ДЕТЕ ИЛИ ПАРТИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:"Среќабагеритеуштенеизлегленапротест

    1.   Убаво што полицијата ги затвори сите приоди кон Владата за да обезбеди непречено чистење на фасадата од јајца. Луѓето сериозно ги сфатија препораките за здрав живот на премиерот кој пред неколку месеци дури кажуваше и колку чекори дневно треба да се пешачи. И ете факт е – луѓето пешачат. Дури и кејот на Вардар зад Владата што скопјани си го викаат Инфаркт штрасе привремено е дислоциран. Башка, се враќа и довербата кон институциите на државата. Кардио вежбите се прават од Владата, преку Јавното обвинителство, до Собранието.
    Цел центар е блокиран само за фасадата на Владата да остане чиста. Оти на власта и е многу поважна фасадата, отколку да чуе што имаат граѓаните да $ кажат.
    Разни луѓе си имаат различни причини да не ја сакаат оваа власт. И веруваат дека имаат право тоа да го кажат. Некои оти не им се допаѓа тоа што го слушнале во бомбите на Заев. Некои дека си имаат проблем со парцели и катастри. Некои дека си имаат проблем со учителките на децата и директорите по школите. Некои оти биле зафркнати на суд. Некои оти мислат дека реформите во образованието се ѓубре. Некои оти мислат дека од реформите во здравството умираат луѓе. Некои оти не добиле здравствена услуга каква што треба. Некои оти хонорарите им се помали отколку што им беа, а пак немаат здравствено што го платиле. Некои не ја согледуваат убавината на новиот лик на зградата на Владата. Или пак на цел центар на Скопје.
    Ама, колку и да го шират фронтот на затворени улици со полицајци-специјалци , нема да им го променат мислењето на луѓето. И полициски час да воведат – џабе им е. И него еден ден ќе треба да го укинат. Оти полицискиот час ќе важи и за оние на кои им се допаѓа Владата, па нема да можат да уживаат во убавините на градот. И медиумите да продолжат да се прават будали па да известуваат за горештини, алергии и диети додека има протести по улиците – џабе им е. И водените топови што ни ги подари Ердоган, а ни фала не му кажавме, да ги активираат џабе им е. Не мислат белким дека ќе можат цел живот забарикадирани среќно да живеат. Тоа ти е. Со сила убавина можеби бидува. Ама не за долго.

    2.   Што сакаше да каже премиерот Груевски кога во интервју на Сител ни порача дека од партиското членство постојано добивал пораки со револт, зошто не дејствуваат пожестоко. Па чул дека дури членството се самоорганизирало, правело списоци…
    За што прават списоци? Против кого? Кој треба да дејствува пожестоко на барање на членството на ВМРО? Полицијата ли? Чија е полицијата? Груевски чиј премиер е? Наш е? Или само на ВМРО-вското членство?
    Што ќе прават тие што се самоорганизираат по список? Партиска војска? Има ли тоа членство на партија што се самоорганизира свој лидер? Кој е лидерот? Дали на тој лидер му се слуша зборот? Или Груевски, премиерот мисли дека нема да биде виновен, ако Груевски, лидерот на партија, не може да ги контролира тие што се самоорганизираат и стане некоја беља.

    3.   Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот во Куманово рече дека е многу разочаран од некои родители кои кусогледо застанале зад своите деца и ги поддржале во протестите не затоа што сметаат дека е исправно нивното барање, туку затоа што се од спротивна политичка опција. “Политичките спротивставености наспроти иднината на нивните деца. Апсурд”, се зачуди Груевски.
    Да де. Родителите не знаат што е добро за нивните деца, па чекаат Груевски да им каже. Или, знаат, ама свесно ќе ги жртвуваат своите деца, за да му направат ќеф на СДСМ, а за инает на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е апсурд.
    Самата помисла дека некој може да размислува поинаку е разочарувачка за Груевски. Во неговиот свет луѓето мора да бидат членови на партија. И мора да мислат како што ќе им кажат во партијата. Неопределени и аполитични нема. А луѓе што мислат со своја глава, пак ич.
    А зад кого да застанат родителите ако не зад своите деца? Тоа ли е изборот што го нуди Груевски: дете или партија?
    Веројатно така мисли и за полицијата. Сигурно ќе биде разочаран ако и полицајците застанат зад своите деца.

    4.   Според Уставот, правото на протест без претходна дозвола им е дадено на сите, па макар биле и “комуњари проклети”. И тоа право може да се ограничи само во услови на воена и вонредна состојба.
    Да не чул некој нешто за претседателот Иванов деновиве? Може му дале да потпише некој таков указ пред да замине кај Путин. Слушнав дека вчера се гледал со деца од некое основно школо. А оние децата што седат 25 дена на улица секој ден ги гледа кога го возат со колата. Освен ако баш во тој момент не гледа кон зградата седиште на Мисијата на ЕУ. Оти тој кон Европа е свртен цело време.
    Тој треба да е татко на нацијата. А нацијата ни е како дисфункционално семејство. Нели кога децата ќе се скараат, таткото ги собира на еден ручек и се обидува да ги смири. Овој нашиов татко само со едно дете прави муабет.
    Којзнае колку му е убаво на Иванов. Никој ништо не бара од него затоа што не може ништо и да очекува. Ужива во сопствената нефункционалност. А можеше барем еден апел да испрати, да повика на разум, на смиреност… Колку да знаевме дека гледа и некоја друга телевизија освен МТВ. Па фолкерката Јелена Карлеуша успеа да се јави од Белград за протестите, а тој од Водно не се јави. А башка, и Кили од Еквадор пак прозборе македонски.

    5.   Слушам на ова снимкиве како за нас новинарите викаат дека сме дебили, идиоти, човечиња, морони… И си викам: А бе ние идиотите плата им даваме ним за така да не навредуваат. А и телефонските сметки за разговорите во кои не викаат идиоти им ги плаќаме. Баш сме идиоти.

    6.   За вчерашниот протест на ЈСП пред седиштето на СДСМ немам што да кажам освен да искористам еден твит: Во цел свет протестираат луѓе, кај нас протестираат автобуси.
    Среќа багерите уште не излегле на протест.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари