ЕУФОРИЧЕН СПОКОЈ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:112:""Чувајсе,насилниче,одсилатанаврзанчовек!"-БлажеКонески

    1.   Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кога дозна дека судење за “Пуч”, сепак, ќе има, рече дека може слободно да го уапсат оти тој не го признава овој суд. Исто како што Тито од онаа најстарата држава, во далечната 1928 година, на судење во Загреб рекол дека не го признава буржоаскиот суд туку само судот на партијата.
    Има симболика што наведува на сличности на изјавите на Заев и на Тито. Не дека Заев спомена партиски суд. Туку затоа што на Тито му суделе бидејќи дома му нашле бомби. Па судскиот процес потоа станал познат по името “Бомбашки процесс”. На Заев бомбите не му ги најдоа. Сам си ги покажа. Па и судењето, чиј почеток е закажан за 5 август, може да добие име “Бомбашки процес”.
    За Заев ќе видиме дали ќе го суди некој од “нашите” судии. А Тито во 1928 година го осудиле и завршил в затвор.

    2.   Што им е на колегите од телевизиите? Јавно признаа дека не можат да живеат без владини реклами. Колку се вознемирија кога дознаа дека Владата времено го прекинува рекламирањето во медиумите. Зарем уште сакаат да живеат од милоста на владејачката партија? Заборавија дека во пазарно општество може и пазарно да се работи? Или во нивните бизнис планови задолжително влегува и приходот од поткуп од владејачката партија со пари на сите даночни обврзници.
    А зошто се исплашија дека ќе останат без пари ако секнат рекламите на Владата? Ако си ги гледаат своите вести, немаат потреба за загриженост. Економијата цвета. Невработеноста се намалува. Пензиите растат. И социјалната помош порасна. Странските инвестиции не можат да достасаат со вработувања. Сето тоа укажува дека јакне куповната моќ на граѓаните. Тие големи примања ќе мора некаде да се потрошат. Компаниите во потрошувачката еуфорија на збогатената нација и соочени со конкуренција на напливот на нови компании на пазарот, ќе мора да си ги рекламираат своите производи. Инаку ќе останат непродадени.
    Сите услови на една здрава економија се исполнети и се јавува потребата од агресивно рекламирање. А каде да се рекламира, ако не во главните телевизии кои се разочарани од потегот на Владата. Ем гледаноста им е огромна, ем угледот им е пораснат, ем сите им веруваат на вестите. Кој нормален не би сакал да се рекламира.

    3.   Обично земјите богатството го мерат со злато, сребро, алуминиум, бакар, калај, ураниум, со дијаманти… Ние не сме ни со бакар ни со калај. Ние сме богати со бронза.

    4.   И додека цветаат илјадници цветови и прскаат фонтани на сите страни, скопските липи не издржаа. Поетите за време на манифестацијата “Празник на липите”, со поезија протестираа против масовната сеча на дрвјата кои се симбол на Скопје.
    Претставник на Градот на поетите им рече дека липите се сечеле оти им правеле здравствени проблеми на скопјани. Ај сега. Кивале многу. Прво тополите им пречеа. Сега липите дојдоа на ред. Па да знаеме. Да не му се лутиме на градоначалникот Коце Трајановски што ги менува липите со палми. На кивачите да им се лутиме.
    Туку, ако е за здравје, не мораше баш палми да садат. Цел свет сади марихуана. Ем за здравје, ем евтино.Плус кај нас проверено вирее, за разлика од палмите. Со помош на марихуаната сè што ни се случува би добило смисла. И сите нови идеи што допрва можат да се родат ќе ги прифатиме. Со еуфоричен спокој.

    5.   Јас знам многу скопјани што имаат алергии на мачки. Што ќе преземе градот за здравјето по тоа прашање? Ќе увезуваат кенгури за да скокаат по контејнерите? Кога веќе од нас направија мајмуни под палмите.

    6.   Кога сме веќе кај липите и кај поезијата, ми текна на малку подзаборавени стихови на Блаже Конески:

    Има време кога дрвото му се одмаздува на човека
    за сите засеци, за сите убоди,
    за сите навреди,
    за сите кастрења,
    за секој непромислен збор,
    за отсуство на благодарност спрема сенката и плодот.
    Тоа не може да те начека,
    тоа не може да ти се испречи на патот како насилник, –
    тоа со своите вечерни сенки само може да влезе во твојот сон,
    и така влегува во сонот – како распнат човек,
    и со студенило пушта тоа корење во твоите жили,
    и страшна е во сонот играта на тие сенки,
    во крвта таа студ.
    Тоа урочува,
    тоа фрла клетва –
    чувај се, насилниче, од силата на врзан човек!

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари