КЛАП 650 МИЛИОНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:147:"Белким,немадамораНуланддаговраќаГруевскисомаринциодбазатавоСицилија

1 Амбасадорот на САД Џес Бејли соопшти дека за последните 15 години, од американскиот буџет се потрошиле 55 милиони долари за реформи на судството и полицијата во Македонија. „Над 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 правобранители и над 2.000 полициски службеници имаат корист од оваа помош“, соопшти Бејли.

А ние, корист имаме ли? Ако Америка има потрошено 55 милиони долари за македонското судство и полиција, колку ли има потрошено Македонија од нашите пари? А ЕУ колку има потрошено?

И после 25 години независност и милиони потрошени, што странски, што наши пари, што имаме ние од судството и полицијата? Тефтерчето на Гоца и ВМРО-МВРО.

Да знаат даночните обврзници во САД како се потрошиле нивните пари за таму некој стратешки партнер, верувам дека би биле многу лути.  Ај нив да ги сфатиш, ако не знаат. Ама ние што знаеме, зошто ние не се лутиме како се трошат нашите пари?

2 Исто како што не ѝ се лутиме на Владата затоа што ЕУ ги сопре фондовите за поддршка на Македонија. Што се 27 милиони евра помош од ЕУ во однос на нови 650 милиони евра за кои Владата се задолжува во комерцијални банки?

Во Брисел оцениле дека Владата нема политичка волја за реформи. Глупости. Каква погрешна проценка. Од кога па волја за реформи е некаков критериум за да земеш пари? Што ако Брисел не ѝ верува на Владата, кога Дојче банк ѝ верува. Кредитна картичка во секоја банка може да земеш.

Ни Светска банка, ни ММФ, ни Европската унија не ѝ веруваат на Владата како ги троши нашите пари. Само народот ѝ верува.

3 Владата во наше име ќе се задолжи за 650 милиони евра. За 10 години ќе треба да вратиме 950 милиони евра. Ама, кој да мисли за тоа толку време однапред. Еејј 10 години, кога ќе поминат… Тоа ти е уште една цела ВМРО-вска ера. Башка лето е, на одмор треба да се оди.

Плус, глупаво е да се грижиш за пари што треба да ги враќаш после 10 години, кога си имаме ние криза во политичкиот дијалог и обид за обнова на преговорите за спроведување на Пржинскиот договор. Уф, каква тешка задача. Дај нека земат уште 650 милиони. Полесно ќе се справиме со таа белја отколку со обнова на преговорите за преговарање.

4 Во ист ден кога во Собранието се расправаше за ребаланс на буџетот, имаше и некаква меѓупартиска средба во резиденцијата на ЕУ амбасадорот во Пржино. Во куќата се сретнале  Рената Дескоска , Артан Груби и Никола Тодоров и преговарале за обнова на преговорите за преговарање, а во Собрание се носеше одлука за прераспределба и за трошење на нашите пари.

И во државата во која домот на ЕУ амбасадорот е поважен од законодавниот дом, природно е медиумското внимание, а богами и ангажаманот на опозицијата, да се сконцентрира на обидот за обнова на преговорите за преговарање.  Како се трошат нашите пари одамна не нè интересира.

А власта во Собранието си прави што сака. Префрли таму, скрати оваму, чепни од едно место, префрли на друго, скрати од инвестиции, префрли на плата… Никој ништо не ги прашува. Никој новинар не ги следи. Една милина за работа. Релаксирана атмосфера. Не мора ни обезбедување да викаат за да ја исфрлаат опозицијата на клоци. ДПА  нешто промрчија  дека буџетот е антиалбански, колку да одржат континуитет. А СДСМ се замрзнати. Они си го почитуваат ултиматумот што го дадоа. И никој веќе не го споменува. Дури ни тие самите не го споменуваат. Седат резигнирани во партиското седиште и пишуваат соопштенија – СДСМ со две точки… и три точки. И чат-пат нешто на Фејсбук се лајкуваат меѓу себе.

И не е само буџетот. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и закон за МВР донесоа, со кој на министерот во евентуалната преодна влада пред избори ќе му ги врзат рацете. Закон за корумпирање на медиумите сами ќе си изгласаат. Па и широка јавна расправа прават. А СДСМ дадоа ултиматум и се замрзнаа. Па ќе остават ВМРО-ДПМНЕ да биде крив за законот за корупција на медиуми, кој што очигледно не им ни пречи. Како што не се бунеа ни за другите закони за медиуми што ги донесе ВМРО.

Така што, може сè да се каже за ВМРО-ДПМНЕ, ама факт е дека тие работат. Па макар и на наша штета.

5 И после, се чудиме зошто Никола Груевски си отишол на свадба. Ова свадбите во Италија многу долго траат. Сè му е средено. Си работат неговите. Собранието работи за него. А и Владата работи за него. Плус, заработува додека игра на свадба. Клап – 650 милиони. Сите трошиме кога одиме по свадби, само тој е ќар.

Со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  и поранешен премиер 10 години имаме проблем кога треба да каже дека е на одмор. Оти тој не одмара. Освен кога ќе го фатат турски медиуми во чаршија низ Фетие, или кога ќе го сликнат на плажа во Тел Авив, и сега во бутик за висока мода на аеродром во Рим.

Поради свадбата на италијанскиот пријател, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вторникот не успеа да се види со специјалниот пратеник на Германија Јоханес Хајндл. Да видиме свадбава да не потрае до понеделник, кога доаѓа американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд.

И во 2010 година, еден друг помошник државен секретар, Филип Гордон, го бркаше Груевски по аеродроми. И го начека во Загреб.  Американецот доаѓа да си заврши работа. Ако Филип Гордон мораше до Загреб да оди да ја заврши работата, белким нема да мора Нуланд да го враќа Груевски со маринци од базата во Сицилија.

6 Како може Обама да каже дека Самитот на НАТО во Варшава е најважниот самит од Студената војна до сега, кога наш Ѓоле не е таму?

Ѓоле бил многу лут и уште во 2014 година донел одлука да не учествува на самити на НАТО. Оти, таму не биле почитувани заложбите на Македонија и на нив се игнорирало меѓународното право , пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти и безбедносните предизвици во регионот. Море, море… И Ѓоле опстоја на ставот. Драма за паљурска секција по меѓународни односи.

На Самитот во Варшава се присутни 28 претседатели или премиери на земји членки на НАТО и поканети се претседатели и премиери на 26 земји партнери на НАТО.  Тоа се земји во заедници на чиишто врати ние молиме да влеземе. И можел нашиот претседател уште од 2014 да договори билатерални средби со тие претседателите на тие земји. Ама не. Тој решил да се лути. И да оди во Азербејџан.

Па дури и на 4 јули, Денот на независноста на САД, истиот овој лут Ѓоле му пиша честитка на Обама и му рече дека од него очекува „натамошна, уште позасилена поддршка во пресрет на Самитот на Алијансата, во јули оваа година во Варшава“. Демек, Обама да мисли на Македонија, а Ѓоле не мора. И ако не влеземе во НАТО Обама ќе биде крив, а не Ѓоле.

Нели  му е барем малку криво што не е на овој сами? Па макар и Обама само да му намигне. Или ако е толку ербап, да им шлапне во лице на сите лидери таму и да им каже зошто е лут. А вака, се однесува како навредена опозиција во македонски парламент.

Додуша, на 12 април видовме до каде му доаѓа геополитичката стратегија на Иванов. Во НАТО не го почитувале меѓународното право. Кој зборува за право? Претседателот што аболираше 56 политичари осомничени за тежок криминал.

7 Така што, не му е на Ѓоле до геостратегиите и принципите. Тој не отиде во Варшава, за да се направи херој пред лепачите на плакати на ВМРО-ДПМНЕ.

Ама и тука ја утна работата. Толку ли не знае дека лепачите  на плакати не ги интересира геостратегија? Нив ги интересира да добијат работно место со државна плата. А тоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одлично го сервисираат. Со нашите 650 милиони евра.

СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST:

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари