ДРН-ДРН ЈАРИЊА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"Допарителие?Или,когасинавластповеќетиседига?

    1. Првото патување на претседателот Ѓорге Иванов во новиот мандат надвор од Македонија беше во Брисел. Некои медиуми најдоа симболика во тоа што првото патување на Иванов беше во Брисел и во неговиот прв мандат, веднаш по изборот во 2009 година.
    Но, за разлика од пред пет години, овој пат без многу возбуда ја примивме веста дека и во вториот мандат првото патување на Иванов е во Брисел. Знаејќи какви резултати постигна Македонија по прашањето на ЕУ интеграциите во петте години од првиот мандат на Иванов, добро е што Уставот не му дава и трет претседателски мандат.

    2. Кој уште верува во приказната дека странците ќе вршеле притисок врз власта. Оти биле многу загрижени затоа што во Собранието ќе нема опозиција.
    Изборите завршија. Дури и долго очекуваните честитки за претседателот пристигнаа. Собранието почна со работа, избран е и претседател на Собранието. И ова што сега власта со сила сака да ги внесе пратениците на опозицијата во Собранието е интересна правна игранка што странците ќе ја следат уште најмногу десетина дена. Утре, кога ќе почне Груевски да предлага закони, а неговите пратеници и оние на ДУИ ќе ги гласаат по брза постапка, ќе го баталат и СДСМ и на Заев. Добро, нема баш ептен да ги заборават, оти сигурно ќе ги има со по една две-реченици во некој годишен извештај на Стејт департментот и во извештаите за напредокот на Македонија кон ЕУ. Кога ќе доаѓа некој од странство, покрај со премиерот ќе се среќава и со нив. Во некој наплив на инспирација дури и Амбасадата на САД може ќе сними спот, како оној со кој ни кажаа колку се загрижени за слободата на медиумите, па ќе го пуштат и на Фејсбук.
    Си кажаа и САД и ЕУ уште првиот ден по изборите дека во Македонија постои опасност граѓаните да ја изгубат довербата во демократските институции. И тоа е тоа. Покрај Украина што гори и што $ се заканува на ЕУ со нова економска криза, некој во Брисел ќе се заморува со тоа како гласале граѓаните во Македонија? Кој кого признава и кој кого не признава? Кој бил со сила исфрлен, а кој бил со сила внесен во Собранието? Кој останал без работа?
    Тие цел авион сосе 280 патници изгубија пред само два и пол месеци, па никој веќе тоа не го споменува. Ај луѓето што ги снема, ги снема. Туку авионот беше американско производство и тоа отвори многу чувствителни прашања. Воена индустрија? Можен терористички акт? Тоа го заборавија, а не пак 34-те пратеници на Заев таму некаде во Македонија на Западниот Балкан.
    А тоа дека со изборниот процес сме ја изгубиле довербата во демократските институции, тоа си е наш проблем. Со доверба во институциите, или без доверба, се додека тука има кој на Брисел и на Вашингтон да им испорача стабилност, Македонија не е меѓународна приказна.

    3. Али Ахмети завчера за телевизијата “Алсат-М” објасни зошто ДУИ се откажала од барањето претседателот на Собранието да биде од нивната партија. “Што ќе ни е функција претседател на Собранието кога нема да се зборува на албански јазик?”, рече Али. Ааа, така значи. За јазикот било.
    Велат и Али Ахмети си легнал на брашното. Како може да легне, кога не бил ни станат. Зарем некој можеше да биде толку наивен па да помисли дека по 12 години во власта, со мала пауза во 2006 година, борците од ДУИ туку така ќе се откажат од колите, привилегиите, тендерите, моќта, влијанијата само за една евроатлантска интеграција? Ќе се вратат во чајџилница да играат домино? Зошто дигнаа оружје во 2001 година? За да се интегрираат како министри, амбасадори и директори. И да има тендери. Иако не се многу задоволни, иако сe уште не го признаваат Иванов како легитимен претседател, поради опасност да не пропаднат евроинтеграциите на Македонија, ќе се жртвуваат и пак ќе влезат во Влада со ВМРО-ДПМНЕ. Оти Европска Македонија им била во срцето. Не биле директорските места. Арно ама, ако не ја бива работата, во септември ќе го преиспитаат учеството во власта. Дрн, дрн, јариња… И што ќе направат во септември ако Македонија не влезе во НАТО? Што ќе им порачаат на нивните гласачи? Што ќе им понудат? Пак консензуален претседател? Пак двојазичност на цела територија? Ќе ги напуштат кабинетите, ќе се откажат од платите, дневниците и службените ручеци и ќе се одметнат во планина за ја внесат Македонија во НАТО и ЕУ. Ептен визионерски, нема што.

    4. Вмровците победуваат на сите фронтови. Победија дома, победија во Европа, Австралија и Америка. Победија дури и на Косово и во Албанија. Прочитав дека некаде се пофалиле и дека го победиле СДСМ во правење деца. И тоа со резултат 3:1. Во претходниот мандат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата родиле 13 деца, а СДСМ со другите опозиционери само 3.
    Ми фалат дополнителни информации околу овој историски подвиг. Оти освен веста на некои од порталите, до сега не прочитав и стручна анализа. Каде се експертите да и дообјаснат на јавноста на што се должи овој неспорен успех. До парите ли е? Или, кога си на власт повеќе ти се дига?

    5. Вработените во “Дрекслермајер” во Кавадарци се побунија оти не им биле исплатени празничните дневници. Ете, се случи штрајк и во странска инвестиција.
    Во Германија Ангела Меркел повеќе од два месеци не можеше да состави Влада и преговараше со социјалдемократите помеѓу другото и за минимална плата од 8,5 евра за еден час. Кај нас на Германците и покрај поволностите што им ги дава Владата од буџетот на Македонија, многу им се и 8.200-те денари што месечно им ги плаќаат на работниците, па пробаа да не ги исплатат и празничните дневници. Да не се разгалат многу работниците што ја имаат таа привилегија да работат во странска инвестиција. Значи германски работник само за два дена ја заработува месечната плата што ја добива неговиот колега што работи во германската инвестиција во Македонија. Толку ли сме далеку од Германија? Изгледа дека сме. Нека пробаат во Германија во автобус со 50 седишта да качат 100 работници и да ги возат по автопат, како што пробале да ги возат тука од Велес до Кавадарци па ќе видиме до каде ќе стигнат.

    6. До Уставниот суд е поднесена иницијатива за оценување на уставноста на законот за филмска дејност. Уште тоа им фалеше на уставните судии. Зошто воопшто Уставниот суд да се тормози со некој закон кој мора да е уставен? Наш е. Го предложила Владата.
    По она образложение дека новинарите на 24 декември 2012 година биле на сила отстранети од собраниската галерија заради лична безбедност, баш ме интересира какво мудро образложение чуварите на Уставот ќе најдат за филмот. Онака ме интересира. Од љубопитност. Колку да си ја зајакнам довербата во демократските институции.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари