КОЛЕКТИВНО ДОМУВАЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:50:"ФИРМацедониаБродштотоне

    1. Повторно сме лидери во регионот. Море не во регионот, во Европа. Први избравме песна за Евровизија. Лидер си е лидер. Пред фактите и СДСМ молчи.
    Арно ама гласањето по телефон на Скопскиот фестивал било местено. Оти други работи во државата не се местат, па ова беше лесно да се открие. А има најмалку 20.000 причини за местење. Оти државата исплаќа 20.000 евра за освоено прво место. Уште и да посакаш второ и трето место, ќе најдеш 45.000 мотиви да најдеш начин да влијаеш на гласањето.
    Бистра е оваа младина. Можеби нема работа, ама затоа има идеи. Дечките испланирале колку СМС-пораки им требаат за победа, си купиле СИМ-картички и со мобилки чекале да почне гласањето. Единствено не ми беше јасно зошто картичките ги чувале во фрижидер веднаш до маргаринот. Ама изгледа кога ќе се вжешти телефонот од повеќе вртења, добро е да се уфрли студена картичка. Веројатно, мислеле и на температурниот баланс во гласањето. Даваш 1.000 евра, добиваш 20.000 назад.
    Ова гласањето за да се победи на фестивал навидум изгледа како прилично сложена операција. Речиси исто толку организирана и разработена шема, како, на пример, да донесеш гласачи од Пустец, да им поделиш лични карти и да им најдеш сместување таму каде што се најпотребни.
    Ама не е исто. Ова со фестивалот било злосторничко здружување. А она со седумдесет луѓе од Пустец во еден стан во Центар е – колективно домување.

    2. Од визуелна гледна точка, добро е што победи Даниел Кајмакоски. Замислете како ќе изгледаше да победеше Тамара. На Евросонг, настапот на Тамара со насловот на нејзината песна, кога на ТВ-екранот ќе прелеташе таа пеперутката во боите на Македонија, ќе се појавеше овој текст:
    ФИР Мацедониа
    Брод што тоне

    3. Синдикалниот лидер Живко Митревски коментирајќи го новиот закон за исплата на хонорарите дополнети со придонеси за пензиско и за здравствено осигурување, рече дека не гледа опасност дел од вработените да изгубат статус на вработени и да станат хонорарци. Штом Живко решил да ги брани работничките права, дај уште отсега да си се пишеме хонорарци.
    Пензиско и здравствено осигурување може ќе има. Арно ама нема да има платен годишен одмор. Нема да има платено боледување. Нема да има слободни денови за свадби и за умирачки. Нема да има К-15. Нема да има систематски прегледи.
    Сакаш да раѓаш? Поседи си дома колку што сакаш додека ти пркне бебето, кога ќе сакаш да се вратиш, може ќе има работа, а можеби некој друг хонорарец се покажал поарен и поевтин од тебе. Си скршил нога? Оди лежи дома, па кога ќе се оправиш, врати се ако уште ми требаш. Си се разболел од рак? Што ќе си ми на платен список, и онака ќе умреш. Убаво некој во Владата пресметал дека на ваков начин ќе извлече 68 милиони евра плус за фондовите. Ама кој ќе ги даде тие 68 милиони евра? Газдата? Хонорарецот? Или никој? И притоа, многу мудро смислиле хонорарите на функционерите и други државни службеници да не се оптоваруваат со плус давачки за пензиско и за здравствено осигурување. Туку газдите на приватните фирми ќе си се откажат од профитот и ќе $ го дадат на државата. Демек на овој начин ќе ги натерале газдите да ги вработат хонорарците. Баш ме интересира на кој начин.
    Оти ако двајца смислиле како на паметен начин да ги полнат фондовите, уште 100 паметни веќе смислуваат како да ги избегнат обврските. Затоа што парите се броени. Масата за плати е толку. Ако се зголемат давачките, ќе се намалат платите. Тоа е чиста математика. Или ќе ги намалат хонорарите на постојните хонорарци, или дел од вработените ќе ги префрлат во хонорарци. Или, пак, ќе отпуштаат од работа. И тоа без грижа на совест. Оти на сите им се исплаќа за пензиско и за здравствено осигурување и сe е по закон. И државата среќна, и газдите среќни. Несреќни само работниците. Ама кому му е гајле за нив.
    И со ова решение се враќаме во времето на доцниот барок. Во времето на првобитниот капитализам.
    А дополнителна корист е што ќе престане потребата од постоење на синдикати. Живко нема да биде ни хонорарец.

    4. Градоначалниците ги изненади доаѓањето на школската сезона. Секој ден се појавува по некоја вест дека ваму или таму некое школо нема греење или нема струја, а некаде учениците немаат ни превоз оти пари нема. Па децата не одат на настава. Што би рекол министерот за образование Абдилаќим Адеми за новонастанатата ситуација? Кога им го уриваше штрајкот на наставниците, велеше дека прекинот на настава ќе го наруши воспитно-образовниот процес. И дека власта не може да си го дозволи тоа.
    Власта смее да си го дозволи немањето греење и струја по школите. Затоа што тоа не го нарушува воспитно-образовниот процес. Особено не во приватните школи, каде што, веројатно, учат нивните деца.

    5. Како директна последица на семејно насилство, годинава во периодот од мај до ноември има девет убиства. И во сите случаи насилникот бил пријавуван во полиција.
    Министерот за труд и социјала Диме Спасов по тројното убиство во Кавадарци од убиец кој уште во август бил пријавен за семејно насилство, изјави дека Министерството ќе испитува дали стручните лица од Центарот за социјални работи затаиле.
    Како тоа министерот ќе испитува дали затаиле? Па тројца се убиени. Што има тука да се испитува.

    6. Субрата Рој? Кој е тој? Не му се парите на број.
    Откако Владата му го раскина договорот на индискиот бизнисмен за Џумајлија и дваесетте илјади крави, неговата фирма во Македонија упорно уверува дека тој не се откажува од останатите ветени проекти. Велат дека Субрата Рој останува посветен на Македонија.
    Па нормално дека ќе остане посветен. И жена му и син му имаат македонско државјанство. На кого може Македонец да се посвети освен на својата земја? На Индија ли да се посветува. Таму татко му има четири милијарди долари за враќање.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари