КОСМОДИСК ПРОПАГАНДА

Ако ЕУ и НАТО сакаат секои десет години да има тепачки на Балканот, тогаш нека ја остават Грција да ја држи отворена вратата за Русија

КОСМОДИСК ПРОПАГАНДА

1Ги слушам вмровците како ја критикуваат новата влада, дека не го измила мерцедесот кој си го купил нивниот лидер Никола Груевски со наши 600.000 евра за да се вози на настани каде што нема новинари. И  ми текнува на една од славните изјави на Ѓорге Иванов дека „Македонската демократија е како космодиск – Изгледа шашаво, ама функционира“.

Е па, изгледа шашаво кога ВМРО-ДПМНЕ го критикува СДСМ дека не води сметка за народното добро, оти го прикажал испосран од чавки и изгребан од мачки мерцедесот што МВРО му го остави на МВР.  Значи, СДСМ е виновна што не ја измила колата што била уникатна во југоисточна Европа за да може народот да ја види во сиот сјај. Вака, не личеше толку скапо. Навистина, ова е неодговорно однесување на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ се отепа од трошење на раскош, а ние не можеме објективно да оцениме каде ни отишле парите.

Е па, изгледа шашаво и кога ВМРО-ДПМНЕ со разочарување соопштува дека Македонија уште не е членка на ЕУ и НАТО. И очекува од СДСМ веднаш да ја внесе државата во ЕУ и НАТО. Оти, да имаше шанса ВМРО-ДПМНЕ некогаш да биде на власт, Македонија веќе ќе беше членка на ЕУ и НАТО.

Изгледа шашаво и кога ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека во студентските домови била исклучена струјата. А да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, сега веднаш ќе го платеше долгот на студентските домови што го направила претходната власт. Не за џабе Груевски правеше увид во машини за перење во „Гоце Делчев“  пред само два и пол месеца додека ВМРО-ДПМНЕ не беше на власт.

Изгледа шашаво и кога ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека за две недели не успеа да изгради ниту еден километар од ветените патишта.

Ова се вика космодиск пропаганда. Звучи шашаво, ама функционира. Оти ВМРО-ДПМНЕ со оваа пропаганда му се обраќа само на своето гласачко тело. И на медиумите кои глумат балансираност. Инаку, како би се проширил така лесно терминот „СДС“, без „М“, ако главните медиуми, без никакво објаснување и без никаква одговорност, не го пренесуваат? Демек, така кажале во ВМРО-ДПМНЕ. Па уште и во наслов ги ставаат. Најлесно. Стави две точки. И цитирај. Пееме народно, пееме забавно. Балансирано.

Па утре, уште и оние подлизурковци што се согласија да глумат „народ“ за да им бидат алиби на насилниците од 27 април, ќе ги претстават како жртви на реваншизам. Сосе платената војска културњаци на поранешната министерка Бети ангажирани со нашите пари, во претставата „Тврдокорни за заедничка Македонија“. Па уште и ќе треба да ги жалиме. Балансирано.

Тоа е целта на космодиск пропагандата. Колку и да звучи шашаво и смешно – да функционира.

Не може СДС без М за само две недели да поправи сè што СДСМ растурала изминативе 11 години додека била на власт.

2 Крсто Мукоски и Јохан Тарчулоски ја отворија вратата на Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Тие му доаѓаат нешто како авангарда на евроатлантските интеграции.

Звучи шашаво? Ама, можеби ќе профункционира.

Оти, да не ја отвореше Мукоски вратата на Собранието на 27 април, на ЕУ и на НАТО можеби уште ќе им требаше време да сфатат со кого си имаат работа во Македонија.

И затоа, анџак вратата е веќе толку отворена што дури и од  Брисел и од Вашингтон се виде кој стоеше зад нападот на Собранието на 27 април, време е и ЕУ да не ѝ дозволува веќе на Грција да ја тупи за името. Ако не влеземе во НАТО и ако не почнеме преговори со ЕУ, ризикот дека груевизмот ќе ни се повтори е многу извесен. Дали ќе биде со ликот на Никола Груевски, или со ликот на Зоран Заев, или со ликот на некој трет е сосема неважно. Впрочем, кога во 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт Груевски сфати дека на ЕУ не ѝ се важни реформите, после баш му беше гајле за извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Ако ЕУ и НАТО сакаат секои десет години да има тепачки на Балканот, тогаш нека ја остават Грција да ја држи отворена вратата за Русија.

3 Дел од таа космодиск пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ е и тоа што, по 11 години, одеднаш сите нивни бивши министри излегуваат на ТВ дебати. Единаесет години ни на ненарачани прашања не одговараа, а не пак на дебати со неистомисленици да излегуваат.

И не страшно што сега излегуваат на дебати, нели за тоа се боревме. Ама, страшно е што новата власт не е кадарна да ги разобличи лагите за нивните остварувања што вмровските министри продолжуваат брутално да ги повторуваат. Сега и во дебатите. И воопшто не е страшно ако новиот министер Роберт Алаѓозоски на Бети Канческа Милевска сè уште ѝ се обраќа со „министерке“. И јас се штрекнувам кога ќе го слушнам изразот „премиериот Заев“. По единаесет години – тоа е нормално.

Ама не е нормално по две и пол години протестирање на улица и борба за слобода, кога ќе дојде прилика за соочување да не си спремен со еднаква жестина да ги разобличиш лагите што тие ти ги повторуваат.

Гледам дека се многу жестоки прозивките, кој бил борец, кој бил на улица, кој молчел, кој кога прозборел…

Ало… Не е време за борба за боречки пензии. Време е да се освои просторот што ВМРО-ДПМНЕ уште го има под своја контрола и успешно го користи. Груевски уште контролира илјадници директорски места. А победнициве веќе почнаа за пензија да се спремаат.

АУДИО ВЕРЗИЈА AUDIOPODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира