ГРУЕВСКИ vs ГРУЕВСКИ

a:2:{s:11:"td_subtitle";s:147:"Сѐдодекасудијасеонесвестуванараспитнабившминистер,изборинеможедаима";s:18:"td_quote_on_blocks";s:6:"Listen

     

    1 Како да одиме на избори ако дента, неколку часа пред  да се распушти Собранието, судија се онесвести додека испитуваше бивша министерка осомничена за уништување опрема за прислушување. Џабе зборат амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав за некакви реформи што не се направени и за многу работа што треба да се направи за една недела, кога ова е огледало до каде се стигнати реформите. На судијата му се слошило кога испитувал бивша министерка. А да го испитуваше бившиот премиер?

    Да се надеваме дека судијата ќе се опорави до 15 април, кога Трајко Вељановски треба и формално да ги распише изборите за 5 јуни. Туку, не разбравме од што му се слошило на судијата? Да не го извадила Гордана тефтерчето за време на распитот?

    2 Ќе има ли бојкот на изборите, или нема да има? Го слушнавте ли Заев дека кажал такво нешто?  Ако има бојкот, зошто тогаш не ги повлече членовите од  Државната изборна комисија? Ако има бојкот, што прават тогаш во Владата министрите и замениците од СДСМ? Особено што, техничката влада од денеска им ги укина сите одлуки. Им даваат легитимитет на изборите што самите ќе ги бојкотираат? Што му значи тоа повикување за создавање широк фронт за слободна Македонија? Фронт за што? За бојкот? Или за избори? Додека тој се заканува со фронтот, Груевски веќе направи контра фронт.

    Фронтот веќе постои. Се виде уште лани ова време. Како што минува времето, набојот ослабува. Чека СДСМ да се осмели да го поведе. Не може така – викни ги луѓето да прават фронт, а не знаат што со фронтот. Ќе протестираат ли, ќе блокираат ли улици, ќе ја гаѓаат зградата на Владата со јајца, ќе кампуваат ли, ќе ги пуштаат ли бомбите на разглас, ќе пишуваат статуси на Фејсбук, ќе расипуваат лифтови на денот на изборите, или баш тој ден масовно ќе уплаќаат претсезонски аранжмани за Грција…

    Во средата , кога пратениците од владејачките партии го распуштаа Парламентот, јас очекував овие од фронтот, ако ништо друго, барем да излезат на протест пред Собранието. Да дигаат врева, да пренасочеа сообраќај, да прават некаков притисок, да се видеше дека постојат. Не можеа. Ги претекна контра фронтот. ВМРО-вците се собраа ноќта пред седиштето на партијата и славеа дека ќе победат на 5 јуни. Ним не им беше доцна да се организираат на полноќ, а опозицијата не можеше да се организира уште претпладнето кога се собираа пратениците.

    Кај е тој незадоволен народ? Јас во средата вечер не видов незадоволни на улица. На Фејсбук имаше колку сакаш.

    3 Бојкот, бојкот – во ред. Ама што правиме до бојкотот? И што правиме после бојкотот? Како изборите на 5 јуни ќе ја решат кризата? Со создавање на нова криза? Какви се тие избори без опозиција? Какви се тие избори на кои нема да има избор? Владејачките партии ќе си се рекламираат сами на себе. Ќе си одат на ТВ дебати и ќе дебатираат сами со себе. Што ќе набљудуваат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР? Ќе известуваат дали некој полни кутии за да победат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? На оние од Мост и онака им испратија финансиска полиција да се занимаваат со отчет пред власта, па имаат попаметна работа од набљудување. Кога Груевски ќе излезе да се бори сам против себе, кој ќе победи? САД и ЕУ во заедничка изјава ќе му честитаат на победникот и ќе му посакаат озаконетата диктатура да не ја практикува многу ригидно, оти ќе биде загрозена евроатлантската интеграција на државата. И потоа,  ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ ќе направат влада на ептен национално единство и заедно со опозиционата ДУИ ќе ја внесат Македонија во НАТО и ќе почнат преговори за членство во ЕУ.

    Звучи шашаво? Не гледам зошто не би функционирало.

    4 Со сето оружје што го има во рака, Заев седи во ров. Уште чека да го напаѓаат. Се жали дека не било фер. Па не е фер. Животот не е фер, особено во Македонија, кога една партија ги има киднапирано сите делови од секојдневното живеење. Од политика до спорт, од естрада до алтернативна уметност.

    Помина времето кога се повикуваше на совест, на морал, на етика… Таа приказна заврши лани ова време. Уште кога за прв пат ги чувме бомбите, видовме каков е моралот и каква е совеста на актерите од власта што ги слушавме во прислушуваните разговори. Демек, после сѐ што чувме, тие ќе се засрамеле. Оти ќе оделе на избори, а реформите не се направени. Како не, бе…  Гордана Јанкулоска се спрема пак министерка да биде, а ние за некаков срам зборуваме.

    Не можеш тоа да го очекуваш од нив. Почни од Груевски, продолжи преку неговите најблиски што ќе му кршеа телефони од глава, па преку оние најниски извршители по месните комитети задолжени за испраќање заканувачки пораки по телефон ако не се оди на митинг или контрамитинг, па сѐ до оние со сендвичите, што ги жалиме дека биле уплашени за платата и за работните места. Е па никој не е за жалење. За жалење е иднината на нашите деца. Оти нашата иднина си ја запечативме сами. Чекајќи тие од власта да се засрамат.

    5 Груевски вика доста беше. И моли ова да престане.

    Го разбирам. Нему ова му е веројатно најтешка година во животот. И затоа брза да направи какви-такви избори додека уште го има стапот во рака. Да победи по секоја цена. Макар трчал и сам против себе. Доста беше Специјалниот обвинител да  му дише во врат.

    6 Дури судија се онесвестува на распит на бивш министер, претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков го крие имотниот лист на бившиот премиер. И тоа како го крие. Најпростачки. Одвај се воздржа да не ги опцуе новинарите што побараа да го видат имотниот лист на Никола Груевски, откако веќе не е премиер.

    Ги праша новинарите: „А зошто вас ве интересира неговиот имотен  лист кога тој веќе не е функционер?“ А зошто па тој го брани Груевски, кога веќе не е функционер? И зошто бранејќи го, го крши законот?

    Полесно ќе му беше и тој да се онесвестеше како судијата. И како што самиот рече: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме, за век и векови, амин“.

    Ете затоа не треба да има избори на 5 јуни.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари