КОНТРА МАКЕДОНИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:209:"КојќепобедивосудиротмеѓуониештосезаАлександарпротивониештосезаТоше,ќебидепрашањезадржавениспит

    1.   Уште еден успех за Македонија. Пак сме меѓу првите четири земји во Европа. Со пресудата и на Апелацискиот суд за затворска казна за колегата Томислав Кежаровски, Македонија им се придружи на Турција, Русија и на Белорусија, во кои новинари се осудени на затворска казна за објавен текст.
    Факт е дека во Македонија новинар е осуден со казна затвор. Зошто? Не затоа што крадел, не затоа што бил разбојник, не затоа што уценувал, не затоа што рекетирал, не затоа што дилал дрога, не затоа што убил некого, не затоа што по негова вина некој загинал во сообраќајка… Туку затоа што некој новинарски извор нешто му кажал, а новинарот тоа го објавил.
    Според меѓународната организација “Комитет за заштита на новинари”, со седиште во Њујорк, во Турција во моментов казна затвор одлежуваат седуммина, а во Белорусија и во Русија по еден новинар. Ако овие бројки ги изразиме во проценти во однос на бројот на жители, тогаш сме на прво место. Таков успех ни многу поразвиени демократии од нас не можат да постигнат.

    2.   Во многу поразвиени демократии од нас, граѓаните што се задоволни од власта, не штрајкуваат. А кај нас е уште подемократски. Тие што се задоволни, тоа можат и јавно да го соопштат. Оти во многу поразвиени демократии го нема ни феноменот да протестираат граѓани што ја поддржуваат власта. Да протестираат тие на кои им е убаво. Како, на пример, оние наставници од синдикатот СОНК кои велат дека не им треба поголема плата. Бараат да им се подобрат условите, ама не сега. Оти сега не било добро време за штрајк.
    Додуша, ова “сега не е добро време” не е ништо ново во македонската традиција. Ни во 1941 година не било време да се дигне востание против фашизмот уште во јуни и јули, како што направиле останатите народи од старата Југославија. Сме чекале да дојде октомври. А и во 1903 се карале дали е време за востание против Турците.
    Така што и ова со СОНК е согласно традицијата на македонска борба за слобода и права. Новото е тоа што досега имавме само неформални групи граѓани кои протестираа затоа што ја поддржуваат власта. А сега веќе имаме институционално контрирање. Контрашите влегоа и во синдикатот.
    Феноменот почна да се развива уште кога на незадоволните тутунари што блокираа патишта им се појавија задоволни тутунари. На улиците имавме незадоволни стечајци и задоволни контрастечајци. Незадоволни лекари наспроти задоволни лекари. Тогаш кога беше штрајкот на лекарите, на протест се појавија и задоволни пациенти, наспроти незадоволни пациенти. Па имавме глумци и уметници што беа против буџет, и глумци и уметници што маршираа за донесување на буџет. На новинарите од ЗНМ му го смислија МАН. На одборниците во Општина Центар им пратија верници со камења, оти едните биле против црква во Центар, а други за црква во Центар. На Професорскиот пленум му најдоа контрапрофесорски пленум.

    3.   Само на студентите не успеаја да им најдат контрастуденти. Не затоа што не можеа да најдат такви што ќе викаат: “Сакаме уште испити!”. Туку затоа што Студентскиот пленум за Владата беше непознат противник. И додека зборуваа само студентите, сите ги цитираа и им ракоплескаа. Дури ни возачите не трубеа нервозно за време на нивните протести кога ги блокираа улиците.
    Ама кога почнаа да зборуваат професорите, создадоа бучава во јасниот и чист говор на студентите. Вниманието на медиумите се сврте кон нив. Нивниот говор стана текст со главен наслов, а говорот на студентите поднаслов. Власта не ги познава студентите, ама сигурно ги познава професорите. Знае и што кажувале, и што можат да кажат, и до каде можат да одат со отпорот, и до каде можат да глумат ѓоа граѓанска непослушност. Затоа на власта и` беше лесно да направи професорски контрапленум.

    4.   Всушност, Груевски, еве веќе деветта година, ги демонтира елитите. Почна со бизнисмените за да го прераспредели правилно капиталот. Продолжи со архитектите за да го разубави Скопје. Па се сврте на медиумите, кои иако му помогнаа да дојде на власт, после не му помагаа на власт и да се одржи. Па ги демонтираше судовите. Па лекарите. Па универзитетските професори. Лека полека, на сите им дојде редот.
    Демонтажата на елитите не е лоша работа. Ама дали новите бизнисмени се подобри од демонтираните? Дали новите архитекти направија потрајни вредности од демонтираните? Дали новинарството денес е послободно од она демонтираното што не беше слободно? Дали судиите денеска се понезависни од власта од оние демонтираните што некогаш беа зависни од власта? Дали здравството денеска е подобро откако цела Источна Македонија остана без лекари? Дали образованието е подобро? Дали правото важи неселективно за сите? Дали државниот интерес денеска е одвоен од личниот и од партискиот, за разлика од порано кога не беше така? Конечно, дали по оваа сеопфатна операција на демонтирање, Македонија е подобро место за живеење?
    Е дотука стасавме. На сè што мисли поинаку, власта му прави контра. Оти, нели, сè што мисли поинаку е контра Македонија. Само се плашам и да претпоставам како ли ќе заврши оваа поделба. Дали некоја контракомисија за лустрација ќе прави ново национално помирување?

    5.   Супер е што Владата ќе продолжи да и` дава субвенции на приватна странска авиокомпанија. За да може поевтино да се иселат тие што не се контра.

    6.   Бидејќи Универзалната сала во Скопје ќе се прекрсти во “Конгресен центар Александар Македонски”, а не во “Тоше Проески”, како што беше најавено, еве шанса за уште еден судир меѓу Македонците. Оние што се за Александар контра оние што се за Тоше. Кој ќе победи во тој судир, ќе биде прашање за државен испит.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари