ДОЗВОЛА ЗА ЖИВОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:95:"ДајдодекаГосподшетапоземјатадасипобарамелек

    1.   Среќа што премиерот Груевски отиде предизборно да става камен-темелник на затворен базен во Охрид. Па прошета низ градот и околината и, шетајќи низ Лескоец, се сретна со еден граѓанин што боледува од рак. За неговата болест имало лек, ама не бил на позитивна листа. Па му помагаат донатори, оти државата го одбила. Неколку дена пред случајната средба во Лескоец, на телевизија одеше прилог за случајот на истиот овој охриѓанец. Тогаш Фондот за здравство објасни дека не може да му набават лек, оти позитивната листа ја прават 14 стручни комисии формирани од Владата, а на предлог на Министерството за здравство.
    Господ го прати Груевски во Охридско. А охриѓанецот кој веќе нема што да изгуби, го пресретна премиерот на улица за да му побара помош. Судбината сакала баш во тој момент до Груевски да биде и директорот на Фондот за здравство Сашо Стефановски. Оти е по потекло охриѓанец, па во работен ден шета низ Лескоец. Имаше камери, новинари, микрофони, па на вести видовме како човекот со мака, искрено му пријде на премиерот и понизно го замоли за помош: “Само вие сте свесен…Имам две деца, за нив живеам…”. Колку вреди човечкиот живот на 30-годишник во Македонија? Па го моли премиерот, барем за атер на децата, да му помогне. Зарем во оваа држава болен човек треба да се правда со децата за да има право да бара лек за да живее?
    И, нормално, Груевски веднаш го испраша директорот на Фондот за здравство кој му се најде при рака во близина. А директорот се правдаше: “Имаме активности…, имаме тендер…, па во 17 часот имаме состанок…”. И во две и пол минутен телевизиски прилог, Груевски го реши проблемот. Директорот рече дека “за лицето уште наредната недела ќе се обезбеди лекот” . И потоа премиерот си замина на други места каде што, исто така, е потребен. А болниот охриѓанец на разделбата рече: “Господ е голем”.
    Ова само во Библијата сме го читале. Кога Господ одел по земјата и помагал. Е па дај додека премиерот шета по земјата со микрофончето на реверот и со мобилните екипи за брза интервенција, да ја искористиме ситуацијата да си најдеме лек. Кој за болест, кој за издавање пасоши, кој за паркинзи, кој за улици, кој за плацови, кој за канализации, кој за амбулантни возила, кој за тениски игралишта…

    2.   И после новинарите им биле виновни и на лекарите. Оти пишувањата во медиумите придонеле незадоволен пациент да пука во лекар. На тој начин лекарите биле загрозени и понижени.
    Да, новинарите се виновни. Оти во само еден две и полминутен новинарски прилог видовме што значи и “мој термин” и мислење на специјалист, и институцијата Министерство за здравство, и Фонд за здравство, и 14 стручни комисии, и Биро за лекови… Да не му закажеа новинарите “мој термин” на болниот охриѓанец со премиерот Груевски, ниту тој ќе добиеше лек ниту ние ќе видевме како функционира здравството.
    Ма немој? Новинарите ги понижиле лекарите!? Па кој им одреди колку минути треба да им трае прегледот на еден пациент? Кој им покажуваше како треба да оперираат? Кој им одреди месечна норма со пациенти? Кој тера врвни специјалисти да дежураат на телефон за да даваат совети како бајачки без дијагноза, при децении вложени во учење и пракса? Тоа не е понижување? Кој јавно објавуваше кој лекар сработил, а кој не? Кој им ги брои рецептите и упатите на матичните лекари? И кој ги караше зашто претерувале со снимање на рендген, на компјутер и на магнет. Кој ги лови по сопчиња среде ноќ, дали спијат и дали пушат, па ги објавува дека играле карти на компјутер?
    Конечно, кога веќе лекарите се жалат на новинарите, нека се сетат кој нареди цензура во медиумите за да не се објавува за нивниот штрајк.

    3.   И оваа година го примивме извештајот за напредокот кон ЕУ. Каков е, таков е. Премиерот рече дека народот ќе каже каков е извештајот.
    Народот секој ден кажува. Сè повеќе луѓе си заминуваат од Македонија. Тие што ќе останат, ќе молат за лек.
    А богами и лекарите избраа. И тие си заминаа. Кој во приватно здравство, кој надвор од државата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари