МРМРМРМРМР, МРМРМРМРМР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:43:"Бегалцитенесегласачи

    1.   Цел свет ги виде сликите од хуманитарната криза што се појави на јужната граница, еден ден откако беше прогласена кризна состојба и беше затворена границата за бегалците. Рекоа дека имало наплив од 3.000 мигранти и дека државата нема доволно вагони за безбедно да ги пренесе до Србија.
    Дека не можат да организираат транспорт за толку луѓе, не ми се верува. И дека толку луѓе не можат да ги попишат во кус рок за да ги евидентираат на влез во земјата – и тоа не ми се верува. Сепак на власт е партија којашто покажала исклучителни организациски способности и со тоа се гордее. Да требаше партиски митинг, дури и спонтано да го организираат, за еден ден ќе превезеа и три пати повеќе партиски активисти отколку што има мигранти на границата. Ни вонредни возови ќе беа проблем, ни автобуси ќе беа проблем. И не само што ќе ги превезеа. Туку и прецизно ќе ги евидентираа кој се качил во автобусите. Сосе роднини и пријатели и со вкрстена споредба кого од нив вработила партијата, а кому ветила дека ќе го вработи. И плус и сендвичи и вода ќе им дадеа.
    Ама бегалците не се гласачи.

    2.   Ги знае некој овие пратеници што завчера во еден ден требаше да изгласаат 87 законски измени, плус ребаланс на буџетот? Ги посматрав едно време колку да оценам дали знаат што гласаат. Тазе дојдени од одмор, едни гарант си раскажуваат кој како си поминал, други држат телефон во рака и споделуваат на Фејсбук, трети читаат весник… А спикерот Трајко Вељаноски ги чита предлозите за гласање: “Мрмрмрмрмрмр… Мрмрмрмрмрмр…”. И одеднаш го подига гласот и подвикнува: “Ги повикувам пратениците да гласаат за…”. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ист момент го прават истиот потег. Со иста положба на телото во истата секунда притискаат на зеленото копче. Со едната рака притискаат на копчето, а со другата продолжуваат со претходните активности на мобилните телефони. Трајко продолжува: “Мрмрмрм…, мрмрммрр..”. И пак го подига гласот и пак подвикнува. Тој демократски ритуал на самомислечките умови во четвртокот се повтори едно седумдесетина пати.
    Замислете колку им е напорно. Ај пробајте седумдесет пати со шаката да повторите исто движење. И тоа да го правите синхронизирано со уште 63 раце на други луѓе во истата просторија. Сироти пратеници. Зглобовите ќе им настрадаат. Среќа што умовите не им требаат, па ќе си ги сочуваат.

    3.   На народниот правобранител Иџет Мемети собраниските служби му забраниле да зборува пред пратениците на седницата за ребалансот на буџетот. Што е тука чудно?
    Па Изет Меџити беше реизбран од владејачкото мнозинство во втор мандат оној славен 24 декември 2012 година. Тоа се случи веднаш откако пратениците на опозицијата беа на клоци избркани од Собранието, а новинарите беа протерани за да не гледаат што ќе се случува. И на таа седница се носеше буџетот. А пратениците од опозицијата сакаа да зборуваат за буџетот.
    Многумина од тој состав на Собранието и сега се пратеници. А претседателот на Собранието е истиот. Ист е и министерот за финансии пред чии очи тогаш насилно беа изнесувани пратениците од опозицијата.
    Тогаш по што денешната вест за забраната на правобранителот да им се обрати на пратениците е поскандалозна од онаа од 24 декември 2012 кога овој народен правобранител беше избран веднаш откако народни пратеници и новинари беа избркани од Собранието? Правобранителот овој пат дури и добро помина. Него само му забраниле да зборува. Ќотек не доби.

    4.   Јасно ми е дека ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се обиде да докаже дека одморот на потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска со чамецот во Грција е поскандалозен од одморот на премиерот со очилата за сонце во Израел. Јас лично немам проблем што Рада отишла на одмор. И немам проблем дека била во Грција. И се согласувам дека секој има право на одмор. Сè дури не троши наши пари, баш ми е гајле каде и како ќе оди на одмор потпретседателот на опозициската партија.
    Туку нешто друго ми ја мати мислата околу ова одморите на опозиционите политичари. Нели бе многу работа имаа? Нели треба да победат во април? Сè си мислев дека паузата од преговорите ќе ја искористат за пишување програма, барање сојузници, мешање со народ… Девет години чекаат да се вратат на власт и чекајќи се уморија. Па морало баш и ова лето да одмораат.
    Некои луѓе не одат на одмор кога отвораат фирма или кога имаат клучна година во некој бизнис. Некои не одмораат кога имаат тежок проблем што не може лесно да се реши. Некои кога девет години работат за да им се оствари некоја цел, обично го скокаат одморот.
    Едноставно, има клучни, историски моменти кога можеби може и одморот да трпи. И ЕУ и Америка секој ден споменуваат дека роковите се наближуваат и дека сега е историска шанса да се смени системот и да се оправи државата. Ама изгледа ништо не е толку историско за да не може да издржи еден одмор.

    5.   Додека опозицијата одмора, Груевски одморен пушта канализации, сече ленти на кружни текови, пред камери се јавува на телефон за да ги решава проблемите на граѓаните, посетува училишта, ги проверува радијаторите, отвора и затвора прозорци, за лично да провери дали добро дихтуваат.
    Си викам, кога ќе се враќам од одмор, да му се јавам на премиерот да ми реши и мене еден проблем. Да го замолам свечено да ни ја пушти климата дома за да не ја малтретирам мајка ми по горештиниве. И бојлер може да ни пушти.

    6.   Претседателот Ѓорге Иванов во детското одморалиште “Славејче” во Охрид ги посети учесниците на фестивалот “Златно славејче”. Им рекол: “Вашата мисија е поттик за сегашните генерации, но и генерациите кои следат да продолжат да ги негуваат вистинските вредности”.
    Е па лето е. И претседателот мора нешто да каже.
    Додека е во Охрид и школата за млади лидери ја отвори. На отворањето рече нешто што ми звучи автобиографски: “Човек што не носи одлуки е склон да робува, да се покорува, а оној што носи вистински одлуки е учител, оној што го следат”.
    Е па лето е. И претседателот мора нешто да работи.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари