ДОМА ПО ВЛЕЧКИ

Единствената гаранција што треба да се бара по 27 април, е гаранцијата што треба да ја даде Иванов. Дека нема да ја уништи Македонија.

ДОМА ПО ВЛЕЧКИ

1 Ние сме лудаци. Мора да сме сите навистина луди, штом уште му дозволуваме на Ѓорге Иванов да ни дрнда некакви приказни за државата, за унитарноста, за тирански платформи… Па уште чекал гаранции… Па Заев уште и со сиот ум го усогласувал текстот со кабинетот на претседателот, за да му го спасат образот на Ѓоле да можел да го даде мандатот. Тоа било втор обид да го вразумеле да постапи според Уставот. Што се обидува Заев? Тие сакаа да го убијат, а тој уште им се правда дека не успеале да го убијат.

Со кого усогласува текст? Со некој што на 27 април седел дома во влечки и чекал да падне крв за да ја извади војската на улица? Со некој што смислил план заедно со полицијата да му го расчисти теренот на партискиот шеф триумфалистички да се врати од службен пат од Виена, за да може заедно со Чавков и Зврлевски во „ослободена територија“ да апсат сè што не мисли како нив?

Какви гаранции бара Иванов по 27 април? Од кого бара гаранции? Од Заев и од Села, за кои насилниците регрутирани од Министерството за култура и логистички опремени од Министерството за внатрешни работи се каат дека не успеале доволно да им ги скршат главите за да ги убијат? Како бре, Заев мисли да оди кај претседателот, кога тој бил еден од авторите на сценариото во кое баш мртвиот Заев требаше да биде оправдание за Иванов да го зададе конечниот удар, со кој ќе ги спасеше неговите, па и себеси од затвор.

Доста веќе Иванов нè маѓепсува со таа приказна за гаранциите. И со одбројување датуми кога требало да го даде мандатот и со смешни приказни за Службениот весник и со анализи и експертизи по телевизиски дебати. Какви гаранции да му дадат тие што одвај спасија жива глава од него? Партиска меница ли да му потпишат? Треба ли Заев и Шеќеринска по три кила крв да депонираат? И коса од главата, наместо фантомки за „народот што не може да се контролира“? Оти малку крв се пролеа вечерта на 27 април. Или Зијадин Села како гаранција на Иванов треба треба да му ја даде душата? Оти не успеаја да му ја извадат со тепањето во Собранието.

Или можеби нивните некролози ќе беа најсигурните гаранции.

2 Да потсетам.

Заборавивме на 24 декември. Заборавивме на бомбите. Заборавивме на претседателската аболиција на функционерите осомничени за тежок криминал. И сега, треба да заборавиме на најавениот и организиран напад на Собранието на 27 април.

Затоа Иванов упорно ја замајува јавноста со барање некакви гаранции. За да му купи време на Груевски. Единствената гаранција што може да се бара по 27 април, е гаранцијата што треба да ја даде токму Иванов. Дека во остатокот од мандатот нема да ја уништи Македонија бранејќи ги криминалците што го поставија за претседател и на кои им слугува. И дека ова време што му остана нема да направи уште поголемо злодело со кое ќе ја растури државата.

3 Мора да сме луди, а ако не сме, тогаш сме жртви на масовна хипноза кога, ај што му влеговме во филмот на Ѓорге за гаранциите, туку и Груевски уште го есапиме. Човекот шета низ Македонија и раскажува за следните проекти на Владата. Која Влада? Груевски е лидер на партија во опозиција.

Повторувам: Груевски е лидер на партија во опозиција. Јасно?

Толку се успешни во масовната хипноза, што дури и СДСМ што е дел од парламентарното мнозинство, влегува во дебата за проектите на лидерот на опозицијата. Груевски раскажува за некакви експресни патишта и спортски сали, а СДСМ му одговара со соопштенија. И по сиот хороор што им го организираа колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на 27 април во Собранието, овие од СДСМ уште и им го прифаќаат вмровското глумење нормалност. Па објаснуваат дека тие ќе се фокусирале на инфраструктурни проекти. Наместо да му кажат на Груевски дека по наредбите што повеќепати им ги даде на новите ќосиња, единствениот експресен пат за него треба да биде тој што води до Идризово. Со кружен тек околу Шутка.

4 Мора и ќосињата да се или луди, или хипнотизирани штом ги маѓепсуваат приказните на Груевски со кои ги повикува на помош да го спасат од затвор.

Прво ги повика да не седат дома по влечки и да не гледаат телевизија. Тие го послушаа, ги слекоа влечките, облекоа фантомки и отидоа да го освојат Собранието. Кога не успеаја во двата часа што им ги подари Чавков да ги убијат Заев и Села, им дојде полиција да ги приведува. А Груевски што ги повикуваше да му ја одбранат власта, баш тој ден замина на службен пат во Виена. И кога виде дека Заев не е убиен, оти како што рече „да сакаше некој да го убие, ќе го убиеше“, се врати дома и најостро ги осуди насилниците.  А сега, во паузите додека не глуми премиер, си седи дома по влечки, во еден од становите на мајка му и си гледа на телевизија како му ги апсат ќосињата.

Влечките го затворија кругот.

5 А тоа дека очигледно сите сме под масовна вмровска хипноза е што најсериозно е покрената онлајн петиција до Обвинителството на Зврлевски. И која луѓето најсериозно ја потпишуват. Петицијата е со барање да се смени делото за кое се осомничени напаѓачите на Собранието од „учество во толпа“ во „обид за убиство со умисла“.

Што е следното? Референдум? На кој ќе треба да се изјасниме дали судовите треба да ги судат организаторите и напаѓачите на Собранието кои сакаа да убијат пратеници.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Коментари