ГОСПОДИН ДРАГАН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:237:"Вокојанормалнаевропсказемјаможедасеслучидржавенслужбеникнаобвинителдамурече:НајдисинаИнтернетштотеинтересира

     

    1 Специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека „со самите истраги за овие лица кои биле и се на високи функции во Република Македонија и во Владата и со доказите со кои располагаме, самиот избор и на пратениците и на претседателот на државата и на Уставниот суд е доведен во прашање. Сите овие се нелегални институции…“

    Е тоа ја боли власта.  Па сега, најмал проблем е што на овој начин и Катица самата се делигитимирала оти била избрана од нелегитимно Собрание. Туку, уште и „тргнала во јуриш за уривање на македонската држава“.  Леле, леле… Па покажала „деструктивен однос кон македонската држава“. Па, па, па… Нејзината изјава била „штетна за државноста на Македонија“. Катица „го урива суверенитетот на државата“… Уф!

    Добро бе, заборавивте ли зошто беше измислено Специјалното обвинителство? Зошто постои Специјално обвинителство ако сѐ било како што треба? Па за да ги открие криминалите на овие што покажуваат конструктивен однос кон државата. На овие што дошле на власт на легитимен начин, за кои чувме во телефонските разговори дека биле избрани на фер и демократски избори. На големите патриоти со сметките во Белизе. На оние што евтино  ја продадоа работната сила на странски инвеститори на кои ние со субвенции им ги плативме фабриките. Не си ја понижил државата ако си местел  избори, ама тој што ќе те фати дека си го правел тоа –  е тој ја понижил државата. Не правиш штета за државата ако крадеш, ама правиш штета ако кажеш дека некој крадел.

    Е затоа власта толку се вознемири. Затоа и ја направија оваа бучава. Викаат на сите страни, оти мислат дека со бучава ќе го замолкнат секој нејзин збор, само за да не се чуе она што го кажува Специјалниот обвинител. Оти тоа што го кажа Катица тие не сакаат да се знае. Оти тоа што го кажа Катица, тоа ги боли.

    2 Во која нормална европска земја може да се случи државен службеник на обвинител да му одговори: „Тоа што те интересира, тоа најди си на Интернет, секој има пристап“, како што во Централниот регистар им одговарале на истражителите на Специјалното обвинителство. Или, „не ми е јасно што ми бараш“. А во Царинската управа одбвивале да им дадат врска со базата на податоци, туку им барале писмено прашање, а тие писмено ќе одговореле. Исто како што ни прават на нас новинарите кога сакаат да скријат нешто.

    Тоа само покажува колку партијата ја има киднапирано државата. И колку институциите се партиски, а не се државни. И колку многу Специјалното обвинителство има работа. И колку изборите на 5 јуни ќе бидат нормални.

    3 Амбасадорите од земјите членки на Европската унија ќе одат низ Македонија, ќе посетуваат градови и села и ќе им кажуваат на тамошните жители дека треба да гласаат по своја волја и сопствен избор. Не знам кој им го смисли ова, ама мене ми личи на типично бирократско европско однесување. Колку да се најдат во работа.  Демек, еве и ние нешто правиме.

    Луѓето тука со години чекаат работа. Тие што не сакаа да земат бугарски пасоши и да избегаат од земјата лепат плакати, играат на комитски вечери, се возат од митинг до контрамитинг со автобуси, ќе одат на протест, па на контрапротест, ќе кампуваат и ќе контракампуваат, ќе ги молат комшиите и пријателите да им ги запишат имињата како едни од 15 или 30 сигурни гласачи за кои ќе гарантираат во штабот… Луѓето тука сфатиле дека само на тој начин се доаѓа до работа. Тие свесно ги прифатиле сите тие притисоци за да фатат некоја државна работа или евентуална работа во економските зони за себе и за најблиските.

    Не сите македонски гласачи ја имаат граѓанската свест на некој Французин, или Британец, или Германец, кој нема да дозволи ни дрвото пред прозорец да му го исечат ако пред тоа не го прашаат. Ама и просечениот македонски гласач не е толку глупав за да мора да му се каже дека треба да гласа по своја волја. Треба. Ама дали смее? Ќе им гарантираат ли амбасадорите на гласачите што ќе ги охрабруваат дека ако гласаат по своја волја и ако не ја послушаат партијата, ќе ја задржат државната работа? Онаа што ја добиле со макотрпно жртвување кон партијата?

    Ако ова шетањето по Македонија е најдоброто решение што ни го смислиле за да имаме европски избори, тогаш амбасадорите изгледа не знаат што навистина ни се случува на теренот. Па затоа, им препорачувам уште еднаш да ја изгледаат онаа четиричасовна претстава наречена Отчет на ВМРО-ДПМНЕ. Онаа партиска манифестација на која лидерот на партијата Груевски во спортска сала  ги построи министрите од Владата. Кога бившиот премиер ги испрашуваше сегашните министри како ги трошеле нашите пари. Божем он како лидер на партија не знае, ама еве се интересира кај државата.

    4 На таа претстава, на која на сцената се појавија речиси сите видни ликови од прислушкуваните разговори што им ги истражува Катица, видовме уште една димензија на главниот јунак Груевски.  Тој раскажа дека на 5 мај минатата година бил многу загрижен да не му се откаже некој потенцијален инвеститор, оти пред Владата се собрале „стотици хулигани што ги напаѓаа полицајците“.

    Тие што Груевски ги нарече хулигани, ланскиот 5 мај беа излезени на протест откако беа згрозени од емитуваните снимки на кои се слушна како тој и неговите се обидуваат да го скријат убиството на Мартин Нешковски. Меѓу тие што Груевски ги нарекува хулигани имаше и трудни жени, деца, минувачи на велосипеди и студенти кои потоа полицијата ги ловеше како глувци во библиотека, па дури и една делегација на американскиот конгрес. Имаше таму цели хулигански семејства сосе малолетните хулигани што ги одгледуваат по дома, комшиски хулигански друштва, пријатели хулигани… Сѐ додека сосем спонтано не дојдоа некои фини деца со качулки на главите што пријателски ја провоцираа полицијата. Истите деца со качулки продолжија да доаѓаат и на протестите пред Собранието наредните денови, кога се создаде кордон од жени хулиганки за да ги одбрани полицајците од фините деца.

    Ова колку да потсетам. Мај 2015 не беше толку одамна.

    Нејсе. Сите тие што Груевски ги нарече хулигани се уредни плаќачи на данок. Со нивни пари тој им плаќа на странските инвеститори да отвораат фабрики кај нас.  Значи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не бил загрижен за смртта на Мартин Нешковски. Не бил загрижен дури ни што се откри како тој и неговите прикриваат ладнокрвно убиство. Нему најголема грижа му била да не му пропадне странската инвестиција која истите тие хулигани треба да ја платат. Толку беше загрижен, што таа вечер мораше да ги промовира и водените топови што ги доби на подарок од Ердоган. Ама тоа не го направил за да се спаси себеси. Туку за да ја спаси инвестицијата.

    5 На истата претстава на која Груевски божем ништо не знае, ама божем за сѐ се интересира, бившиот премиер се загрижи и за здравјето на еден пензионер. Како беше? „Здраво Страхил, како со здравјето?“, праша Груевски, а Страхил му одговори „Јас сум Драган, а со здравјето сум добар. Страхил си замина“. И го потсети бившиот премиер дека на толку зборување заборавил да ги спомене бесплатното возење со жичарница и пензионерското скијање.

    Потоа имаше некои злобни забелешки дека всушност Драган е вистински  гласач, а Страхил е фантомски гласач, но искрено не верувам во таа приказна.  Не верувам и дека Страхил баш избегал од предавањето на Груевски. Така би се посомневал дека опаѓа дисциплината и контролата во партијата. Особено, што при крајот на претставата ни телевизиите не можеа да скријат многу празни столчиња. Нема тука енигма. Едноставно, можеби на Страхил не му издржала бешиката. И не само нему. Уште на повеќе од половина во салата.

    А премиерот Емил Димитриев беше таму на испрашување со министрите? Или јас не го видов. Да не си заминал и тој порано заедно со господин Страхил?

    И бидејќи од ваква претстава не може да направиш пародија, по којзнае кој пат се запрашав: Дали на сето ова некогаш ќе се смееме? Оти, Груевски можеби нема пак да биде премиер. Ама со груевизмот што правиме?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари