И ТОЧКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:130:"Акосакатесонас-фатетесезаработа.Аконесакате-бркајтесиработа

    1. Што не е јасно во реченицата: “Сите земји од Западниот Балкан ќе имаат можност да влезат во ЕУ ако ги исполнат условите за пристап”. Значи – АКО ги исполнат условите. Ако не е јасно, еве појаснување: “Германија е свесна за нејзината одговорност за мирољубива, стабилна и демократска иднина заснована врз владеење на правото и ќе продолжи да го поддржува регионот на неговиот пат кон оваа иднина”. Што е тука нејасно за иднината? Значи, иднината е – ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО.
    Ова е дел од завршната декларација на Ангела Меркел на конференцијата за Западен Балкан, која во Берлин се одржа во четвртокот. И џабе сега СДСМ ќе толкува едно, ВМРО-ДПМНЕ друго, џабе муабетите дали во некоја реченица Германците мислеле на Македонија, или не мислеле на Македонија, џабе ние сме добри, другите не чинат, Грците се криви…
    Има нешто нејасно? Толку е брутално јасно и недвосмислено кажано, што не ни дава можност да се правиме глупави дека не сме разбрале. Единствената утеха е дека ова не се однесува само на нас туку на сите земји на Западен Балкан. Јака утеха.
    На пример, мене ич не ми е утешно кога Германија ни кажува дека освен разрешување на отворените билатерални и внатрешни односи, потребно е “помирување и внатре и меѓу општествата во регионот”. Колку и да сакаме да прикажеме дека ни цветаат илјада цветови, и од Берлин се гледа дека тука нема основа по која не сме поделени. Внатре особено.
    Година и пол по 24 декември, опозицијата тотално се соживеа со улогата на жртва и заборави дека и таа има одговорност за тоа каква ќе биде државата. А ВМРО-ДПМНЕ се соживеа со улогата на неприкосновен владетел кому никој ништо не му може, и исто така ја заборави одговорноста за создавање услови за нормално демократско функционирање на државата. И еве што има Берлин да им каже на таа тема и на власта и на опозицијата: “Во плурална демократија, опозицијата мора да може да ја игра својата улога во парламентарната рамка, и исто така, мора тоа да го сака”. И повторно – што не е јасно тука? Мора да може. И мора да сака. И точка.
    И што не е јасно и во следниов заклучок од декларацијата: “И политички активно граѓанско општество може да овозможи конструктивна поддршка за натамошното зајакнување на демократските заедници во овие земји и така да ги приближи до ЕУ. За тоа се потребни плурализам на медиумите, независни синдикати и стопанство кое ќе ја исполни својата улога како дел од заедницата, ослободено од политичко мешање” . Кој не се препознава во овој заклучок?
    Ако сепак некој најде место за да не се препознае, еве уште еден заклучок за крај. “Овие земји мора да ги засилат мерките за борба против корупцијата и организираниот криминал, како и за натамошни реформи за зголемување на правната сигурност и да ја потврдат и засилат независноста на судството”. Многу пати чуено, здодевно, ама – тоа е тоа.
    Ние можеме да им се лутиме на Германија и на ЕУ дека се дволични, дека имаат двојни стандарди, дека правилата на игра за тие што се внатре се различни од правилата за тие што се надвор. Им се лутиме и за името и за попустливоста кон Грција. Ама тонот на оваа декларација е многу јасен. Љубезен е, ама непопустлив.
    Ние ви кажавме што не ви чини и веќе не прифаќаме оправданија. Ако сакате со нас – фатете се за работа. Ако не сакате – бркајте си работа.

    2. Тоа што имаше мала тепачка во Собранието на Македонија е колку да не изумреме од досада. Нели цело време се жалиме дека откако ја нема опозицијата, работата на Собранието е предвидлива и не заслужува внимание. Па ДУИ и ДПА направија мала драма. Беше тоа фина жестока размена на мислења и идеи. А богами, забавна и за око.
    Всушност, тоа и не беше тепачка што заслужува големо политичко вознемирување. По 24 декември 2012 година веќе ништо не може да се квалификува како сериозна тепачка или сериозен инцидент во Собранието.
    Спикерот Трајко Вељаноски даде јавна опомена до некои неименувани пратеници. Што сакаше да каже Трајко со опомената? “Не може во Собрание да се тепа секој што ќе посака. Може да се тепаат само тие за кои јас ќе дадам дозвола”.

    3. Додека сите за занимававме со тепачката, кој кому му ја опцул жената, кој мајката и кој опцул сè по список, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ си ги изгласаа и амандманите на уставните измени.
    Во деведесеттите години, во најраните денови на парламентарна демократија во Македонија, паметам дека имаше повеќе дебата за промена и на најмали ставови и алинеи во законите. А сега Устав се менува без збор дебата. И без опозиција.
    И ај сега пак да ја преведеме пораката од Берлин: “Во плурална демократија, опозицијата мора да може да ја игра својата улога во парламентарната рамка, и исто така, мора тоа да го сака”. Значи, не – би требало, би било убаво, се препорачува… Туку -МОРА.
    Да се утешиме. Ова можеби се однесува за други земји на Западен Балкан.

    4. Министерот за здравство Никола Тодоров се појави со идеја за слободни здравствени зони. Државата ќе стимулира странски инвеститори да градат болници во кои ќе се лекуваат странци. Тој рече дека такви болници имало во Дубаи, Турција и во Јужна Кореја.
    Ај што државата со наши пари ќе им плаќа на странци да отвораат болници во Македонија туку и лекувањето ќе биде забрането за македонски граѓани и за граѓаните на Косово. Значи, со македонска лична карта нема влез во болницата, ама ако имаш бугарски пасош, може. Или, нашите деца нема да можеме да ги лекуваме таму дури и ако имаме да платиме, ама децата на министрите и на пратениците што ги родија во странство ќе можат.
    Сето тоа ќе биде на наша сметка, оти од буџетот ќе им се дава на странците до половина милион евра за изградба на болницата. Владата ќе финансира 50 отсто од трошоците, или од платите на вработените во следните 10 години, а странските газди ќе бидат ослободени и од плаќање данок. Нема да плаќаат ни ДДВ ни царина за медицинска опрема и лекови.
    Да преведеме. Македонија, која цел месец не може да го најде изворот на бактеријата листерија од која умреа шест луѓе, и во која пред почеток на школска година се прогласи епидемија на жолтица, ќе дава милиони евра на странци за да изградат болници во кои ќе се лечат само странци и Македонци со двојно државјанство.
    И сега ние треба да му аплаудираме на министерот за оваа идеја? Да сме среќни оти дома, во сопствената земја нема да можеме да се лекуваме, ама странците ќе се лекуваат со наши пари? Да. Оти Владата ќе нè убеди дека тоа го прави за наше добро.
    Болна работа.

    5. СДСМ продолжува да остварува со несмален интензитет. Во средата станале многу рано и уште во 10 саат сабајле и 14 минути го честитаа верскиот празник Голема Богородица. Тоа е цел час и половина пред честитка да испрати ВМРО-ДПМНЕ. Дури и државната агенција МИА беше збунета од будноста на опозицијата за ова толку сериозно прашање. Па го чекаа ВМРО-ДПМНЕ во 11:49 да го честита празникот. За да можат, како што е редот, во оваа држава прво да ја објават честитката на владејачката партија.
    Арно ама, СДСМ не запре само на честитање. Попладнето пуштија и слики со соопштение дека членовите на раководството го поминале големиот верски празник меѓу народот. Демек, работно. Заев, Рада и Оливер палеле свеќи.
    Не знам како може палењето свеќи да им помогне на Заев и на Шеќеринска? Што се пикаат во тема каде што Груевски суверено владее?

    6. На некоја од телевизиите одеше анкета за празникот Голема Богородица. Репортерот го прашуваше граѓаните што палеа свеќи за што се молат. Неколкумина одговорија дека на Богородица и` се молат за да им се вработат децата.
    На погрешна црква се молат. Треба во партија да молат.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари