ГЛЕДАЈ ЦРТАНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"Политикатабитребалодаси...дасијаонадатповозрасните

    1. Кампањата за парламентарните избори почнува дури сега, а мене веќе ми е збоктисано. Кај што на работа цел ден се мачиме како да избегаме од темата , а ако веќе објавуваме, со шублер мериме на кандидативе ист простор да им дадеме и на слика сите да бидат лични, ама и дома дерман немам. Така скапан од работа, ќе ми се јави мајка ми. Ми се жали дека око не може да склопи поради кампањата. Што па таа си има врска со кампањата? Е… Цела програмска шема на сите телевизии е испревртена. Па сериите кои редовно си ги гледа, и` завршуваат дури после полноќ. Оти пет минути оди филмче од епизодата, па десет минути оди платена политичка програма. А денот е избројан. Само 24 часа има. Кој и да дојде на власт, така ќе биде.
    Ај со мајка ми ќе се разберам. Возрасна е. Ама кога пред некоја вечер, баш така среде некои вести ме праша син ми кој има осум години: “А бе, тато, овие со знамињава сите за Македонија ли навиваат?”, се најдов во небрано. И му одговорив: “Па нормално де. За Македонија навиваат”. На што тој имаше дополнителни прашања: “А овие со беливе знамиња, и тие ли се за Македонија?”. Тогаш јас мудро го пресеков и му реков: “Ај бегај таму, гледај цртани”. Ќе ми отвора тој сега дебата за знамињата. Па уште и дома со деца за политика ќе дебатирам.

    2. Не мислам само јас така. Еве, и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски исто мисли за децата и за политиката. На први април, кога децата маскирани го славеа Денот на шегата на Плоштадот во Скопје, градоначалникот ги поздрави со пригоден говор. Потоа една новинарка го замоли градоначалникот да ги искоментира маските. Таа праша: “Ниту едно дете нема избрано маска на политичар. Тоа е добро или лошо?”
    Градоначалникот Трајановски одговори: “Мислам дека е добро што нема. Децата не треба да се бават со политика. Што помалку да се бават со неа. Политиката би требало да си… да си ја онадат повозрасните”.
    Е па си ја онадат. Коце на приемчив и за децата разбирлив начин објасни што значи кога ќе се каже дека политиката е курва.

    3. Мене син ми ме фати неспремен за дебата. Ама една колешка мудро се снашла. Кога седумгодишната ќерка ја прашала: “Мамо, што е тоа СДСМ?”, оваа како од пушка одговорила: “Сите деца сакаат мастика”. Ќерка и`го повторила одговорот, малку се замислила, ама го прифатила и истапила со дополнителни барања: “А што е ВМРО?”. Е тука веќе морал да се вклучи дедото со разумен одговор: “Во Македонија расте ориз”. И девојчето задоволно, со исцрпени прашања за тој ден отишло да си игра со куклите.
    Ете затоа децата не можат да ја онадат политиката. Оти за нив вакви одговори звучат логично.

    4. Мене, како доволно возрасен, совршено ми е јасно дека некои возрасни луѓе избираат да не ја онадат политиката. Ама дури и на тие што не им е до онадење политика, не им е логично зошто по 23 години демократија воопшто се отвори дебата дали треба да има дебата меѓу кандидатите за претседател. Особено што сме имале дебати за избори. И тоа во време кога демократијата ни била во повој на излезот од едноумието.
    Вчера попладне на МТВ ексклузивно најавија дека дебата меѓу претседателските кандидати ќе има вечерва. Не гледам што е тука ексклузивно. Па каде да има дебата, ако не на јавниот сервис? Ако може јавниот сервис да организира “Танц со ѕвездите”, тогаш сигурно може да организира и танц со политичарите. Ако може по десет часа да емитуваат отворени седници на Владата, тогаш немам дилема дека имаат капацитет за неколкучасовна емисија со четворица гости. Или, после 23 години демократија, треба да се чудиме и да се радуваме дека воопшто ќе има дебата на кандидатите?
    Впрочем, дебатата е цивилизациска норма. Сите ние традиционално дебатираме. На работа, во кафеана, на пазар… И дома дебатираме. Па и за едно “Што манџа денес ќе јадеме”, ред е да се договориме. Кога веќе ние дебатираме и за политичарите, чесно е и тие да дебатираат за нас.
    Оти рекламите си се убави. Ама не верувам дека има такви што веруваат само на реклами. Едноставно, сакам да ги видам сите четворица на едно место, во исто време, на иста температура, на иста влажност, со исто светло во студиото како одговараат на исти прашања. И тоа баш на јавниот сервис. И така да си изградам свое мислење. Затоа што не купувам душек или правосмукалка преку топ шоп, не испраќам смс пораки на “Икс фактор”, туку избирам врховен командант на својата земја за следните пет години.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари