ФИШБАЈН СИРЕНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:89:"Холанѓанитенемаништодаречат.Самоќесечудат

    1. Ете се случи и тоа. Пратениците на СДСМ со коалиционите партнери си дадоа оставки на штотуку добиените мандати. Но од целата таа правна игранка, најмногу ме трогна како ВМРО-ДПМНЕ ја покажува загриженоста за гласачите на СДСМ. Дури и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски неколку пати изрази жалење дека волјата на гласачите на СДСМ нема да биде застапена во Собранието. Таков гест на несебична грижа за политичките противници досега не била покажана на овие простори, па и пошироко. И за да им помогне на гласачите од опозицијата, веднаш на лидерот на СДСМ Зоран Заев му предвиде дека на следните избори ќе помине уште полошо. За да има помалку граѓани чиј глас нема да биде застапен во Парламентот.
    Груевски рече дека СДСМ прави штета на Македонија. Да. Затоа и граѓаните го казнија на изборите. Оти прави штета. Ги наградија тие што не прават штета. Затоа малку ми е нелогично дека баш поради СДСМ можно е Европската комисија да ја повлече препораката за почнување преговори за членство во ЕУ. Како па да не. Тие во Брисел немаат свои проблеми, па само на Македонија, и тоа баш на опозицијата ќе мислат. Во Франција, Велика Британија и во Данска не знаат главата каде им е од успехот на ултрадесничарите на европските избори, Германија се чуди како во оваа ситуација да ја сочува Европската унија, ама Груевски и Заев цело време ќе им бидат во потсвеста.
    Башка, штом не ја изгубивме препораката кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ насила ја избркаа опозицијата од Собранието, белки нема да ја изгубиме сега, кога сакаат да ја внесат насила.

    2. А зошто да ја изгубиме препораката за ЕУ, кога токму овој состав на Собранието може да биде најефикасен. Сите закони со европско знаменце можат да се донесат во рекордно време. Дури и на една седница. Освен ако Роза Топузова-Каревска не поднесе едно 20.000 амандмани. Или ако во ВМРО-ДПМНЕ се развие непредвидена демократска дискусија.
    Еве, се формираше и некаков парламентарен институт. Неговата цел била да им помогне на пратениците да ги подобруваат предлозите на новите закони. Баш си замислувам како Илија Димовски и Влатко Ѓорчев ќе ги подобруваат законските решенија на Никола Груевски. А особено ќе бидат забавни седниците со пратенички прашања. На пример, Силвана Бонева ќе постави прашање до некој министер. А министерот ќе рече дека писмено ќе и одговори. Оти нема да знае што прашање ќе му биде поставено.
    Не грижете се. Воопшто нема да биде здодевно без СДСМ во Парламентот. Оти на заканата на Заев дека ќе прави влада во сенка, власта ќе одговори соодветно. Ќе направи опозиција во сенка. Додуша, тешко ќе најдат членови што ќе сакаат да бидат од оние лошите. Ама, ако е во прашање да се сочува препораката за членство во ЕУ, ни тоа нема да биде тешко да се оствари.

    3. Ние во принцип имаме проблем со препораките. По она полчасовно невреме што минатата недела го зафати Скопје, Центарот за управување со кризи за понеделникот вечер најави ново невреме и даде препорака граѓаните без потреба да не излегуваат од дома и без потреба да не ги возат колите. Во понеделникот вечерта јас, сепак, излегов од дома. Со потреба. Едноставно, имав потреба да излезам од дома. И сфатив дека голем број од моите сограѓани сериозно го примиле предупредувањето од ЦУК и дисциплинирано го чекаа невремето во кругот на семејството и пријателите. А невремето, ко за беља, не дојде.
    Мислам дека препораката на ЦУК внесе конфузија кај многу граѓани. Оти претходната вечер, покрај обилниот дожд и град што ги затна улиците, во Скопје се почувствува и земјотрес. А препораката на ЦУК беше да се седи дома. Што ако во меѓувреме се случеше нов земјотрес? Дали тогаш ЦУК ќе препорачаше без поголема потреба да не се седи дома? Море оди шетај.

    4. Додека центарот на Скопје го маваше град и подвозниците и гаражите се поплавија од дури 3,7 сантиметри воден талог на квадратен метар, фонтаните на Воинот на коњ и на татко му од преку Вардар цело време играа, пееја и под светлото на лајт-шоу ѕунеа од ударите на градот по бронзата. Тоа беше катарзичен момент на невремето во метрополата со нов лик.
    И кога помина катарзата, градоначалникот Коце Трајановски се појави со нова препорака. Апелираше до граѓаните на Скопје да не фрлаат ќебиња во канализацијата. Оти на селаните не би им текнало такво нешто. Тие знаат дека ќебето ќе им ја затне дупката. А граѓаните мислат дека ќе пуштат вода и ќебето ќе замине за Солун.
    И тамам се откри мистеријата зошто граѓаните си ја поплавиле метрополата, кога оп – во оваа чудесна Македонија се појави трета елементарна непогода. Проработе единствениот вулкан на Балканот, во охридското село Косел. Зошто? Затоа што селаните ја полнеле дупката со шут и со ѓубре. Па охриѓани, кои се познати по својата специфична смисла за туризам, се сетија дека и од вулканот во Косел може да се направи туристичка атракција. Доволно е само да се организираат термини за фрлање шут. И туристите ќе се носат во групи.
    Охрид ќе направи центар за управување со туристички атракции. Ќе се вика ЦУТА. И кога ЦУТА ќе препорача: “Ламбе, пали тракторот, ене идат Холанѓанине”, Ламбе ќе го фрли шутот во дупката и ќе го скорни вулканот. Холанѓаните нема ништо да речат. Само ќе се чудат.

    5. Во истата земја каде што вулканот се буди со фрлање шут, канализација се затнува со фрлање ќебиња, а шведската амбасада организира чистење на ѓубрето по парковите, скулптурата Сирена на еден од корабите на Вардар носи градник со фишбајн.
    Се гледа дека Владата е ем конзервативна ем внимава на родова рамноправност. Кога можеа на Прометеј спроти Собрание да му стават пелени за да не му гледа мандалото, тогаш нормално е дека Сирената карши Владата нема да ги покаже цицките.

    6. Гледам дека и американската амбасада во Скопје ја поттикнува родовата рамноправност. Утре, во тетовското село Камењане, со пари на УСАИД ќе се отвори првото кафуле за жени. Сопственичка на кафулето била жена, вработена ќе била жена, а внатре ќе се среќавале жени кои ќе имале друштвени и бизнис-средби.
    Јас лично имам пријатели од Камењане и со нив, и мажи и жени, се среќаваме во нормални кафеани. Не гледав дека имаат потреба од посебна женска кафеана. Американците немаат некоја долга историја како нас, ама изгледа имаат проблеми и со географијата. Тоа Камењане на два километра од Тетово, на патот кон Гостивар, во Македонија ли е? Или во Саудиска Арабија?
    7. Вчера, во ВЕСТ објавивме текст дека Заев ќе го чисти СДСМ од кадри од чија работа не е задоволен. Во текстот јасно се вели дека се цитираат неофицијални партиски извори. И што се случи? СДСМ веднаш прати реакција. Во која нема демант, туку се укажува дека во текстот се цитирани неофицијални извори.
    СДСМ реагира исто како што реагира ВМРО-ДПМНЕ на секој текст што не го контролираат или што не е издиктиран од Центарот за комуникации. Е толку им е демократскиот капацитет и на социјалдемократите. Не даваат демант, туку реакција. На секој текст да се стави капаче. И исто како што прави ВМРО-ДПМНЕ, во реакцијата не го демантираат тоа што е напишано, туку забележуваат зошто воопшто да се пишува.
    Ако они не диктираат, нема ти што да пишуваш.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари