ИДЕ ЗИМА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:134:"Ќеувезувамепензионери.ДаумратвоМакедонија.Којоджал,којодсмеење.

    1 Времето викендов ќе биде убаво. Во вторник ќе врне. А за среда ќе видиме. Иако една долгорочна прогноза, чинам дека беше германска, која ја пренесоа македонските медиуми, вели дека ни претстои страшна зима. Дури во април ќе стоплело.
    Оваа суштинска информација беше пренесена многу лежерно. Веројатно, затоа што не содржи класифицирани елементи. А и никој не ги предупредил новинарите да внимаваат како ќе известуваат за времето. Дури дозволено е да се распрашуваат и кај други експерти од различна провиниенција да дадат свое мислење за оваа прогноза. Оти имало научници што се сомневаат во ова предвидување и не се плашеле да го кажат тоа. Дури и тие смеат да бидат прашани.
    Друго прашање е ако некој истражувачки настроен новинар посака информацијата за времето да ја прошири со други теми. На пример, да истражува колку ќе чини кубик дрва, ако потрае зимата. Дали цената на нафтата за домаќинство ќе порасне? Дали Регулаторната комисија ќе држи вонредна седница? Дали ќе издржи електросистемот? Ќе има ли парно?
    Ама, да не влегуваме многу во политика. Зима си е зима. Ќе биде студено. Мравките навреме си се собираат.
    2 Не можам да се сконцентрирам на прогнозата за времето од бучавата која ја креваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со тендерите на Заев. Станува тешко да се следи. Уште не си разбрал што кажал едниот, веднаш одговара другиот. Ти си давал тендери на свои роднини. И ти си давал. Ти си крадел. И ти си крадел. Сум крадел, ама и сум градел. Татковци, браќа, сестри, снаи, братучеди, пријатели, познајници, пријатели на познајниците… Власта напаѓа, а опозицијата се брани. Ај што се брани туку се правда дека тендери давале и на ВМРО-вци. А како поинаку да се делат пари, ако не по партиска линија?
    Некој објави дека познатиот британски пи-ар мајстор Алистер Кембел, кој му беше директор за комуникации на поранешниот британски премиер Тони Блер, ќе бил ангажиран за кампањата за СДСМ. Кембел веднаш демантираше.
    А што ќе му е на СДСМ пи-ар? Ним не им треба некој да им ги промовира идеите. Ним им требаат идеи. Не им треба пи-ар мајстор. Им треба проект мајстор. Кој ќе им нацрта што сакаат и ќе ги фати за уши да го спроведат нацртаното.
    Груевски имаше проекти. Не мора да се согласуваме со сe што вети во неговата програма, но тоа што го вети – го направи. Има работи кои мене лично не ми се допаѓаат. И за кои никогаш не би гласал. Ама факт е дека тоа што го напишал – го спроведува. Тоа не може да се оспори. И тука не зборуваме за квалитет на еден проект наспроти квалитет на друг. Оти во моментов имаме само еден проект што се остварува, каков и да е тој. А проект од СДСМ чекаме веќе осма година.
    На Груевски му требаше време, ама на власт дојде со идеја. И сега толку се осили, што главниот проект му е како да ја оцрни и омаловажи опозицијата. И му успева. Оти ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи за СДСМ отколку што СДСМ-овците се грижат за СДСМ.
    Како ќе натераат некого надвор од нивното партиско членство да гласа за нив? Со тоа што ќе плачат, па некој ќе се сожали? Со тоа што ќе се правдаат дека како опозиција не можат ништо да направат? Па за еден абортус немаа став. За лустрацијата се направија ненадлежни, оти не го признавале тој закон. Против уставните измени кои ги бараше Ѓорчев за бракот, смислија најглупави образложенија.
    Главниот проект им е да се одбранат од ВМРО. Осум години плачеа и се жалеа, а сега се правдаат. Ебате понудата.
    3 Покрај на многу други полиња, Македонија, според она што го чув на една телевизија, е “лидер во регионот, па и во светот по некористење на контрацептивни средства”.
    Чудно. А наталитетот никако да се зголеми. Изгледа тајната е во брзината. Брзи сме на вадење. Иако мислам дека можеме да бидеме и лидери во неискреност. Таа е повеќе спремна да роди дете од некого, иако не го сака, отколку да му каже дека нема да му даде ако не стави кондом. А тој повеќе е спремен да се ожени со неа, иако не ја сака, ама важно бил фраер и не ставил кондом.
    Македонија е позната и по тоа што ниту еден лек од палетата на антибеби пилули не може да се добие без пари. Затоа мора да се направи баланс. Додека не се обезбеди уставна гаранција за брак само меѓу маж и жена, парите за бесплатни антибеби пилули ќе одат на спонзорирање песни за правење деца.
    Лидерството во некористење на контрацепција, потврдено од УНИЦЕФ, во комбинација со политиките на Владата за многудетно семејство, ќе изроди нов проект “Остани во мене, душо”. Прашајте ја само Калиопи, не сакам да си имам проблем со авторски права. Таа го има опеано тој момент.
    Некористењето контрацепција е запишано во генетскиот код како вечен македонски синдром на страдање и самоизмачување. Да прекинеш кога ти е најубаво. Е па доста е страдање. Остани во мене, не вади го предвреме.
    4 Имаме два филма. Ама ниту еден нема да оди за номинација за Оскар, оти филмаџиите се скараа меѓу себе.
    Убаво што се скараа. За овој Оскар нема да конкурира македонски филм. Ама следната година, оние од Друштвото на филмските работници нека не се бунат ако Владата им реши кој филм да оди.
    5 Додека не ги изгледа филмовите, Владата, во меѓувреме, ќе поддржува изградба на домови за старци за странски државјани. Нашите пензионери на бања, странците во старечки дом.
    И тука може да се смисли кампања во духот на културното наследство. Да дојдеш во Македонија, и да умреш. Ќе умираат. Кој од жал, кој од смеење. Дури и името на проектот може да биде “Т’га за југ”. Се надевам дека “Тиквеш” нема да има ништо против. Оти Константин Миладинов одамна не е со нас.
    Увозот на пензионери ќе го покриеме со извоз. Бидејќи нашите пензионери ни требаат дома за да ги крпат дупките од буџетите на поширокото семејство, ќе извезуваме млади школувани кадри со факултет. Многумина не можеа да ја дочекаат размената. Сами си заминаа.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира