ДРЖАВЕН ИСПИТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:60:"Титоникогашнезавршилфакултет

    1. Кога во 1968 година, во комунистичка Југославија студентите протестирале во Белград против црвената буржоазија, Тито го испратил неговиот близок партиски соработник Вељко Влаховиќ да ги смири. Ги сопрел на мостот на Сава за да не дојдат до центарот на градот, и студентите се растуриле. Другиот ден Тито рекол: “Студентите се во право”. После, додуша, ги поапсиле најгласните, ама со тој себап, комунистичкиот лидер барем почнал некакви реформи.
    Тито го имал Вељко како курир да ги смирува студентите. Тој никогаш не завршил факултет. Ама ја знаел силата на студентите. И знаел дека мислењето треба да им се почитува, иако не се согласувал со нив.
    Никола Груевски е магистер по економски науки. И за разлика од Тито, нема некој Вељко Влаховиќ. Ама и тој си има курир, не за да ги смири туку да ги бележи студентите. Да им црта црвени крукчиња и да им бара непријателска активност и врски со СДСМ и со Сорос. Не за да ги сослуша туку да им каже: “Вие не разбирате дека ова е добро за вас. И нема што да разговараме, кога и онака имам мнозинство во Собранието за да си донесам закон каков што сакам. И бидејќи тоа што сум го смислил е добро за вас, без оглед на вашето мислење, екстерно испитување на факултетите ќе се воведе, па макар се викало и државен испит”.
    Иако, стварно не ми е јасно зошто баш студентите треба да настрадаат затоа што газдите на факултетите се корумпирани, па лесно може да се купи и испит и диплома. Настрана што, пак, ич не ми е јасно што толку власта запнала за дипломите, кога и онака за вработување не ти треба диплома. Единствениот услов за успех во животот е партиска книшка.

    2. Како ли сме живееле пред ова ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт? Сме имале седумдесет години своја држава и сме живееле како дива орда? Нерегулирано, неосвестено и неосознаено? Па сега мора партијата на власт да нe превоспитува за да нe цивилизира?
    Во сеопфатната општествена акција на превоспитување, најновата мерка е за време на викенд да се дружат родителите и наставниците. Нормално, во присуство на учениците, за да се избегне пипкање.
    Оваа владина воспитна мерка доаѓа како логичен след на сите други досега. Се знае колку пати смееш да се разболиш. Кога смееш да се разболиш. Колку антибиотици смееш да пиеш. Каков инсулин треба да примаш. Колку пати смееш да одиш на рендген, а колку пати на испитување на тироида и на компјутерска томографија. Се знае дека не смееш да абортираш и оти треба да имаш најмалку три деца. Се знае дека не треба да одиш на одмор во Грција и оти мора да одиш во Охрид. Треба да бидеш културен и љубезен со странците. Ако си државен службеник, со државни пари мора да учиш англиски. Исто така, се знае што мораш да јадеш. Колку чекори треба да истрчаш. Зашто, нели – Ти си Македонија. Како што почна кампањата за превоспитување уште во 2008 година. Ама тогаш не сфативме дека баш така требало да си Македонија.
    Оти, ако не ги почитуваш превоспитните мерки, тешко тебе. Или си јалова стара девојка, или си педер, или си дебел… Ако не се најдеш меѓу тие аномалии на општеството, тогаш сигурно си СДСМ. Или уште пострашно – соросоид. И од тебе Македонија не бидува.

    3. Чудесна е оваа земја. Колку повеќе реклами за спречување семејно насилство толку повеќе убиени од семејно насилство. Колку повеќе реклами за безбедност во сообраќајот толку повеќе жртви во сообраќајки. Колку повеќе реклами за здрав живот толку повеќе срцеви удари и дебели деца. Колку построги закони толку повеќе прекршоци. Колку повеќе субвенции толку помалку добиток. Колку повеќе регистрирани трактори толку повеќе жртви во тракторски несреќи. Колку повеќе посадени дрвја толку позагадени градови.
    За ефикасноста на рекламите со кои ВМРО-ДПМНЕ почна да нe превоспитува ми стана јасно уште со кампањата “Ти си Македонија”. Во 2008 година Грција во април стави вето на Самитот на НАТО. И кога најмногу бевме лути, почнувајќи веќе од јуни, па до крајот на летото, над 300.000 Македонци заминаа на плажа во Грција. А оние 50.000 Македонци што се одважија и зедоа бугарски пасоши, изгледа не ја гледале рекламата. Иако секогаш стои прашањето колку ли ќе беа ако немаше владина кампања за патриотизам.

    4. В среда пак ќе има Ден на дрвото. И пак ќе ја садиме својата иднина. Ќе садиме дрвја за да имаме што да сечеме. За да имаме со што да се грееме. Мотото “Засади ја својата иднина”, ќе го смениме во “Запали ја својата иднина”.
    Ете уште еден од парадоксите. Најзагадени градови се Битола под Пелистер и Тетово под Шара. Е стварно е чудесна оваа Македонија.

    5. Пред неполн месец во Кондово се испотепаа вработени во МВР и вработени во АРМ. Пукаа со службените оружја. Потоа во Кавадарци бивш полицаец отепа цела фамилија на невестата. И пред некој ден во Злетово војник на АРМ си отишол од стража, сосе службениот калашников, и покоси тројца.
    Бидејќи оние со приватно оружје не убиваат толку како овие со државното оружје, би можело да се донесе нов закон. На тие што имаат дозвола за службено оружје, да им се одземе. И да му се даде на народот што нема дозвола за оружје. И Владата да ја зајакне оваа мерка така што ќе дели субвенции за оние што нема да го искористат оружјето.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари