МИСТЕР ЈУТЈУБ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:224:"ОдкогоучелевоосновноивосреднодецатаодСтудентскиотпленум?Однаставницитештоштрајкувааилиодштрајкбрехерите?

    1.   Зошто новиот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли пред да дојде во Скопје, одлучи да и` се обрати на македонската јавност преку интернет-каналот за споделување видеа Јутјуб? Затоа што прашал кој канал најмногу се гледа во Македонија. Рече “здраво” на македонски и на албански јазик. Што ти е нешто како прва и втора програма на МТВ. А Јутјуб е новиот македонски национален канал. Што е нешто како заменска телевизија на јавниот сервис. Фалеше уште да каже дека гласа за, па да ја опфати и третата програма, односно Собранискиот канал. А ако прашаше: “До каде е онаа работа?”, ќе си помислевме дека е и на отворена седница на Владата.

    2.   Чудна направија е тоа Јутјубот. Преку него Македонија комуницира со светот и светот комуницира со Македонија. Јутјуб сам снима и сам си пушта. Големиот Јутјуб гледа сè и секаде. Дури и во кабинетот на премиерот.
    Не е проблем што Големиот Јутјуб гледа. Проблем е што пушта.
    Па така се појави нов жанр во македонското ТВ-новинарство. Ексклузивни снимки од Јутјуб. Бре, бре… И тоа го даваат на вести. И викаат дека снимката ја добиле од извори на Јутјуб.
    За појаснување на оние што гледаат ТВ “Пинк” и ТВ “Гранд” на македонските национални телевизии, тоа Јутјуб нема ништо заедничко со поранешна Југославија. Да не помисли некој дека тоа е југословенска цевка. Тоа е интернет-платформа на која секој може да постави видеоснимка, освен ако таа не е со навредлива содржина.
    Така што сега очекувам и Мистер Јутјуб да одговори во истражната постапка од каде му се снимките. Сепак, дури и во оваа чудесна Македонија, во која сè е можно, прилично е неверојатно дека Мистер Јутјуб има пристап да снима во кабинетот на премиерот.

    3.   На Јутјуб се појави и видеоклипче од предавање кај професорката Тања Каракамишева на Правниот факултет во Скопје. На снимката се гледа како пет-шестмина студенти неколку минути упорно дигаат рака за да постават прашање, а таа ги игнорира. Си зборува тоа што си го наумила. Кога одеднаш, од еден мобилен телефон се слуша снимен извик: “ВМРООООООО….” И одеднаш вознемиреност, а збунетоста на Каракамишева отвори простор за поставување прашања. И еден од студентите ја прашува професорката што мисли за најновиот албум на Цеца.
    Е оваа снимка е симбол на начинот на кој оваа власт ја третира јавноста. Дигаш рака, трпелив си, учтив си, највоспитано сакаш да поставиш прашање. А тие те игнорираат. Упорно те игнорираат. Сè до оној момент додека не стигне гласната порака: ВМРОООООО. Е тогаш веќе може да почне дијалогот. Со студенти, со лекари, со професори, со наставници… Со новинари. Ние секој ден прашуваме, а тие нè игнорираат. Најбезобразно. Како Каракамишева.
    И мислите дека после овој спот Каракамишева ќе се усрами. Не. Уште утре ќе даде експертска изјава. Не за Цеца. И за сондата на Марс ако треба.
    Оти тоа е начинот на функционирање. Нема ти што да прашуваш кога јас работам за твое добро. Туку треба да си среќен. Што си жив.

    4.   На денот кога цела нација уште од сабајле се вознемири дека имало обид за пуч, врховниот командант , претседателот Ѓорге Иванов беше на прослава на Свети Атанасиј на Попова Шапка.
    Така што од кабинетот на Иванов не се појавија ексклузивни снимки. Изгледа дека и за Мистер Јутјуб тоа било непотребно трошење време и ресурси.
    Само искрено се надевам дека досега и до него допрела веста за пучот.

    5.   Телевизиите на кои Мистер Јутјуб им е извор за ексклузива јавија дека граѓаните и бизнисмените се во грч и параноја. Зошто? Затоа што не се сигурни дали се меѓу илјадниците граѓани за кои зборуваше Заев и си враќаат наназад што сè имаат кажано преку телефон.
    Тоа ли било болката? Јас, пак, си мислев дека граѓаните се во грч од нови закони, нови давачки и високи казни, а бизнисмените се во параноја од едно чудо инспекции што можат да им влезат во фирмите.
    Зошто параноја? Зошто грч? Сè ќе си дојде на своето.
    Видете како работите си легнуваат само за една недела. Штрајкот на наставниците заврши во вторникот во десет ноќе. Оти во средата беа закажани протести. Можеле да се договорат СОНК и Владата, ако треба и ноќе. Пред тоа, Сенатот на УКИМ побара да се прави нов закон за високо образование. И Владата прифати. Оти овој е веќе застарен. Поминаа три недели откако Собранието го изгласа, а претседателот го потпиша. Вчера кај премиерот беа и претставниците на Студентскиот пленум. На средбата, Владата изрази “отвореност и подготвеност”. Па на крајот дури и ги испрати со “благодарност за конструктивниот пристап”. Дури и таксистите ќарија. Им ги одложија ГПРС фискалните каси.
    Па и сите телевизиски канали прекуноќ се вратија на телевизиите. Освен “Национална географија”. Тој канал, изгледа, им се чини многу опасен. Да не го помешале со “Енимал планет”. Па ги потсетува на Животинска фарма.

    6.   Овие од СДСМ упорно тврдат дека имаат стратегија. Може стварно имаат. А што им е стратегијата? Пред да ги фрлат, бомбите да бидат забранети. Досега тактиката им успева.
    Затоа што Јавното обвинителство забрани да се објавуваат материјали кои може да имаат влијание на истрагата.
    Веќе не знам што е безбедно од тоа што објавуваме и што не би можело да има влијание на истрагата. Единствено сум сигурен дека она што го има на претпоследните страници во весникот е безбедно за објавување. Жални вести и помени. Тие не можат да имаат влијание врз истрагата. Сè уште.

    7.   Уште од почеток го следам Студентскиот пленум. И студентите ме изненадија со нивните прибраност, организираност и софистициран начин на протестирање. Овие месеци покажаа дека знаат што сакаат, без оглед што тој закон директно не ги погодува. Ај што покажаа познавање на проблематиката, тоа не ме чуди. Туку покажаа домашно воспитување, интегритет, солидарност, трпеливост, толеранција, смисла за хумор, наднационално единство и култура на однесување.
    Кој ги научил овие деца на овие вредности? Кај какви наставници учеле овие студенти додека биле во основно и во средно школо? Кај оние што сега штрајкуваа или кај штрајкбрехерите?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари