ИНДОКИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:175:"Во21векМакедонијазасиленоитакон19век.Сооватемпоисоовојпаметбрзоќестигнеидо18-тиот

    1. Државата се надмина себеси. Кај што е најголем клиент за секој бизнис, кај што е најголем огласувач, кај што е најголем лекар, кај што е најголем едукатор, кај што е најголем судија, сега стана и најголем сводник. По Општина Свети Николе, која прва одлучи да дава субвенции од 30.000 денари за мажи над 40 години што ќе си најдат невеста, и Општина Лозово ќе дава по 20.000 денари за старите ергени и за немажените моми над 35 години. Во Лозово дури и приватниот сектор ја поддржал иницијативата, оти Зегин ќе дава по 50 литри ракија и по 100 литри вино за свадба на субвенционираните ергени и моми.
    Градоначалникот на Лозово Орце Цветковски рече дека одлуката стапува во сила веднаш, и се очекува да се зголеми наталитетот во Општината. Се гледа дека Општината направила физибилити студија и опсежна економска анализа, затоа што градоначалникот открива дека тој лично веќе посредува старите ергени да добијат невести од Албанија, што чини повеќе од 700 евра. “Јас се занимавам со овој проблем веќе четири години”, откри Цветковски. Вели дека кога видел какви проблеми имале неговите балдаза и прв братучед со нивните синови, одлучил да им донесе невести од Албанија. “Кога видов колку се тие среќни, си зедов обврска да бидам, на некој начин, координатор за источна Македонија”, изјави Цветковски и додаде дека ќе најде невести за ергените, “па ако треба и момчиња за момите, иако се помалку”.
    Имам неколку прашања за оваа длабоко промислена иницијатива:
    По кој критериуми субвенциите важат само за мажи над 40 години и за жени над 35 години?
    Кој ја одредува границата кога некој станува стар ерген, а кога стара мома?
    Каде ќе си ги најдат жените и мажите за да се квалификуваат за субвенции? На пазарот на трудот, на берзата за размена на услуги, на корзо, во самопослуга, во кафеана, на пазар, на нива, на улица, во партија, или преку градоначалникот лично?
    Дали невестите мора да се од Албанија или може да бидат и од Авганистан, од Сомалија, од Нигерија, од Сирија, Ирак…?
    Дали на кандидатите за субвенции ќе им бара спермограм, за да не бидат парите што се собрани од граѓаните од локалната самоуправа испукани како ќорфишек?
    Со оглед дека целисходноста на овој проект е да се зголеми наталитетот, дали градоначалникот прв ќе ја проверува пратката со невести, или таа задача ќе ја сподели со советниците?
    Ако е за демографски бум, дај да ги почекаме Индијците во Џумајлија и Кинезите што ќе го градат автопатот во Свети Николе. Па преку ноќ од Овче Поле ќе направиме Индокина. Оти вака, сводништво со државни пари, во најмала рака, е еден мал етички проблем.

    2. Добро, има ли Уставен суд во оваа држава? Има ли женско лоби во Парламентот? Има Народен правобранител? Има ли државата потпишано некакви меѓународни конвенции за спречување трговија со луѓе? Има ли невладини организации кои се занимаваат со заштита на човекови права? Или не добиле пари од странците да се жалат за тоа што државата станува сводник? Може има, ама изгледа дека и тие чекаат субвенции.

    3. Оваа дебата која се разви за една фасада во центарот на Скопје, која не е барокна туку шарена како папагал, само уште еднаш покажува дека во 21 век Македонија засилено ита кон 19 век.
    Бидејќи веќе не е доволно да се караме дали фасадите треба да се барокни или модерни, сега ќе преминеме во караница дали се во албански или во ромски стил. Оти, нели, за едните сe што е барок е убаво, а сe што не е, е грдо. А за другите сe што е барок е кич, а се што не е барок е убаво. Па сега стиловите кои беа поделени по партиска линија, ќе се надградат со поделба и по етничка линија.

    4. Завчера имавме проблем да најдеме судија што ќе сака јавно да го коментира контроверзниот правилник за судски пресуди кој го предложи Владата. Од 700 судии, само неколкумина се одважија да дадат изјава за одлуката на Владата да се донесе правилник за висината на казните за кривичните дела, па макар и да го пофали.
    Не треба да си судија за да знаеш дека судската власт е власт. Независна од законодавната и од извршната власт. И рамноправна со нив. Зарем судиите не сфаќаат дека ова нема врска ни со ВМРО-ДПМНЕ ни со СДСМ? Очигледно не сфаќаат, штом така лесно се откажуваат од својата власт и отвораат простор да им ја преземе друга власт. Судиите ќе дозволат да суди партијата. Со ова темпо и со овој памет Македонија брзо ќе пројури и низ 19 век. Па ќе стигне до 18-тиот.

    5. Владата ги пребројува новинарите. Бара списоци од членовите на новинарските здруженија. Зошто? Да се знае кое стадо колку овци има? И кое прво ќе стигне за колење.

    6. На некој чуден, магичен начин. власта го препознава, го вади и го засилува најкомформистичкото во Македонецот. Она овековечено во поговорката дека наведната глава сабја не ја сече. Најдена е формулата да се одржи спрегата со најлошата особина и мрзеливост на духот, што се одликува во она самоуништувачко мото: “Седи си мадро, свиркај си, не прашувај многу и фаќај си сеир”. Важно е да има за лепче, да капне и за солца, Господ дал и салата и ракија за ручек, малку одморче на Халкидики, па и да се појавиш на еден контрапротест, нема да ти се срони бисерот, ако треба и гласачко ливче ќе сликаш, нема да уриваш ѕид со глава, имаш деца за гледање…
    Кога еднаш некому ќе успееш да му ја разбудиш и да му ја негуваш таа карактерна особина, тогаш и баба ми може да го убеди дека остварува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари