МИРНО ЛЕТО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:65:"Наведнатаглаванисонценејапече.

    На одмор сум. И решив и ова лето да протарашкам по архивата на “Сакам да кажам”. Наместо да си го арчам времето читајќи вести од Македонија што ќе ми внесат дополнително вознемирување, се забавував читајќи си ги старите текстови. Да видам што сум пишувал во јули и во август во изминатите дваесет и две години.
    Е, драги мои, ако се оценува според темите, ние овие дваесет и две години сме можеле и да ги преспиеме. Освен што остаревме и се надградивме со лошотилак и омраза и кон блиските и кон тие што не ги ни познаваме, друго ништо не се сменило.

    19 јули 1997

    “Нема место за разочарување туку за реалност”, вели министерот за надворешни работи Благој Ханџиски, коментирајќи ја одлуката на Европската комисија во својата “Агенда 2000” да не ја спомене ни буквата “М” од нашата држава, кога станува збор за проширувањето на Европската унија.
    Нема место за разочарување туку за реалност. Европската унија покани на преговори десет земји од Источна и од Средна Европа, а Македонија ја заборави, заедно со Албанија и СР Југославија. Разочарувањето би можело да дојде подоцна. На пример, кога ќе патуваме за Бугарија со шенгенска виза.
    Нема место за разочарување, затоа што и покрај сe, нас Европа нe сака. Скоро исто колку НАТО. Ни признаваат дека сме подобри од другите, нe удираат по рамо, ама ни викаат да ги сфатиме оти такви биле политичките прилики, па нe бодрат да попричекаме некој друг круг за проширување. Првиот круг го пропуштивме, за вториот очигледно не нe есапат за живи. Белки ќе дочекаме нешто во деветтиот круг.
    Нема место за разочарување. Нам сите ни ја признаваат европската ориентација. И постојано нe тешат дека вратата за членство во НАТО и во ЕУ е отворена. Само треба да се пречекори прагот. Бидејќи многу сме напреднале и со демократските реформи, и со пазарната економија, и со приватизацијата, веќе сме на прагот на Европа. Таму каде што обично стои чергичето за бришење чевли.

    14 август 1999

    Сите дигнаа раце од нас. Не може ни да ни се стемни како што треба. Дури ни сонцето не сака да нe замрачи, како што ги замрачува другите. По што се поарни од нас Романците и Унгарците, па кај нив месечината целосно го покри сонцето?
    Дента кога настапи затемнувањето, граѓаните на Македонија се скрија. Додека насекаде низ Европа на сонцето му палеа огнови, организираа концерти, се возеа со авиони, ние си се скривме зад завесите, како што ни рече Владата. Среќа што тие денови не ни се појави министерот за одбрана Никола Кљусев. Веднаш ќе ја прочитавме пораката дека треба да ги исчистиме засолништата. Вака, се задоволивме само со седење дома и гледање во подот. Со наведнати глави. Како што ни доликува. Наведната глава сонце не ја пече.
    Не дека ние повеќе си ја слушаме Владата отколку Британците, туку имаме подолго паметење. Кога министерот за здравство Драган Даниловски ни рече: “Седете си дома и не гледајте во сонцето!”, ни проработи генетската меморија. Зарем да завршиме како Самуиловите слепци?
    А што ли се исплашивме толку од мракот, кога и онака бел ден не сме виделе.
    Да направеше Македонската телевизија анкета меѓу граѓаните како ќе ја дочекаат пропаста на светот, сигурно најголемиот број анкетирани ќе одговореа: “Дома, во кругот на семејството, со скромна трпеза”. Ете што ти се традиционални вредности на македонското семејство. Еднаш слепец секогаш слепец.
    Зошто, пак, кај нас да биде тотален мрак? Не сме ние Романија.

    28 јули 2007

    Колку бевме разочарани дека министерката за надворешни работи на Грција Дора Бакојани не рече оти ќе стават вето за влез во НАТО. Ете ти нов проблем. Да ставеше Грција вето, ќе си имавме оправдување. Вака излегува дека навистина треба да ја напишеме домашната задача.
    Во расправата за евроатлантските интеграции се вклучи и Али Ахмети. Па одново се расправаше дали имало договор меѓу него и Груевски, или немало.
    Ахмети рече дека кога одел во Брисел, имал чувство како да има “две Солани”, еден што зборува со Груевски, а друг со него.
    Премиерот Груевски прво тврдеше дека нема договор. После рече дека има договор, ама договорот го направил СДСМ. Ама Шеќеринска не беше на седницата.
    И што имаме ние од целата расправа во недостиг на заклучоци на темата евроатлантски интеграции? Две солани, две шеќерани и само една Дора Бакојани.

    16 јули 2011

    Ние Македонците како уште да не сме свесни дека сме тука за да останеме. И дека не чекаме некој пак да нe пороби за да нe стави во ред. Туку треба сами да си се мачиме. Да си ја носиме одговорноста за себе. И да си направиме држава во која ќе си бидеме среќни.
    Знам. Тешко е така да се размислува во заедница во која ни куќен совет не може да се направи без да се искараат станарите оти некој користел лифт, а некој не, ама за наша жал, развиениот свет така функционира. Седнуваат, се договараат, и си плаќаат така како што се договориле. И само така се свои на своето.
    На еден амбасадор уште и мајтап му играа оти рече дека ако не можеме да влеземе во ЕУ преку врата, да се обидеме да влеземе преку прозорец. Ние што правиме триумфални порти, ќе се протнуваме низ кепенци!?
    Човекот само најдобронамерно сакаше да ни нацрта. Баталете го името, тоа е политичко прашање. Подобрете си го животот дома. Тоа никој однадвор не може да ви го направи.
    Кога ние би биле демократска држава со завиден стандард, ЕУ со боринче би нe барала. За да им ги покриваме долговите на нејзините членки.

    21 јули 2012

    Некој селанец од светиниколското село Ранченци, наводно, го запалил соседното Патетино од инает. Не му давале да го напасува добитокот.
    Во Судскиот совет за инает не може да се избере претседател на Врховниот суд. ДУИ за инает на го гласа кандидатот на ВМРОДПМНЕ, оти ВМРО за инает не го гласа нивниот кандидат.
    Вчера, за инает на СДСМ, Обединети за Македонија на Љубе се врати во ВМРОДПМНЕ. Пред тоа, за инает на ВМРОДПМНЕ, се здружи со СДСМ. Откако уште пред тоа за инает се отцепи од ВМРОДПМНЕ. За инает на Груевски и на Ахмети, Бранко се здружи со Љубчо и со Тачи. А кога го слушам Груевски со кој тон ги дава изјавите, сe ми се чини дека сe што направил, како да направил за инает на Бранко. Од Александар Македонски до Триумфалната капија. Само врбите во Вардар не се за инает. Таму проработела креативноста.
    Е тоа е приближно кругот во кој се движи Македонецот. Меѓу ВМРОДПМНЕ и СДСМ секогаш има некоја друга ВМРО. Од инает во инает, за инает. Инаетот е потврда на идентитетот затоа што е длабоко врежан во генетскиот код на Македонецот. Да му цркне кравата на комшијата. Зошто? За инает.
    За инает на ВМРОДПМНЕ ни најголемата опозициска партија СДСМ нема да го обжали новиот Закон за лустрација пред Уставен суд. Потпретседателката на партијата Ана Павловска Данева рече дека тој закон за нив не постои. “Тој закон е нула”, рече таа. Ете, тоа го кажува професорка по право и пратеник. Дека во СДСМ не го признаваат Законот оти не гласале за него.
    Така е тоа во Македонија. Прво ВМРО-ДПМНЕ се помоча на институцијата Уставен суд што го поништи Законот за лустрација, па за инает донесе уште понеуставен закон. Па сега, за инает и СДСМ, му се помоча на Уставниот суд оти не го признава Законот, па не мора ни да го обжалува. Па после ќе се чудиме кога правда ќе се дели на улица. Оти веќе се дели на Фејсбук.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира