КАЗАБЛАНКА ВИА БРИСЕЛ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:180:"ГруевскимуреченаЗаев:"Мисламдекаоваепочетокнаеднопрекраснопријателство".Ифилмотпочна

    Колку беше пријатна за гледање онаа снимка од почетокот на историскиот политички дијалог помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев, што ја пофалија дури и во Брисел. Ме потсети на онаа легендарна реченица од култниот филм “Казабланка”, со Хемфри Богарт и Ингрид Бергман, “Мислам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство”. Со таа разлика што Хемфри Богарт тоа го кажа на крајот од филмот. А кај нас филмот “Политички дијалог” допрва почнува.
    Како тргнале со преговорите, сè ми се чини дека попрво Македонија ќе го реши проблемот со Грција околу името отколку што Груевски и Заев ќе се смират. Само, не дај Боже и нивните преговори да завршат во Обединети нации. Оти и двајцата ги води мотото: Ако имаш голем проблем, реши го така што ќе создадеш поголем проблем. Па после и големиот проблем ќе ти изгледа лесен.

    2 Кога премиерот Груевски на митинзите пред изборите ветуваше простување на долговите на најранливите категории, знаев дека е кампања. Тогаш ги повика фирмите кои би требало да излезат во пресрет. И тие, најверојатно, ќе излезат во пресрет. А кој не би сакал да помогне кога повикува премиерот.
    Во кампањата се чудев како тоа ќе го направи, затоа што станува збор и за приватни фирми и банки кои не црпат средства од буџетот. Ама досега видовме многу чуда, па и тоа чудо ќе помине. Потоа ми беше нелогично ветувањето дека оваа мерка ќе важи само сега и само еднаш. Ранливи имало, и ќе има. Овие на кои ќе им се простат долговите сега, во иднина ќе престанат да бидат ранливи? В година нема да прават долгови? Ќе се отселат од државата? Или ќе чекаат нови избори за уште еднаш еднократно да им ги простат долговите?
    Ова излезе – Ај ќе правиме избори, мора нешто ново да кажеме што ќе биде бомба во кампањата, па после ќе му ја мислиме. Впрочем, и самиот премиер рече дека “точната бројка не може да се каже во овој момент, ама станува збор за 50 до 100 илјади луѓе кои, потенцијално, може да се пријаватт. Значи, никој не знае колку луѓе се заглавени. Не знаат со колку пари се заглавени. Не знаат колку топтан тоа ќе чини. Не знаат колку пари ќе им требаат. Ама знаат каде ќе ги најдат. Кај биле 50 илјади, нека бидат уште пет-шеесет илјади, да заокружиме околу стотка. Очигледно е дека ветувањето било правено врз јасна проекција на состојбата на теренот. Па врз основа на таа проекција, сега Ставрески ќе ги собира парите.
    Баш ме интересира како, на пример, премиерската двојка Никола и Боркица одат да купуваат во самопослуга, како сите ние што си одиме. Си ја полнат количката и си зборат меѓу себе: “Колку ќе потрошиме денеска? Па, не знам. Од три, можеби пет, па да речеме докај 10.000 денари. Оти не знаеме што точно ни треба дома. А и не знаеме точно дали сме во минус и колку сме во минус на картичките. И дали банката ќе ни одобри нов минус. Или дали ќе работиме прекувремено да заработиме повеќе од платата. Ама ова ќе го направиме само еднаш”.
    И уште нешто многу ме интересира. Дали оваа акција за отпишување на долгови ќе ги опфати и локалните гранапчиња каде што граѓаните се запишуваат на рабуш? Дали ќе се избришат чкртките на должниците во бакалските тефтери? Дали и гранапчињата ќе влезат во клубот на доверители, заедно со ЕВН, Топлификација и со банките, и со гумичка ќе воспостават нови односи со клубот на должниците?

    3 Освен тоа што со овој отпис на долгови еднократно ќе им се помогне на социјално најзагрозените, ова ќе биде и добар потег за државата. Оти кога нема попис за сите, барем ќе се попишат сиромашните.
    Овој вид алтернативен попис кој ќе го прави Министерството за финансии е многу похуман од оној попис кој го прави МВР на граничните премини. Кога полицаецот, по сопствена проценка, ги прашува патниците колку пари имаат за да ги пушти да излезат од земјата. За да спречи, евентуално, одлив на сиромаштија која ќе бара азил или работа на црно во побогатите европски држави.
    Проблемот со азилантите и стравот ЕУ повторно да не ни воведе визи е комплексен. И сигурно не се решава само со последниот полицаец на граничниот излез. Оти никој не си оди да работи на црно во странство од убавина и мирна живејачка. Ниту, пак, полицаецот ужива да ги враќа луѓето од граница затоа што сме притиснати од ЕУ. И затоа што ЕУ си ги решава своите проблеми и гледа тоа да се случува што подалеку од неа.
    Сето тоа е разбирливо. Ама, искрено, мене лично многу ме плаши кога дозволата дали ќе излезеш од земјата при валиден пасош ти зависи од проценката на полицаецот. И уште пострашно – од тоа колку пари ќе му покажеш за да не го загрозиш безвизниот режим.
    Се душам од самата помисла дека пасошот кој го имам в рака, можно е да не ми биде доволен за да излезам од државата. Порано се фрустриравме оти нè тераа да играме оро пред амбасадите за да добиеме визи. А сега? Сега на својот, домашен полицаец треба да му докажеш дека си достоен да излезеш од земјата.
    Знаеме дека луѓето соочени со маката наоѓаат ефикасни начини како да им се додворат на лекари, судии, инспектори, цариници, на политичари… Зошто еден полицаец би останал имун на додворување? Па ако сега најмногу се зборува за дискриминација на Ромите на граница, утре ќе биде дискриминација за сите што нема да знаат како да му се додворат на полицаецот. Така што, ако сè се остави на слободна проценка на еден полициски службеник на граничниот премин, се плашам дека и кај нас многу скоро ќе стане популарна онаа бугарската “Возиш 200 лева на саат”.

    4 Зошто луѓето сакаат да си одат од земјава, а полицијата не ги пушта? Цел ден можеш да си гледаш фудбал, а помеѓу два фудбала, ќе си гледаш вести на МТВ. Сè е многу убаво, а и тоа што е лошо, не е многу полошо од таму кај што сакате да бегате на Запад.

    5 Во понеделникот собраниската седница траеше цели 55 минути. Беа поминати 12 точки од дневниот ред. Само пратеникот Павле Трајанов се јави за збор. И да не мораше спикерот Трајко Вељаноски наглас да ги чита точките, седницата ќе завршеше многу порано. Поефикасно – здравје.
    Ако продолжат со ова темпо, пратениците до идниот викенд ќе можат да го исцрпат планот за работа за цела година. Па не мора да го чекаат Илинден за да одат на Халкидики.
    За да не останат без работа, евентуално, нашите пратеници може да продаваат памет и на регионално ниво. Откако Албанија доби кандидатски статус за ЕУ, а Брисел ја предупреди дека ќе мора да ги забрза реформите, нека ни нафрли нивниот парламент некој закон за изгласување. Ние ќе им изгласаме одма сè што им треба по скратена постапка. Тоа ќе биде пример за одлична регионална соработка по европски стандарди. Ние ќе им ги изгласаме законите без дискусија и по итна постапка, а за возврат ќе ја замолиме Албанија да ни го реши криминалот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари