ФЕРИБОТ “МАКЕДОНИЈА”

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:77:"Апречкивотонотдаима?Аструјадаснема?

    1.   Тие што гледале само МТВ, на почетокот на годинава чуле дека имало некаков пуч, и оттогаш наваму се радуваат на сите владини успеси на вестите. Ако во средата свртеле на собранискиот канал, којзнае колку биле збунети. Првпат од устата на опозициските пратеници слушнале дека имало некои бомби. Па и прислушувани телефонски разговори. Па дури и индиции за криминал во некои од прислушуваните разговори.
    Сега на гледачите на МТВ почна да им се разјаснува. А затоа ли специјален обвинител се бираше? Ааа… Изгледа затоа и предвремени избори ќе има во април.
    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, увидувајќи го овој сериозен пропуст во програмската шема на јавниот сервис, побара во Собранието повеќе да не се цитираат извадоци од транскриптите на прислушуваните разговори. Како мисли да и` забрани на опозицијата да зборува во Собрание. Одвај ги намолија да се вратат. Нема белки пак да ги бркаат на клоци.
    А пречки во тонот да има? А струја да снема?

    2.   Што е оваа полемика како била облечена специјалната обвинителка Катица Јанева на нејзиното прво телевизиско интервју. Е како била облечена? Како типична македонска жена кога ќе се дотера. Го облекла тоа што го имала за дотерување. Како за на телевизија. Така де. Синким тие што ја искритикуваа поубаво ќе се облечеа. Си се знаеме, си се гледаме и по улици, и на работа, и во свечени пригоди кој како се дотерува.
    Жената е избрана со толку многу очекувања, и од власта, и од опозицијата, и од граѓаните, и од Вашингтон, и од Брисел, а од нејзиното прво медиумско појавување аналитичарите се фатија за нејзиното деколте. Било непристојно. Мајката…. Длабока анализа направија.
    Да бевме ние нормално и здраво општество, со нормални институции, нормално ќе беше да сме заинтересирани што кажала специјалната обвинителка. Ама бидејќи ние сме далеку од нормално и здраво општество штом сме дошле до дереџе да имаме толкави очекувања од само еден човек со, специјално за нашиот случај скроена функција, нормално е што се фативме за густината на чипката. Инаку, можеби некој и ќе се заинтересираше кои се тие адекватни места каде што обвинителката конкурирала, а немало конкурс. И дали тие адекватни места избрале адекватна личност за специјалната функција што треба да го зацрта идниот правец на државата. Или дали првиот впечаток ги оправдува очекувањата или ќе го чекаме следното појавување. А тоа дали била адекватно облечена нема да биде толку важно кога Катица ќе ја облече обвинителската тога.

    3.   Одговарајќи на пратеничко прашање за екстерното испитување, премиерот Никола Груевски рече: “Родителите не размислуваат баш за иднината на своите деца на долг рок, затоа ние мислиме”. И објасни дека “група родители одат по линија на помал отпор и сакаат нивното дете да е среќно на краток рок, без да размислуваат дека се добива диплома без знаење”.
    Благодарни сме и` на Владата што се грижи за нашите деца повеќе од нас. Изгледа дека премиерот кога ја даде идејата за 20 пратеници од дијаспората, размислуваше баш за нашите деца. На подолг рок. Па кога ќе се иселат уште 300-400 илјади луѓе, бегајќи од претераната владина загриженост, ќе може и дијаспората да предложи да има 20 пратеници од татковината. Па тогаш и грижите ќе ни се преклопуваат. Некаде далеку.

    4.   На комисиска седница во Собранието, на која се расправаше за предлог-закон за транспарентен увид во трошењето на буџетот, пратеничката Владанка Авировиќ од владејачката коалиција рече дека таков закон е лицемерен, непотребен и технички неизводлив. Рече дека тоа било “небулоза и воајерство”. И дека “тоа води кон тоталитаризам и во ниедна земја не се пишуваат такви глупости”. А има ли земја во која пратеник може да тресне ваква глупост и да остане тоа што е? Мене ич не ми е гајле на што пратеничката си ја троши нејзината плата, откако ќе ја земе. Ама зошто јас како даночен обврзник би давал пари за плата на пратеник, ако тој сака да скрие како се трошат моите пари.

    5.   Машиновозачите што штрајкуваат беа обвинети од Министерството за транспорт дека штрајкот имал политичка заднина. Ма немој. Кога премиерот пред избори најавува зголемување на платите во администрација, тоа не е политичка манипулација. А кога некој работник ќе си ги по бара своите одамна и тешко заработени пари, тогаш тоа е политичка манипулација.
    Исто и градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски. Тој за граѓаните што се потпишуваат против уништувањето на зеленилото рекол дека биле политички манипулирани. Од кога тоа ако сакаш да го зачуваш зеленилото, тоа е политички став, а кога сакаш да уништиш зеленило за да се офајдат поединци, тогаш тоа е јавен интерес.

    6.   Новата партија на военото крило на ДУИ се вика “Единство”. Уште “Братство” ни фали.

    7.   Кој е тој примитивизам во 21 век да немаш пари за хлорирање вода за пиење? За Струга зборувам. Туристички град. Покрај две води. На езеро и на река. Не збориме за човекови права. За вода за пиење зборуваме.
    На другата страна од државата, во Штип, се нашле пари да се донесе српската турбо-фолк ѕвезда Цеца да пее на Пастрмалијада. Налет парите за кои никој не кажува колку се, ама под еуфоријата на гледачите попуштила бетонска плоча кај бината и петнаесет души завршиле во канализација. А од нив тројца и на Ортопедија.
    Ех, чудесна Македонија. Песмом опевана, али нехлорирана. Бактериолошки неисправна – скроз.

    8.   Оглас: Имам плац од два декара. Барам двајца Унгарци да ми стават ограда.

    9.   Знаете дека од овие трите галии на брегот на Вардар едната ќе стане ферибот. Со новата улица што ќе се гради на местото на Кејот, галиите ќе станат пристапни и за коли. Чуму ти се машиновозачи? Со ферибот до Велес ќе одиме.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари