ИНТЕРГАЛАКТИЧКИ РАРИТЕТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:55:"Готовое.ГасетегоИнтернетот

    1.   Што е? Прибе во извештајот не напиша дека до следните избори не треба да има тепачки по улици, по плоштади, по трговски центри и по автобуски станици, па полицијата не мора да ги фати насилниците. Додуша, во МВР велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите. Исто како што преземаат и за пронаоѓање на насилниците што го демолираа ЛГБТ центарот, а пред тоа и Општина Центар.
    Не е баш дека не ја бива полицијата. Ако успеа да ги открие борците од Исламска држава во Македонија, сигурно може да ги најде и уличните хулигани. Да украдеа ќебапчиња, може и ќе ги фатеа. Ама тие биле маскирани. Па да. Носат фантомки затоа што полицијата ги знае, па да не може веднаш да ги препознае. Да се покажат и на втора тепачка.
    Во акциониот план за спроведување на препораките на Прибе за нормални избори на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ не е предвидена задачата да престане анимирањето на најпримитивните гласачи. Денес “Смрт за Шиптари”, утре “Смрт за каури”, па задутре ете ти потреба од некој нов Охридски договор.

    2.   Груевски најави дека пензиите ќе се зголемат за пет проценти. Не ќе да е баш така. За пет проценти ќе се зголеми масата пари што се одвојува за пензии. Па после тие пари ќе им се поделат еднакво на сите пензионери. И најмалите и најголемите пензии ќе добијат по плус 600 денари. Класична уравниловка каква што беше направена и минатата година. ВМРО – Комунистичка.
    Не ќе да е дека премиерот Груевски не знае да работи со проценти. Чувме од бомбите дека знае. Така што тој добро знае дека пензиите не се зголемуваат за пет проценти. Ама вака му одговара пред избори.
    За волја на вистината, во Македонија сè уште има еден системски закон со кој е предвидено секои шест месеци, врз основа на статистички податоци за животните трошоци, пензиите да се коригираат за некој ситен процент. Арно ама Владата на Груевски овој закон го стави во мирување. Собранието изгласа да не важи последниве две години. Зошто? За да не се зголемуваат пензиите според систем туку да може Груевски да си ги зголемува од говорница на митинг.
    Па за потребите на партијата, и тој што одвојувал од платата 40 години и тој што одвојувал 15 години ќе добие исто покачување. Со ова се губи смислата на пензискиот систем. ВМРО-ДПМНЕ, која се преставува како десничарска партија, го поништува капитализмот. Се губи смислата за подобра заработка додека можеш да работиш, за да може да имаш повеќе пари кога ќе остариш. Им земаат на тие што заработиле повеќе за да им дадат на тие што не заработиле. Што е исто како да ти крадат од штедна книшка.
    Пензијата се заработува. Пензијата не е социјална категорија. Ако не е така, тогаш дај да не ја викаме пензија. Да ја викаме помош за старост. Па тогаш и Владата легитимно ќе може да каже – вие колку сакате одвојувајте за пензиско, а ние ќе ви дадеме колку што сакаме. И како сакаме. И кога сакаме. Сè зависи од тоа чии гласови најлесно ќе ги купиме со заедничките пари.

    3.   Газдата на белгиската компанија “Ван Хол” за холандскиот магазин “Тренд” се пофалил дека од банкрот го спасила Македонија. Тој изјавил дека од вкупната инвестиција од 30 милиони евра, 17 милиони се субвенција на македонската Влада. Тој уште објави дека во Белгија вработените ги плаќа 40 евра на час, а во Македонија 4 евра на час.
    Додека странските газди точно знаат со колку милиони македонските даночни обврзници ги спасиле од банкрот, вицепремиерот Владимир Пешевски вели дека Владата нема точна бројка колку субвенции досега им се дадени на странските инвеститори. Тој изјави дека за да се дојде до таа бројка, треба да се истражува. Ама тврди дека “ефектите од субвенционирањето на странските инвестиции се повеќе од позитивни”.
    Значи, Владата не знае колку пари дала, ама знае дека ефектите се позитивни. Тоа ти е исто како да земеш кредит од банка и не ти е гајле колку треба да вратиш, ама знаеш дека имаш повеќе за трошење. Со таа разлика што Владата троши наши пари, а колку точно потрошила, треба да се истражува.
    Истражи ја Владата за да ја сакаш повеќе.

    4.   Додека Груевски одмораше во Израел, во СДСМ си даваа оставки, а опозицијата полемизираше на Фејсбук за тоа колку го бива Заев. Откако се врати, Груевски не се симна од телевизиите. Дури ни сонцето не му пречи. Дома ни просечни очила за сонце не носи.
    Толку ли не го научија девет години? Навистина, не можат да отвораат кружни текови, немаат свои телевизии, ама белки можат да си поделат дежурства кој кога да оди на одмор, колку да има некој да каже нешто. Колку да видиме дека се тука. Или толку се мрзи што освен за полемика околу маичките и врвците, за друго среде лето не им се троши енергијата. Памет и онака имаат отпојќе.

    5.   Во Македонија има 817 гнезда на штркови, од кои има 2023 млади и 1683 возрасни птици. Ова го покажува пописот на штркови кој го спроведе Македонското еколошко друштво. Пописот на штркови бил завршен во средината на јули, пред да ги напуштат младите штркови гнездата.
    Ете, конечно некој успеал да направи попис во Македонија. Успешен е затоа што не ги броеле штрковите од Пустец. И на ниту една партија не и` пречело да се бројат штрковите, оти тие не гласаат на избори. Освен ако овие конзервативциве не ги убедат и штрковите дека, благодарение на заложбите на Владата на Република Македонија, создадени се услови тие навистина да почнат да носат деца. Идни гласачи.

    6.   На еден од оние портали кои продаваат конзервативизам и фамилијарни вредности се појави овој наслов: “Македонија ја има најголемата тајна. Светските научници и НАСА тврдат дека Македонија ја крие тајната за бесплатна енергија”. Во текстот пишува дека “талиумот во Алшар, а со тоа и неутринот, по своето количество е светски, планетарен раритет”. И плус дообјаснува дека “ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата на Сонцето”. И дека “некои го вреднуваат како најголема тајна на човештвото, бидејќи во неговата утроба, наводно, се криела тајната на постанокот на космосот и на Сончевиот систем”.
    Нашата планетарна наука наскоро ќе докаже дека не е само Алшар раритет. И ние сме светски, планетарен раритет. Во светот и пошироко. Доказ за тоа е дека “во 1978 година е одржана тајна седница на Владата на СФРЈ на која се разговарало за тоа дали рудникот Алшар да и` се препушти на НАСА”. Сериозно. Така пишува.
    Како тоа Владата на Тито расправала за тајната на вселената и на Сончевиот систем која се крие баш во Македонија, а Груевски уште не направил ни агенција ни министерство за тоа. Баш би можел да вработи едно 400 луѓе, ако уште има останато толку ВМРО-вци што сакаат да работат во државна служба. А и нова зграда ќе можеше да им направи за да не плаќаат кирија.
    Само ме чуди зошто уште живееме во сиромаштија, ако криеме ваква интергалактичка тајна. Бранко е крив. Го мрзело и ја прекинал традицијата за тајни владини седници за Алшар.
    Готово е. Гасете го Интернетот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари