МАРКОВИ ГУЛАБИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:235:"Малкусобирањесовоенаполиција,малкусудење,малкузатворидодекаситрепналтиизминалодоброволнотослужењенавоениотрок

    1. Морам да почнам со Горбачов. Иако немам што многу да кажам, освен да признаам дека не верував дека ќе се врати. Барем не така брзо. Па сега ни останува да се радуваме. И да се чудиме на глупоста на сценаристите на воено-државниот удар.
    Од друга страна тоа воопшто не ме прави спокоен. Затоа што не верувам дека тие што требаше да извлечат поука од пропаднатиот пуч им дале простор на своите способности за интелектуално расудување, ослободувајќи се од иде­о­лошката затапеност. На оние пак со национални фрустрации воопшто не им верувам. Нивните испрани мозоци не ги валкаат уште тони пролеана крв. За глупостите на современтие војсководци кои сонуваат средновековни држави.

    2. Дури сега ми стана јасно дека Југославија не ја разбива никој друг, туку Киро Глигоров и Алија Изетбеговиќ. Оваа воена тајна од висок степен на доверливост конечно ја обелодени генерал-потполковникот Марко Неговановиќ. Тој е задолжен од највисокиот воен врв да се појавува на прес-конференции и да ги засмејува домашните и странските новинари. Создава пријатна и лежерна атмосфера иако, според првичните планови, требаше да го замени Борисав Јовиќ во улогата на дежурна Баба Рога. Погреши уште на стартот. Требаше да се појавува секоја вечер по цртаните филмови. Само изгледа го зафркаваат во неговата куќа, па не му пишуваат секојдневно што треба да прочита. Тука веќе никого не може да излаже. Штом не му е напишано, се буни, па ССНО ќе мора под итно да го врати Борисав Јовиќ. Настрана тоа што неговиот постојано ведар и насмеан лик на сите ни недостасува.
    Киро и Алија се виновни што наместо во рацете да држат маслиново гранче и  гулаб, држат оган и сув барут. Така вели генерал Марко. А не сфаќа дека тие не можат да се угледаат на најголемиот југословенски миротворец Слобо Велики. Тој си има гулаби да избира, од белградскиот Плоштад на Републиката, до дубровничкиот Страдун. А маслинови гранчиња му испраќаат пријателите од “соседна” Грција.
    Нашиот Киро Глигоров во недостиг на гулаби се обиде во Охрид да набави лебеди. Ама генерал Марко не попушта. Или гулаб, или ловец-бомбардер. Може евентуално “бели орли”. Како што ѝ е името на доброволната чета на извесниот Драган Бокан, што среде Кнез Михајлова во Белград беше подготвен да им пресуди по итна постапка на овие белграѓани што пијат “кока-кола”, наместо да тргнат во “одбрана на татковината”. И со тој предавнички чин, директно предизвикан од американската пропаганда која го труе српскиот воинствен дух, ја деградираат генијалната мисла на Слобо Велики: “Ако не знаеме да работиме, знаеме да се тепаме!” А тие пијат “кока-кола”. “Само тоа е тоа!”

    3. Некако не се чувствувам сигурен кога претседателот на Републиката Киро Глигоров се одмора во Охрид. Тоа некако ме асоцира на Крим. Во наши, мини­јатурни услови. Особено што воениот врв сé почесто зборува за некакво кривично гонење против најодговорните лица “кои го саботираат и не го спроведуват законот за воена обврска”. За моралната оспособеност на армијата која ги собира регрутите под закана за кривичен прогон воопшто не треба да се разговара. Малку собирање со воена полиција, малку судење, малку затвор и додека си трепнал, ќе ти измине доброволното служење на воениот рок во единиците на ЈКА – Југословенска кривична армија.
    Што се однесува пак до Васил Тупурковски, за него нема проблеми. Не го фаќа никаков воен удар, па дури и да е во режија на Дмитриј Јазов. Во исто време е на три-четири места. Неговановиќ не е сигурен дека ќе го фати дури и кога му е среде Белград. Од каде може да претпостави дека тоа е вистинскиот Циле, кога неговите тајни служби му јавуваат дека се вози во транспортер низ Осиек. И во исто време лови лебеди со Глигоров во Охрид. А скопските известители на гене­рал Марко му јавуваат дека прима делегација на некој куќен совет од опш­тина Кисела Вода.
    Ете кој создава хаос и безредие во Југославија. Како што би рекол Марко Неговановиќ. И би додал “освен во Словенија…”

    4. Затоа што Словенците и како независни и самостојни продолжуваат да го градат имиџот на политичка проституција. Не ѝ верувај на Словенија дури и кога ти доаѓа во мисија на добра волја. Кога можеа да ја зезнат Хрватска, зошто вооп­што разговараме за Македонија?
    Наместо да си ги полеваат суверените липи, тргнаа по светот да му делат лек­ции како да ја преуреди Југославија. Димитриј Рупел, нивниот министер за надворешни работи, вели – како Бенелукс. Словенија е Луксембург, Хрватска е Холандија, а “Југоистокот” е Белгија. Во “Југоисток” се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и се разбира Македонија.
    Нека ми простат одговорните кај нас што им го злоупотребувам материјалот означен со “Доверливо”, а потпишан од Министерството за надворешни работи на Словенија, ама таква глупост едноставно е гревота да не се објави. Материјалот е насловен со “Наоди и предлози на Република Словенија за разговорите со тројката на ЕЗ”. Во него тие се гледаат како “меѓузона која ја поврзува Европа со Југоисток”. Уште “сметаат дека “Југоисток” може да се посматра како целина што има поцврсти природни врски отколку другите делови на денешна Југо­славија”, а односот меѓу “Југоисток” и Хрватска е потесен, отколку меѓу овие две компоненти и Словенија”. И една лекција до Запад: “Посебноста на Југославија е во тоа што таа сега не може во целина да биде вклучена во европските интеграции, а до тоа може да се дојде постепено, како поединечни зони”. Значи, отиде Словенија во Европа, а вие Балканците седете си во Голема Србија.
    По ова нека ме убеди некој дека и повлекувањето на ЈНА не е смислено во кабинетот на Милошевиќ. И нека се обиде да ми ја објасни нашата “умерена и толерантна политика со уважување на позициите на другите” и “заложбата за сојуз на рамноправни суверени држави”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари