ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:52:"Имагаредае,насписочедае

    1.   Од каде ли излегоа овие директори на средни училишта што им се закануваат на своите ученици? Во кои ли лаборатории ги измислија овие полтрони? Што ако имаат завршено факултети, кога не им се дораснати на децата што сме им ги дале да ни ги учат? Ни како личности ни како карактери. Наместо да се хранат со младешката енергија од тинејџерите, тие ги силуваат и нив и нивните родители со стравот кој им го всадиле во политбирото што ги поставило.
    Децата на училиште учат граѓанско образование. Ова што сега им се случува на средношколците е практична настава. И соочување со реалноста. Дека не е сe така како што пишува во учебниците. Таму пишува дека граѓаните треба да се борат за своите права. И кога власта им се заканува дека ако продолжат да ја бојкотираат наставата, учениците ќе ги избркале од школо, а родителите ќе им ги казнеле со по 2.000 евра, средношколците го засилуваат отпорот.
    Зошто би ги казниле? Затоа што имаат свое мислење? Затоа што бараат средба со министерот за образование? Затоа што не сакаат оценките од екстерното тестирање, наменето за наставниците, да се книжат само како нивен неуспех? Затоа што бараат повеќе време за осмислување на концептот на матурскиот испит? Затоа што не се задоволни и бараат некој да ги сослуша? На крајот на денот, тоа е проблемот. Дека тие што ги носат одлуките за нивните животи не сакаат да ги сослушаат.
    Па и да не се согласувам со детето, морам да го почитувам неговото право да ми каже што мисли. Па после ќе се расправам. Оти децата не се глупави. Не можеш со сила да ги натераш да те почитуваат. Особено ако ти не ги почитуваш. И особено ако решиш да им покажуваш сила.
    Што очекува власта? Дека родителите нема да ги поддржат децата во нивните барања? Зошто? Затоа што така рекла партијата на власт? Мора стварно да изгубиле контакт со реалноста.
    На крајот на краиштата, тие деца уште утре ќе бидат гласачи. И што им порачува власта? Уште од мали нозе ги учи дека нема да ги почитува.
    Учениците ги прочитале и ги сфатиле лекциите од учебниците по граѓанско воспитување. Ама изгледа дека директорите тие учебници воопшто не ги отвориле. Да треба тие да полагаат матурски испит по граѓанско образование, сигурно би паднале.

    2.   На вести на телевизија нe убедуваат дека е добро да се учи математика. А кој вели дека е лошо? Математичарите и` требале на државата оти ќе се запишувале на технички факултети.
    И после, кога децата ќе научат многу математика и кога ќе завршат како инженери за нуклеарки, ако се добри, може девет години да чекаат да ги примат на работа. Само што ни тоа не е доволно. Ако те нема на списочето на партијата и ако си чесен, ама не се покоруваш, џабе ти се дропките што си ги решил. И магаре да е, од партија да е.
    Во Македонија од математика аир нема да видиш. Ќе ти се израдува некоја Германија или Холандија. Како што Шведска и Норвешка веќе им се радуваат на лекарите.

    3.   Синдикатот СОНК ќе ги казнува своите членови затоа што протестирале. Толку е апсурдно и бесмислено што може да е вистина само во Македонија.

    4.   Во екот на најголемата политичка криза во земјата, партијата ДОМ, на чело со нејзината лидерка Лиле Поповска, предложи во идниот состав на Парламентот да има 50 отсто жени. Така било во развиениот свет. Кризата во Македонија е локална. А Лиле мисли глобално.
    Во Собранието има 123 Индијанци. Ако треба половина од нив да се Индијанки, една Индијанка ќе извиси. Нема да има пар.

    5.   Не знам што е точно, што е делумно точно, а што е неточно во снимките кои ги пушти Заев во врска со амнестијата на хашките случаи во летото 2011 година. Не знам ни што е конструирано, што е лепено и што е монтирано. Ама за да се потсетам, си ги свртив старите текстови, и еве што сум напишал во “Сакам да кажам” на 23 јули 2011 година, таа недела кога Собранието на Македонија го изгласа автентичното толкување на Законот за амнестија во врска со хашките случаи.

    “Оваа недела се изнагледав сеир во Собранието. Си уживав додека гледав како најголемите патриоти и борци за македонштината ја бранат и ја гласаат амнестијата за воените злосторства од 2001 година. И им се чудев на умот на оние што во 2001 година ја спраштија на плажите на Халкидики и гледаа како најбезбедно, преку Плетвар, да стигнат до Охрид, како сега запалено ги бранат македонските национални интереси.
    Ова е пример за во учебник, со кој се покажува дека зборовите ‘политичар’ и ‘морал’ не можат да се најдат заедно во ист контекст. Ова е само уште еден пример што сe се прави за да останеш на власт и што сe си подготвен да направиш за да се вратиш на власт. За даночно затајување се лежи по седум-осум месеци во затвор уште во истрага. Ама кога треба да казниш некого што дигал во воздух чувари на мотел врзани за столб, некои што киднапирале и убивале цивили, малтретирале работници, тогаш тоа се решава со автентично толкување на законот.
    Туку, да не правиме веќе муабет за тоа за да не си скориваме јадови. Ако единствениот хашки осуденик Јохан Тарчуловски нема ништо против амнестијата за таканаречените хашки предмети, тогаш не знам зошто сите ние би имале против. Кога тој, што 12 години ќе скапува во затвор како единствен виновник за несреќниот конфликт од 2001 година, не само што не се жали туку му пишува писмо на премиерот да ги заборави злосторствата на тие од ‘другата страна’, тогаш зошто би се бунеле овие што седат во пратеничките фотелји?
    Единствено ми е криво дека во историјата ќе остане запишано дека само Македонците биле геноцидни и правеле зулуми. Оти само на Македонец официјално и судски меѓународно му е заверено некакво злосторство”.

    На 23 јули 2011 година напишав и дека штом вака крупни историски одлуки како што е помирувањето со Албанците, можат да се донесат со гласање во Собрание, зошто тогаш така да не го решиме и името. Со истите патриоти.

    “Кога вака, преку ноќ и без јавна расправа премиерот без и да се појави да каже нешто почна да ги решава историските тежини, дај и за името нека не нe малтретира со референдуми. Штом во третиот мандат решил да гледа напред за доброто на Македонија, нека му каже на Трајко да свика една седница на Собранието и нека ни прочита што се договорил со Грција.
    Влатко Ѓорчев ќе има неодложни средби со граѓани и ќе нема кој да држи патриотски говори. Другите ВМРО-вци ќе одат кој на мочање, кој на какање и нема да бидат во салата. Најголемите патриоти ќе бидат зафатени, качени по бандерите, како ги мерат знамињата за да се осигураат дека албанското знаме е за третина помало од државното. А Силвана Бонева ќе ни прочита некое писмо од иселениците до Груевски дека е време Македонија да тргне напред и да го смени името за да влеземе во НАТО и во ЕУ.
    И ќе биде така. Иако и Груевски нема да биде тука. Како и досега, кога требало да се потпише нешто шуќмуресто. За Законот за амнестија пред десет години гласаа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДПА и тогашното ПДП. Толкувањето сега го направија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. А позитивно мислење од Владата дојде потпишано не од премиерот Груевски, туку од вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски. Седницата на Владата во октомври 2008 година, на која се донесе одлуката за признавање на независноста на Косово, ја водеше тогашниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
    Договорот со Грција со променето име сигурно ќе и` припадне на идната вицепремиерка за евроинтеграции Теута Арифи. Или евентуално, на новиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
    Груевски за сe одлучува, а на ништо не се потпишува. Си поставува управители да се потпишуваат место него”.

    Во април 2015 година ново е што некои од имињата се сменети. Овојпат Пешевски нека потпише. И тоа со песна.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари