КОНТРА СЕБЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:163:"НетребадасеистражувадалиимаживотнадМакедонија.ТукудалиимаживотвоМакедонија.

    1.   Што му текна сега одеднаш на премиерот Никола Груевски, ама баш со ништо непредизвикан, да кажува дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО? А кога не била? И кој воопшто се сомневал во стратешките определби на оваа, па и на сите други македонски влади од осамостојувањето досега? Па самиот Груевски и неговата партија уште во 2006 година дојдоа на власт со ветувањата за ЕУ и НАТО. Во 2008 година, Груевски, заедно со Бранко како претседател, замина во Букурешт на самит на кој само што не бевме примени во НАТО.
    Не ќе да е дека Груевски се исплашил од неколкуте руски знамиња кои се вееја пред него на контрамитингот во Скопје на 18 мај. Не ќе да е и дека го вознемириле оние што на митингот дошле со маички на Путин. Можеби само малку го збунила историчарката Виолета Ачкоска, која во фазата на загревање на атмосферата пред неговиот настап плашеше со некое украинско сценарио и го споменуваше Кличко. Ама Груевски знае дека за да има украинско сценарио и во Македонија, тогаш и тука, покрај прозападни, мора да има и проруски политичари. Ако опозицијата е прозападна, кој е тогаш проруски!?

    2.   Може Груевски да дава колку сака интервјуа во кои ќе нe убедува дека е за ЕУ и за НАТО. Ај за НАТО. Ама за ЕУ? Па зарем девет години му беа малку за да ги потврди со дела европските вредности. Имаме ли ние слобода на говор? Имаме ли неселективно владеење на правото? Имаме ли одвоеност на партијата од државата? Имаме ли конкурентна пазарна економија?
    Ова интервју на премиерот е само продолжение на неговата конзистентна политика на контрирање.
    Како владее Груевски? Ти здружение? И јас здружение. Ти протест? И јас протест. Ти синдикат? И јас синдикат.Ти студенти? И јас студенти. Ти лекари? И јас лекари. Ти стечајци? И јас стечајци. Ти пленум? И јас пленум. Ти митинг? И јас митинг. Ти кампинг? И јас кампинг. Ти за ЕУ и НАТО. Е па и јас за ЕУ и НАТО.
    Се претера и со контрирањето. Па на Груевски толку му премина во навика што почна да оди и контра себе. Што е следно? Ти оставка? Е па и јас оставка.

    3.   Овие странциве нешто несериозни се. Денеска, утре, следниот понеделник, следниот вторник, јуни, јули… Демек, бараат решение.
    Сe ми се чини дека глумат дека бараат решение. Исто како што глумеа дека ја заборавиле Македонија. Не ја заборавиле. Истите мани беа споменувани во нивните извештаи последните осум години. Нека си ги читаат своите извештаи за Македонија. Ама овој пат нека си ги сфатат сериозно.

    4.   Оваа година на Евросонг, на изборот за најдобра песна во Европа, од нам непознати причини, се појави и Австралија. Нашите од дијаспората можеа да гласаат за Македонија. Имаа шанса со половина долар за вртење телефон да учествуваат во промоцијата на толку саканата им татковина.
    Сега, откако Даниел Кајмакоски не успеа да влезе во финалето, предлагам тројцата пратеници од дијаспората, на кои им даваме плата и им покриваме сместување, да си ги вратат мандатите. Кога не можеше нивното гласачко тело ни половина долар да одвои за љубов на Македонија, не мора ни ние да ги храниме.
    На минатите избори од Македонија им испративме 294 државни службеници како членови на избирачките одбори. Потрошивме милион евра за авиони, хотели и за дневници. И – што направија? Пратеникот од Америка беше избран со 848 гласа, во Европа со 3.658, а во Австралија дури со 274 гласа. Ептен интерес за Македонија покажаа.
    Со себап ќе се отвара и прашањето за изборниот модел, па нека ги укинат и тие три пратенички места. Тие ќе одлучуваат за нашата судбина оддалеку, ќе плачат, ќе нe жалат, ќе ни делат лекции што треба да правиме, а ваму не можат ни еден телефон да свртат. Тоа што се сликаат со сонцето од Вергина, ама баш ич ништо не ни значи. Ако толку ја сакаат Македонија, нека дојдат да живеат тука. Сигурно ќе најдат некој што ќе сака да се менува со нив.

    5.   Ги гледам палмите низ Охрид како убаво легнале на пејзажот помеѓу елките на брегот и трските во езерото, и си се гордеам со нашата авангардност и визионерство. Еееј, најстар народ сме, библиски народ сме, постоиме не 2.000, не 10.000, којзнае колку илјадници години постоиме, цивилизацијата на светот сме му ја откриле, писменост сме им донеле… Како во сите овие години и на сет насобран ум никому не му текнало палми да засади на овие простори. Една семка да фрлеа Климент или Наум кога го правеле Универзитетот, сега немаше да има потреба да трошиме пола милион евра за разубавување на Охрид за туристите.
    Додуша, во Охрид не знаат ни колку палми се посадени ни колку пари чинат. Си викаат – поарно да не знаат. Златно правило е додека ти даваат да не прашуваш. Кај во овие тешки времиња некој фатил бизнис, па сега ќе се распрашуваш, да му ја зафркнеш математиката.
    Ај во Охрид што посадија палми на 600 метри надморска височина има логика. Има езеро. Па треба да личи на море. Ама во Вевчани среде планина? Е па бива ли Вевчани, независна република на Медитеранот, да остане без палма.
    На Прилепчани палмите им ги дале без пари. Оти изгледа Крале Марко многу урми јадел. И за инает на Битола, која ај што нема аеродром, сега остана и без палми. Иако официјалното објаснување од “Македонски шуми” беше дека десетте палми во Прилеп се поставени за тестирање. Да видат дали ќе преживеат, за да можат да садат палми и низ другите градови.
    А во Велес зошто ги посадија? И таму е некој тест. Си викаат штом луѓето ја преживеаја Топилницата, сигурно и палмите ќе преживеат. Може и ќе мутираат. Па ќе почнат да раѓаат лубеници.

    6.   Којзнае, можеби и ние сме тука ставени за тестирање како палмите во Прилеп, а до сега не сме знаеле. Може некој од Македонија прави експеримент дали ќе преживееме. Иако досега бајаги издржливи се покажавме.
    Во Велес два дена пред палмите, градоначалникот претстави некој британски научник кој решил баш тука да истражува дали во стратосферата над Македонија има живот.
    Научникот ја утнал темата. Не треба да истражува дали има живот над Македонија. Туку дали има живот во Македонија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари