е. И веста не е стара 40 години, туку е од завчера.

Ако е ова почеток на реформите, каков ли ќе ни биде крајот?

6 Во Крушево на Илинден, покрај комитите дефилираа фалангата на Александар и црнокошуљашите на Тодор Александров. Овие, следбениците на делото на Тодор Александров, со едната рака го покажуваа знакот од рекламата за „вегета“, а со другата држеа транспарент на кој пишуваше „2.08.338 година Би-Си (демек, пред нашата ера) Херонеја, 2.08.1903 Крушево и 2.08.1944 Прохор Пчински“. Четвртиот Илинден од  8 Септември, 1991 година го немаше на транспарентот. Падна како жртва на оној првиот Илинден. Од Херонеја.

Кога ја видов сликата се сетив на еден графит што долго време стоеше во Битола: „Во Битола, пола се гркомани, пола се србомани и пола се бугарофили“.  А четвртата половина, кај и да е ќе стаса. Од Херонеја.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари