БРИСЕЛСКИ ЛУДОРИИ

Ова не се случува во онаа далечна земја на Истокот што нема турска чаршија во главниот град

    БРИСЕЛСКИ ЛУДОРИИ

    Не знам зошто толку возбуда околу предлогот на Министерството за економија да се унифицираат излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија. Па ние добивме нов лик на центарот на Скопје преку ноќ, а сега проблем било што набрзина ќе добиеме и нова Стара чаршија. Па и таа е дел од центарот на Скопје.

    Не се сомневам дека квалитетен архитект ќе го направи дизајнот за новиот изглед на излозите на дуќаните во Чаршијата. Во секој случај, ќе биде некој со космополитски поглед на светот и со универзален ум. Оти ќе мора разноликоста што се трупала во Чаршијата низ вековите и генерациите да ја поедностави. За да биде поубава како што е поубав и другиот дел од центарот преку Вардар. Тој генијален ум ќе смисли решение кое ќе одговара и на семкарница и на златарница. Ист излог ќе имаат и дуќанот за специјална облека за сунет и ќебапчилница. Како и ковач и бурекчилница. Има логика? Како нема? Сè тоа на тендер ќе оди.

    Целиот проект ќе се поткрепи и со соодветна маркетиншка кампања. Која ќе оди под слоганот: “Да бидеме едно, да ги избришеме разликите”.

    Следната фаза од бришењето на разликите ќе предвиди и избор на облека за шетање по Чаршијата. Ќе има повеќе типови облека, за да не се сфати како униформираност. И ќе бидат дозволени повеќе типови фризури. Оти злобниците веднаш тоа би го споредиле со една земја од Далечниот Исток. А сите знаеме дека споредбата не држи. Во нивниот главен град нема турска чаршија.

    Многу се радувам кога ќе започне нова серија. Од понеделник почнува нова домашна серија со македонско-европска продукција. Дејството се случува во блиска иднина. Според најавите, серијата ќе опфаќа повеќе жанрови. Замислена е како драма во која ќе има елементи на мистерија и политички трилер. Но експертите недвосмислено укажуваат дека станува збор за научна фантастика.

    Серијата се вика “Бриселски лудории”. Во првата епизода, наводно, ќе се појавеле Радмила Шеќеринска и Никола Поповски, како претставници на две страни во конфликт. Нормално, со натсинхронизација. Во серијата Рада и Никола во Брисел ќе отвораат уста, а текстот ќе го кажува некој во Скопје.

    Се очекува серијата “Бриселски лудории” да ја надмине популарноста на серијата “Њујоршки шепотења”, која трае веќе дваесет години, станува здодевна, а не и` се гледа крајот.

    Впрочем, ако можат Македонија и Грција дваесет години да преговараат во Њујорк, зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не би преговарале во Брисел.

    3  Судскиот совет е тело кое избира и разрешува судии. Значи, највисоко тело. Нема претпоставен од другите власти. На негово чело е Благоја Ушковски.

    Завчера на телевизија го видовме претседателот на Судскиот совет, кој никогаш не бил судија, како самиот си одговараше на прашања кои самиот си ги поставил, оти претпоставувал дека можат да бидат од интерес, и самиот си ги одговори. Додуша, не ги имаше научено напамет. Туку си читаше што му е напишано. Притоа, во еден од одговорите прочита и дека бил автор на прирачник.

    Првиот впечаток од новиот претседател на Судскиот совет е охрабрувачки. Се уверивме дека знае да чита и да пишува.
    За разлика од неговата претходничка Александра Зафировска, која знаеше и да рапортира кај секретарки. Чувме.

    4  Чувме и дека за мислење не се казнува. Додуша, тоа правило важело само за министри. За новинари знаеме дека не важи. Оти е потврдено со неколку пресуди за душевна болка.
    Арно ама мислењето е гола вода додека не го потпише некоја службеничка. Значи министерот ќе даде мислење и нема да одговара, ама службеничката што ќе го потпише ќе го јаде стапот.
    Тоа е таа истата службеничка која мора да се откаже од неделниот семеен ручек за да маршира на партиски трибини, да ракоплеска на говори, да донесе 30 телефони на пријатели што ги убедила сигурно да гласаат за партијата, да става лајкови на Фејсбук и да изгуби работа ако каже погрешно мислење на Фејсбук…
    Пази сега. Ова не се случува во онаа далечна земја што нема турска чаршија во главниот град.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ по трет пат за три месеци се пишманат. Како што ги сменија законите за државниот испит на факултетите и за хонорарците, сега ќе го менуваат и Законот, според кој јавната администрација мора да учи англиски. И министерот Иво Ивановски ќе мора да го јаде истиот срам како што го јадеа Абдулаќим Адеми, Спиро Ристевски и Диме Спасов. Само до пред една недела ја крстосуваше Македонија да ги убедува службениците колку е добар законот и колку сите ќе имаат корист.

    Законот ќе почне да важи една година по влегувањето на Македонија во ЕУ. Значи, сега ќе добиеме закон со многу прецизен рок за стапување во сила.. Еве гледам по министерствата сите се на штрек кога ќе почнат да го учат англискиот. Да не си раат ако си државен службеник.

    6  Едно штипско семејство нема пари да го донесе во Македонија телото на синот што загинал во Шпанија, па сега со СМС пораки се собира хуманитарна помош. Досега со испраќање пораки им помагавме на живите да останат живи. А сега, еве, дојде време и на мртвите да им се помага.
    Еве една нова тема при преговори со инвеститорите. Со секоја нова инвестиција да одвојат по пет отсто за помош на живите и на мртвите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари