ДУИ НГ БИЗНИС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:"Самозапатлакнетребапротокол

    1. Во Холивуд е распишан конкурс за сценарио. Се бара сценарист што ќе успее да направи пародија на настанот Фрлање крст на Водици во Македонија. Кој ќе направи посмешна приказна од тоа што во живо го гледавме минатата недела од вистинскиот настан, има загарантиран успех. Филмот ќе се продаде подобро и од “Титаник” и од “Војна на ѕвездите” и од “Аватар”.
    Ај биди мангуп и смисли пародија на сцена во која архиепископ од мост десет минути им мавта на верниците да излезат надвор од реката и им се заканува дека ќе го спушти крстот во казанот, а овие од долу ем премрзнати, ем немаат намера да се мрднат. Или крстот го фаќа жена, ама другите верници и` го крадат од раце, па после попот вика полиција за да и` го вратат. Колку треба да имаш фантазија во сценарио да пародираш ситуација каква што им текнало на жителите на струшкото село Мали Влај, па крстот го фрлаа во поило за говеда. Ај што го фрлија крстот, туку и верниците што влегоа по него ги турнаа во поилото, ама за подобро да се намократ, им ја натискаа главата и ги газеа по грбовите. А во Австралија најризичен дел од операцијата бил како да се пренесе попот сув од чамецот до брегот. Оти може да потклекне еден од носачите. И попот да си ја наводени мантијата. Австралија е мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална земја. Многу знаат Абориџините какви се македонските обичаи, па тие што гледале мислеле дека и паѓањето на попот во вода е дел од ритуалот.
    Сите циркуси што ги видовме на Водици ставија крст на конзервативната идеја. Тие дивјаци што грабаат крст од раце не можеш да ги скриеш со барокни фасади. Со новите обичаи за славење Водици успешно се вративме во камено доба. Ај сега да се вратиме во реалноста. Во 21 век. Дури уште трае. Да го фатиме навреме, оти како што постојано доцниме, ќе го пропуштиме и овој век.

    2. Архиепископот г.г. Стефан треба да му се обрати за помош на министерот за здравство Никола Тодоров. Оти тој е вешт за правење протоколи. И сите операции му се успешни. Како што прави протоколи за хируршки интервенции, може да направи и протокол за фрлање крст за Водици. Да се знае кој кај ќе стои, кога да влезе во водата, што подароци следуваат, во кои случаи се вика полиција, на која оддалеченост стојат верниците, дали и во кои случаи може да се фрлаат анатеми…
    Завчера Тодоров убаво им објасни на хирурзите дека треба да внимаваат кога имаат операции кај што има два екстремитета. Да не се случи да биде оперирана погрешната страна. Сега со протоколот што го промовираше министерот се смалува ризикот кога се оперираат нозе, раце, бубрези, уши, очи, белодробни крила, гради, тестиси… Сe што има по две. Само за патлак не треба протокол. За него треба “малку неетичен” тендер.

    3. Владата предложи измени на Кривичниот законик со кои се дава правна основа за донесување правилник за одмерување на казните. Сите судии ќе мора да ги почитуваат упатствата од правилникот и да судат според него.
    Извршната власт ич не се меша во судската. Само им кажува што треба да се направи и судиите спроведуваат.
    Знаат ли судиите што значи судија? Судија, ееејј… Не ми е јасно како немаат високо мислење за себе. Е па ќе немаат, кога со овој правилник ем Владата докажува дека судството не чини, ем судиите докажуваат дека се политички инструирани. Па затоа и не им пречи кога владин портпарол ќе им каже дека со новиот правилник Владата ќе им овозможи на граѓаните да бидат во еднаква положба пред судовите.
    Катастрофа.

    4. Ракометарите се скараа. Пред нив кошаркарите се скараа. Фудбалерите секогаш се скарани, дури и со фудбалот.
    Затоа предлагам Агенцијата за млади и спорт да поведе кампања за нова олимписка дисциплина. Карање во слободен стил. Само тоа ни е шансата да освоиме златен медал.
    Да има светско првенство во карање, ние би биле прваци. За да покажеме колку сме јаки, ќе мора Македонија да учествува со по две екипи. На пример, Русија ќе се кара со Америка, Германија ќе се кара со Франција, а Македонија ќе се кара со Македонија. И така во финале ќе се соочат Македонија со Македонија. Само така ќе можеме да се караме меѓу себе. И така сами себе ќе си се победиме.

    5. ДУИ сака консензуален кандидат за името. ДУИ ќе одлучи за предвремени избори. ДУИ сака во ЕУ. ДУИ преговара за името. ДУИ чека што ќе кажат Американците. ДУИ никогаш не греши. ДУИ нема проблем со тендерите. ДУИ ова, ДУИ она, ДУИнг бизнис…

    6. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги изгласаа законите за медиуми кои воопшто не ни требаат. Односно и` требаат на власта, а не на новинарството. Оти со овие закони се ограничува слободата, а слобода никогаш доволно.
    СДСМ беше против, но не чув дека ќе ги обжали законите на Уставен суд. Како што не обжали и многу други закони против кои гласаше.
    Затоа сакам да ги потсетам на едно соопштение од 14 август 2013 година, со кое СДСМ бараше да се повлече Законот за медиуми и Законот за аудиовизуелни медиумски услуги со цел “заштита на новинарите и слободата на изразување како темел на една слободна држава”.
    Се сеќаваат тие во СДСМ на своето соопштение од пред шест месеци? Или на Заев не може да му се верува дека ќе има промена на власта?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари