ИСКРЕНА ОМРАЗА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:107:"Еденпоеденќегивлечемезаушизадаполагаатматематика

    1.   Друго е кога некој ти раскажува. А друго кога ќе чуеш со свои уши. Дали ми е сега полесно, откако ги чув снимките од прислушуваните разговори меѓу разни високи политичари на власта? Не. Не ми е. Пред да ги слушнам, знаев дека е тоа така, ама се надевав дека можеби, сепак, и не е. Имав надеж дека можеби не е толку страшно. Сега кога ги слушнав, видов дека било и пострашно. Ја изгубив надежта.
    Не знам зошто би ми било полесно. Затоа што педесет учителки што ни ги воспитуваат децата се ставени во ситуација да ги викаат една по една и да ги подучуваат за кого да гласаат. Или затоа што командир во АРМ треба да им наредува на војниците како да гласаат, ако не сакаат да останат без работа. Или, пак, затоа што затворениците веќе се превоспитани, па и тие знаат како да гласаат. Или затоа што директорката на Домот за деца без родители ќе им плати на децата што станале полнолетни да одат да гласаат оти ќе гласале за Груевски? До тие гласови им дојде.
    Не ме изненади ни тоа што за време на гласањето на локалните избори се водела битка за секоја зграда во центарот на Скопје. За секој станар. Алал да им е на посветеноста. Така прави секоја сериозна партија. Ама да си го прават тоа во партија. А не во министерствата. Да си трошат партиски телефони, партиски коли, партиски фотокопирници, партиски плати… Со пари од членарината, од спонзори, со лични пари. А не да ми ги трошат моите пари. За тоа не сме ги гласале.
    Кој и да прислушувал, колку и да е се креирани снимките, колку и да се вешто измонтирани, она што ме вџаши во телефонските муабети е искрената, чиста и нескриена омраза кон сè што не е ВМРО. Не само што не смееш да не ги сакаш. Не смееш дури ни да немаш мислење за нив. Мора да ги сакаш.
    Па зарем толку е непремостлива таа идеолошка разлика со сите други, за да ти дојде онака длабоко од душа да се заканиш дека ќе избркаш нечија жена од работа, дека ќе ги сотреш сите што не се со тебе, дека ќе фрлиш во ендек цела фамилија, дека некому ќе му ја запалиш кафеаната, ќе му го срушиш објектот со динамит, ќе ја преселиш цела зграда. Ако не си ВМРО – умри!
    А ако си? Да сум јас член на ВМРО-ДПМНЕ, сериозно би се загрижил за таа омраза што се откри од прислушуваните разговори. Каде таа омраза ќе ја однесе партијата? И каде таа омраза потоа ќе ја однесе државата?

    2.   Во 2009 година, пред претседателските избори, кога првпат победи Ѓорге Иванов, Владата лансираше рекламна кампања со наслов “Ослободи го срцето”. Нè учеа на толеранција кон другите, да бидеме добри, да помагаме, да не мразиме, и ни повторуваа дека “предрасудите ја ограничуваат нашата слобода, нè разделуваат од она убавото…вистинското”. Неколку пејачи дури и песна испеаја, па и спот снимија со наслов “Ослободи го срцето”. Во песната пееја дека денот треба да почне со чиста мисла и со топла насмевка. “Еден убав збор и железни врати отвора, тоа сум го чул од постари, послушај ги, верувај во нив”.
    Кои постари? Сите? Или песната не важи за оние што живеат во кулите во Општина Центар. Овие од Владава, кај ги потрошија нашите пари за кампањата, барем нешто да научеа. Ги чув како се мајтапат: “Може да слезат од 15. спрат стариве?” – “Ама лифтовиве не работат, ха,ха,ха…Ќе биде циркус, ќе викаат, ќе умрат”.
    А што ако некој навистина умреше? Што ако некому му се слошеше и не можеа да го симнат за да го носат во болница. Дали покрај за изборни измами, тогаш ќе мораа да одговараат и за убиство?
    Тие немаат душа лифтовите да ги ослободат, а не, пак, срцето да си го ослободат. Не можат да сфатат дури ни дека има живот надвор од нивните гласачки ливчиња.

    3.   Идеолошко-политичката диференцијација нема да заврши само на собирите во Универзална сала и во салата “Борис Трајковски”. И нема да се ограничи само на тие што веруваат во странски и на тие што веруваат во домашни служби. Раслојувањето стаса и до средните школи. Па сега на учениците што протестираат против математика за државен испит им спротивставуваат ученици на кои им се ветува дека ако не протестираат, ќе ги носат на екскурзија.
    Што ќе се случи до крајот на учебната година? ВМРО-вските деца ќе полагаат математика со ќеф. А комуњарските деца, едно по едно, ќе ги влечат за уши за да полагаат математика. А другите? Или не смее да има други?
    Приказната не смее да заврши во средно училиште. Оти за време на штрајкот на наставниците и во основните училишта, штрајкбрехерите правеа списоци на “наши” и “ваши” деца. Морееее, да се сотрат сите… До градинка. И не само до градинка. И во родилиштата мора да се знае кое дете е “наше”. Кога ќе се роди детето нема да се прашуваат дали личи на мајка му или на татко му, дали е машко или женско. Туку, види – асли ВМРО-вче, или асли комуњарче. Или ќе ги диференцираат според начинот на пораѓање. Ако е со царски рез, тогаш е комуњарче. Ако е по природен пат, како што бара Никола Тодоров, тогаш е гордо ВМРО-вче. Идеолошко-политичката диференцијација мора да оди најдлабоко. До вагината. Или, како што елоквентно би се изразиле на снимките што ги чувме владините функционери кога зборуваат за идеолошките противници – у пичку матер.

    4.   Во понеделникот еден швајцарски воен пилот и инженер тргна на пат околу светот со првиот авион што лета на соларна енергија. Светот го брка сонцето.
    Една недела пред тоа, во Естонија имаше парламентарни избори. Триесет и три отсто од тие што гласале го искористиле правото на електронско гласање. Гласале од дома, преку Интернет. Еееј, Естонија, која до вчера беше дел од Советскиот Сојуз, многу потврд комунистички режим од нашиот и која независноста ја прогласи на 20 август 1991 година. Две недели пред нас.
    Истата недела во Скопје беше објавено дека во Кисела Вода ќе се гради повеќекатница иста како њујоршката Флетајрон. Тука ја преведуваат како зграда пегла, оти има триаголна основа, а таква основа има оти се наоѓа на ќоше меѓу две авении и една улица, а не на лединка со кал. Тоа е една од помаркантните згради на Менхетн изградени во тој период со челична конструкција. Њујоршката пегла била изградена во 1902 година. Истата година кога нашите Илинденци уште не го имале почнато длабењето на црешовото дрво за да го направат топчето.
    Е народе македонски, со какви идеи си ти? Во втората деценија на 21 век ја откривме Америка од почетокот на 20 век. Сопрете го тркалото на историјата. Или, ај свртете уште еден круг, па ние можеби за еден век и ќе се качиме. Во меѓувреме, ќе си направиме наше државно тркало. Само многу ме интересира во кој правец ќе се вртат нашите кабини. Во правецот на стрелките, или обратно од нив. За да знаеме каде ќе стасаме.

    5.   Од СДСМ велат дека делот од една снимка што беше емитувана на пресот на Андреј Жерновски, во која се споменува името на Бранко Црвенковски, се нашла во медиумите по грешка. Што значи тоа по грешка? Се случило, а не сме требале да го чуеме?
    И така, Жерновски ја деминира бомбата на Заев. Каменот стварно од блиску доаѓал.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари