МАКЕДОНСКА ГОСТОПРИМЛИВОСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:303:"МајкаТерезаќебидепрогласеназасветицаотисегрижелазасиромашните,авоМакедонијасиромашнитепорадиспоменикотод5милиониевраќејапроколнуваат.Страшно.

    1.   Пред наши очи се крши еден од најголемите митови. Оној за традиционалната македонска гостопримливост”.
    Каква гостопримливост бре луѓе, каква традиција. Со месеци ја гледаме голготата на мигрантите од Блискиот исток и од Африка. Ај што им е тежок патот што го избрале за да си го спасат животот, туку во Македонија им стана уште потешко. Колкумина само испогинаа по пругите, колкумина се ограбени? За Македонци возна карта 260 денари, а за мигранти 600? Зошто? Оти се поизмачени од нас. За нив и лебот чини 200 денари и обичните точаци по 150 евра им ги продаваме.
    Гостопримливо нели?
    При тоа, тука не станува збор за гости, туку за луѓе во голема неволја. Истата неволја што е дел и од нашата колективна меморија. Се уште се живи бегалците од Егејска Македонија. А и оние морничави слики со бегалците од Босна и од Косово се уште ни се живи.
    Има ли објаснување што тука не е срамота да ќариш на туѓа неволја? Сиромаштијата не може да биде оправдание. Ова ли се ефектите од барем три владини скапо платени кампањи за превоспитување на кои во моментов можам да се сетам. На пример на онаа со прстот „Ти си Македонија”. Или онаа за гостопримливите домаќини што чекаат туристи „Ти си лицето на оваа земја” или онаа за толеранција со која владата не учеше „Отвори го срцето”.
    Кое лице, какво срце? Ова ли е таа Македонија? Што чурук луѓе се покажавме? Како станавме толку лоши? Или отсекогаш сме биле такви?

    2.   Во една репортажа на телевизија за бегалците, еден од нив изјави: „А бе ние не сакаме тука да останеме. Ние за Германија сме тргнати”.
    И ние за Германија исто би тргнале. Ама не ни стиска. Плус надежта не` одржува. Чекаме договор. Ако не мајски, тогаш мартовски. Ако не јунски, тогаш на крај на јуни.
    Октомври кај и да е, брзо ќе дојде. Ако не пак, април не ни бега.

    3.   Исто како што на 323 волонтери во Градската болница 8 Септември во Скопје не им бега вработување во септември. Ама идната година. Кај и да е и тој септември ќе дојде. Времето е тргнато е натаму.
    Што ќе прават тие волонтери до септември 2016 година? Исто што и до сега. Ќе волонтираат. Нешто не е во ред. Или со системот или со луѓето. Ако на болницата и требале зошто не ги примиле и до сега? Или, зошто не ги примија со првата група од 113 волонтери минатата недела?
    Ќе има ангажман за волонтерите до идниот септември. Ќе мора да обработат уште роднини за гласање, ќе има и митинзи за одење, па и доброволци за кампување може ќе притребаат.

    4.   Мајка Тереза треба да има споменик. Тоа не е спорно. Ама споменик од 5 и кусур милиони евра, кој ќе биде грандиозен, висок до 32 метра, не е споменик на Мајка Тереза. Тоа е исмевање на нејзиното дело.
    На хуманитарката треба да и се подигне споменик со гест кој ќе покаже дека не бил залудно поминат нејзиниот живот во милосрдие и скромност. Субрата Рој вети, ама заврши во затвор, па ај ние ќе платиме. Зарем со пет милиони евра се покажува почит кон делото на Мајка Тереза?
    Ако толку нема сиромаштија во Македонија на која може да и се помогне со 5 милиони евра, тогаш дај да ги подариме на Фондацијата на Мајка Тереза во Калкута. Таму има посиромашни. Кога веќе имаме толку пари за трошење.
    Таа ќе биде прогласена за светица оти се грижела за сиромашните, а во Македонија сиромашните поради споменикот ќе ја проколнуваат. Страшно.

    5.   Претседателот Ѓорге Иванов го прекина заветот на молчење. Прозборе. Даде интервју на Телма.
    Подобро да не прозбореше. Оти за драматичниот пад на Македонија на листата за слобода на медиуми рече дека тоа е само перцепција. Дека не е базирано на факти, туку дека тука така некој рекол.
    Претседателот има проблем со перцепцијата. Оти не може да го перцепира фактот дека Македонија еднинствена во овој дел од цивилизираниот свет имаше новинар во затвор. Кежаровски навистина лежеше во Шутка за објавен текст, или само нам ни се чинеше така? Баш ме интересира каква е перцепцијата на Иванов и за истрагата за сообраќајката на Никола Младенов. Милионите евра државни пари истурени по приватните телевизии перцепција се, или милионите можат и да се избројат неперцепирано? Тоа што најголеми спонзори на предизборните кампањи на владејачката партија се медиумите што добиле најмногу државни реклами, перцепција ли е? Не е белким дека и бројките на финансиските извештаи се предмет на различно перцепирање. Запалени автомобили на двајца новинари перцепција ли се? Непропорционалното покривање на изборите кај телевизиите, вклучително и јавниот сервис перцепција ли е? Тоа е барем мерливо во минути.
    Ако паѓањето на листата за слобода на медиуми е перцепција, тогаш дали е перцепција и тоа што и американскиот Стејт департмент и Европската комисија секоја година откако е Иванов на власт ги кажуваат истите забелешки за слободата на медиумите, слободата на говорот и човековите права? И нив ли некој ги лаже?
    Па Ѓоле е претседател. Што не им каже како тој ја перцепира демократијата во земјата во која тој е татко на нацијата два мандата.
    Претседателот си се пожали и дека нема ингеренции и затоа не може да помогне во решавање на политичката криза. А да потпишува глупави закони има ингеренции.
    Мојата перцепција за претседателот е дека тој не може да си ги види ингеренциите, не затоа што не живее на ист простор со нас, туку затоа што не живее ни во исто време. Претседателот уште живее во времето на Свети Павле. Тоа е удобно бегство од реалната перцепција.

    6.   Многу сум љубопитен. Кога би можел да им влезам во главите на гласачите, баш ме интересира што ли си мислат сега тие што гласале за Ѓоле. Особено тие што гласале два пати.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари