ГУБЕЊЕ ВРЕМЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:202:"СамоуштеАнгелаМеркелдасоставивладаи,конечно,АмерикаиГерманијаќеможатнамцелосноданисепосветат

    1 Кому воопшто му е гајле дека Европската комисија препорачала Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ? Поготово по петти пат. Освен, се разбира, на власта, која може да се пофали дека повторно и било дадено признание за нејзината работа, и на опозицијата, која во извештајот ги чита оние реченици кои почнуваат со “Ама…” или со “Но…”. И нам новинарите, за да можеме да изброиме колку пати оваа година била спомената придавката македонски. И да изброиме во колку точки пишува дека нешто чини, во колку дека нешто не чини, за да сумираме дека и да не чини, ништо од забелешките нема да важи ако се реши проблемот со името.
    Што им значи извештајот на обичните граѓани на Македонија, на кои се повика и еврокомесарот Филе? Апсолутно ништо. Нам и онака животот ни поминува во чекање извештаи. После октомврискиот извештај на Комисијата, ќе го чекаме декемврискиот самит на ЕУ. Па после ќе дојде априлскиот извештај на американскиот Стејт департмент, па јунскиот самит на ЕУ, па повторно октомврискиот извештај на Европската комисија…
    И кога Филе од Брисел ќе рече дека “граѓаните на ПЈР Македонија губат многу време”, тука никој не се вознемирува. Оти кај нас чекањето е традиција. И во песни е опеано. Па ние пет века сме исчекале под турско. Во Втората светска војна сите околу нас дигнаа востанија во летото 1941, а ние чекавме да дојде октомври. Во 1991 година Словенија и Хрватска избегаа од Југославија уште на почетокот на летото, ние го чекавме септември за да залади…Не ни се брзало. Времето во Македонија ништо не значи. Оти Македонија е вечна.
    2 Навистина време има. Ама зошто да го трошиме на чекање? Сигурно има и поглупави работи на кои може да се потроши времето во Македонија. На пример, кога двете најголеми партии во државата сите свои интелектуални ресурси ќе ги насочат кон некојси Шипо.
    Кој го знаеше Шипо, додека не го уапсија во Виена, и тоа на пат од Америка кон дома? И зошто го уапсија? За да го вратат дома.
    Овие од ВМРО навистина с што ќе замислат, можат да реализираат во дело. Па дури и кога ќе решат некого да направат славен, ќе го направат по меѓународни стандарди. Во недостиг на нови ликови од СДСМ, го прославија Милорад Шиповиќ. Човекот бил долги години претседател на општинската организација на СДСМ, ама кој знаел за него? Сега Заев, и да сака да го смени, нема да може, оти Шипо станал битен човек. И тоа не само во партијата и во земјата туку неговото име се расчу и на интернационално ниво. Затоа што сите умни глави на СДСМ цела вечер расправале за Шипо, а следниот ден градоначалникот на Центар Андреј Жерновски им пиша писмо на амбасадорите во земјава. Сега Вашингтон, Брисел, Париз и Берлин ги ангажираат нивните дипломатски машинерии да видат дали и што се крадело во “Машинопромет”, с со крајна цел да се одблокира Советот на Општина Центар. Пред каков сериозен предизвик е меѓународната заедница, ни сама не е свесна.
    А бе еден е Шипо. Така барем скандираа оние двестетриста поддржувачи на СДСМ пред Судот во Скопје. Башка, приказнава допрва ќе се развива. Те екстрадиција, те чекање на аеродром, директен пренос, те барање слобода за Шипо, те судење, те ВМРО ќе се жали на СДСМ дека врши притисок врз судиите… И на крај с ќе биде како што требало да биде. Освен фактурата која ќе ја испорача австриското Министерство за правда. Оти еден е Шипо. Него го чуваат по меѓународни стандарди.
    3 И додека двете најголеми македонски партии се занимаваат со Шипо, Албанците, и од Македонија и од регионот, си бркаат работа. Али Ахмети не губи време во берење калинки. Албанија добива статус на земја кандидат за ЕУ. А за Косово Брисел порачува дека наскоро може да ги почне преговорите за асоцијација и стабилизација. Еј, Косово што с уште е полудржава, што не е членка на ОН, и не е признаена од неколку државичленки на ЕУ, меѓу кои и од Грција.
    4 Стоматолошката комора на тројца стоматолози им ја одзеде лиценцата за работа на четири години. Затоа што примале плата од државна институција, а работеле и приватно. Па работеле. Лекувале пациенти настрана. Не убиле човек. Не ограбиле пошта.
    Казни ги парично. Избркај ги од работа. Ама на некој колега да му одземеш четири години живот, плус две за преполагање, само затоа што лекувал и приватно, е тема за сериозно размислување. Сепак, станува збор за стоматолози. Од што ќе живеат тие луѓе наредните шест години? Семки ќе продаваат? Бостан ќе садат? Или ќе бегаат од земјава. И ќе чекаат министерот за здравство да ги повика пак да се вратат назад.
    5 Цела недела сон не ме фаќаше. Оти Конгресот на САД не можеше да го донесе буџетот. И многу се израдував кога слушнав дека сенаторите се договориле. САД нема да банкротираат.
    Е сега уште и Ангела Меркел да состави Влада во Германија, па ќе можам ептен да здивнам. Оти, конечно, Америка и Германија ќе можат нам целосно да ни се посветат. Кога знаеме дека Вашингтон и Берлин мислат на нас, ние можеме на раат да си ја чекаме шестата препорака за почнување на преговорите со ЕУ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира