ХИВ ПОЗИТИВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:172:"ПратетеимпаринароднинитештозаминалевоГерманијаивоКанада.Нееубаводавизавидуваат

    1.  Кога ќе добиеш команда за позитивна мисла, и на лошите работи може да гледаш од ведрата страна. Па така и советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Битола Соња Трпезановска, на седница на Советот на Општината откри зошто во битолските училишта има сè помалку ученици. Таа рече дека “со укинувањето на визите за европските земји, а визите се укинаа благодарение на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се отвори европскиот пазар на кој секој со своето образование и квалитет може да конкурира”. И не запре тука. Туку објасни и дека со помалку ученици во паралелките децата поефикасно и подобро ќе научат. Тоа, веројатно, ќе им овозможи на децата уште поквалитетно образование за да може полесно да најдат работа во странство.
    Ова ме потсети на една телевизиска анкета за СИДА, чинам беше правена на Косово, каде што новинарка ги прашуваше граѓаните дали е подобро да си ХИВ негативен, или ХИВ позитивен. На што еден од анкетираните, без размислување, одговори: “Па ХИВ позитивен, нормално. Секогаш е подобро да бидеш позитивен”.
    И кога веќе ќе те понесе позитивната мисла, таа не може да запре само во Битола. Расправата за иселувањето од Македонија вреди да се прошири и надгради. Па може да се каже и дека благодарение на политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со субвенциите од македонскиот буџет за унгарска авиокомпанија обезбедени се евтини летови до десетина традиционални гастарбајтерски дестинации низ Европа. Што убаво. Укинуваш визи, ги школуваш децата, со наши пари обезбедуваш странец да продава евтини авионски карти, и така го помагаш иселувањето од Македонија. Дуинг бизнис.

    2.   Кога ќе се разбудиш со позитивна мисла, дури и смртта на родилката и нејзиното бебе во Гевгелија може да ја гледаш од позитивен агол. Двајцата анестезиолози на операцијата биле пијани. Сега се избркани од работа. Тие биле единствените анестезиолози во болницата. Така што во Гевгелија сега нема ни трезен ни пијан анестезиолог. А како што рече директорот на болницата, во изминатите девет години, колку што е тој директор, ниту еден лекар не бил испратен на специјализација.
    Ако нема анестезиолози, ни хирурзите во болницата немаат работа. Нема анестезиолози, нема операции. Ако нема операции, така и шансите пациент да умре во операциона сала се сведени на нула. Така и министерот за здравство Никола Тодоров нема да биде крив.

    3.   По низата несреќни случаи во државните болници, премиерот Груевски рече дека “за работата на министерот Тодоров треба да одлучат граѓаните на избори”, а “несреќните случаи се нешто кое треба да го решат институциите, а не политичарите”.
    Која институција досега решила нешто во јавното здравство? Истрагата за смртта на Тамара сè уште е во тек? Што викаат институциите?
    Баш е интересно кога премиерот се повикува на институциите. Божем институциите се паднати од Марс. Кога Груевски шета по селата со микрофонче и камера и се јавува на телефони и дава наредби на полиција, на инспекторати, на државни фондови, тогаш тој е институција. Тој ги решава проблемите на граѓаните. А кога нешто не се вклопува во приказната за позитивна мисла, тогаш институциите ќе го решаваат проблемот. Што треба? Кога ќе ти се пораѓа жената во државна болница да му се јавиш на премиерот за да обезбеди да излезе жива од таму? Или Груевски веќе не е институција?

    4.   Ова кога Груевски се повикува на институциите е исто како што спикерот Трајко Вељаноски, на прославата на 70-годишнината на Врховниот суд објаснува дека божицата на правдата Јустиција симболизирала дека сите се еднакви пред законот и судот. И дека судската власт морала да работи “максимално транспарентно во корист на граѓаните, а не во корист на некои парцијални интереси”. Па се пожали дека сега сме живееле во “турбулентен период во кој ни се случува организирано создавање на недоверба во сите институции”.
    Тоа Трајко го кажа. Трајко – институцијата претседател на Собрание. Оној Трајко што стана славен на 24 декември 2012 година. Оној ден кога институцијата Трајко нареди полиција да ги натепа опозиционите пратеници и да ги избрка новинарите од домот на народните претставници.
    И Трајко што го чувме во бомбите. Како институцијата пратеник ја вика “Индијанци” и “нашиве македонски Индијанци”. Чувме и како самиот се чудеше како Ушковски одвај поминал кај општинските комитети за да влезе во Судскиот совет. Тоа е онаа институција што избира и разрешува судии. Сега истиот тој Ушковски е претседател на Судскиот совет. И Ушковски е институција. Држи трибини за независност на судството. На тие трибини судиите се жалат дека најмногу притисок им вршат новинарите. А на притисоци од бизнисмени и политичари не се жалат. Оти тоа не го доживуваат како притисок. Туку како ќар. Така е нормално штом веќе си поминале без притисоци низ општински комитети.

    5.   Следниот пат кога Владата на телевизија ќе се пофали дека сме напреднале во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис и дека сме пред Германија, Канада и уште стотина други земји, фатете се за џебот. Видете си ги сметките на картичките, разгледајте во какви услови живеете, одете во самопослуга, платете си ги дрвата за огрев, пресметајте дали имате за одмор, планирајте планина на зима, планирајте море, езеро на лето, не плашете се дека ќе ве умрат во државна болница оти имате пари за приватна, на децата купете им зимски чевли, запишете ги на англиски да не се срамат по светот… Па ако нешто ви остане, може и да тргнете настрана за веселби, за старост, за внуците… И ако ви остане вишок, помогнете им на тие на кои не им оди толку добро бизнисот. Пратете им пари на роднините што заминале во Германија и во Канада. Не е убаво да ви завидуваат.

    6.   Многу се потресе Груевски од симболиката на амбасадорите што дадоа изјава пред Владата додека тој беше во Дубаи. Туф, туф, амбасадорите ги извадиле дипломатските ракавици. Ни открија дека го замолиле Груевски да проба да го спроведе договорот од Пржино. Оти, сепак, е премиер.
    Да не мислеле дека со симболика ќе го засрамат? Искусни дипломати се. Сигурно знаат дека него срам не го поместува. Него само страв го поместува. И на неговото гласачко тело не му треба ни симболика ни метафори. Шесто денари во пензијата сè уште се појаки од симболиката на амбасадорите. Макар и знаеле дека тие 600 денари значат уште 600 што треба да ги враќаат внуците.

    7.   Во празничниот говор за 23 октомври, премиерот откри една многу важна работа. Не знам дали му се испушти, или намерно кажа дека “додека нè критикуваа дека нема слобода, тие самите докажаа дека има слобода, и тоа дека има баеги слобода”.
    Колку е тоа баеги слобода? Кој кажува колку е баеги и колку е слобода? Што да мислам за премиер кој мисли дека постои такво нешто како баеги слобода? И со позитивата се претера.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари