МРТВО МОРЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"Комунизмотнечини,амакомунистичкитезакониседобри

    1. Чаша џус од портокали и непрегледна морска широчина. Тројцата прет­седатели Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман удобно испружени во бамбусовите фотелји, под арката на балконот на сплитската вила “Далмација”, демек се договараат за иднината на Југославија. Туѓман гледа право кон морето, другите двајца фрлаат поглед откосо. Колку да се знае кој е домаќин во куќата на Големиот Гетсби. Ексклузивно право за следење на секое сркнување од чашите со џус имаа само Хрватската телевизија и ХИНА.
    Каква ли држава ќе скројат кога се гоштеваат само со џус? Да фатеше каме­рата на ХТВ барем некое шише прошек или чаши со беванда, па да им верува народот. Па да си мезнат малку далматинска пршута, прстаци, пашко сирење… Па телохранителите од зад нив да им запеат на увце: “С Понистре се види Шолта, пива клапа испод волта…”
    Вака, со сокче во рака, клапата под арката воопшто не си направи штимунг за пеење. Па дури ни Шолта не се гледаше. Само монотоно сино пространство. Ни чамец, ни едрилица, ни бротче… Тројцата сами, отсечени од светот, со џус од портокали, во куќата на Големиот Гетсби “продаваат” раскош и си даваат значење. А Туѓман божем незаинтересирано загледан во мртвото море. “Гледај, гледај… Ништо не се гледа…” Дури ни бродовите на италијанскиот брег со Сплит и Дубровник. Велат, им паднале резервациите за 90 отсто. Па решиле да не му го расипуваат погледот на хрватскиот татко на нацијата.

    2. Само еден ден по сплитскиот состанок и по изјавата на Алија Изетбеговиќ дека нема никогаш да се согласи со поделба на Босна, сметките од делбениот биланс пристигнаа во вид на оригиналната идеја за кантонизација на Босна и Херцеговина. По углед на Швајцарија ќе се формираат муслимански, хрватски и српски кантони.
    Така, покрај Македонија, ќе добиеме уште една Швајцарија на Балканот. Три Швајцарии во Европа!
    Грбот на новата швајцарска балканска конфедерација ќе биде симбол на историскиот договор на тројцата во Сплит. Стилизирана чаша џус и мртво море.

    3. Граѓаните на Словенија ова лето одморот ќе го минуваат на своето при­морје. Раздружени, отцепени, самостојни и сами бендисани. Затоа што нивната влада ги повика да летуваат во Словенија. Тоа им е една од мерките за подобрување на ликвидноста на самостојното стопанство.
    Веќе е напишано и сценариото за свеченото прогласување на самостојноста. Милан Кучан на 26 јуни ќе посади липа. Во тој момент тоа ќе биде единствениот симбол на ефективна самостојност. Наспроти целосната – нормативна. Како награда за оние кои ќе сфатат што значи нормативна, а што ефективна само­стојност, следи бесплатно летување на словенечкото приморје.
    Милан Кучан годинава нема да одмора. Мора да седи во Љубљана. Да го полева дрвцето. Бидејќи, како што стојат работите, Демосовата влада сосема ќе го откачи, па наместо оставка ќе му понудат пензија. За подарок ќе добие убава, шарена кофа од словенечко производство. Секое попладне, со кофата полна со еколошки чиста вода, ќе изврши смотра на построената словенечка војска и ќе го полее младото дрвце. Така секој ден ќе следи како му расте самостојноста.

    4. Во Македонија за такво нешто нема потреба. Имаме дрва – колку сакаш. Насекаде. Дрво до дрво. Затоа немаме никакви проблеми со самостојноста.
    Па така, во јужната балканска Швајцарија, иден Сингапур и најмирната оаза во светот, успеавме да ги совладаме сите тешкотии. Последна работа ни остана уште педагошката евиденција. Затоа што од тоа на кој јазик ќе бидат напишани четворките и петките во основните училишта директно е загрозена егзистенцијата на Албанците на овие простори. Ако пак случајно се појави некоја оценка на албански јазик, тоа не е ништо друго туку безобразен напад на суверенитетот на македонската држава.
    На последната конференција за печат на ПДП беше речено дека Албанците си ги бараат правата што ги имаат со Уставот од 1974 година и велат дека до 1983 година биле навистина рамноправни граѓани. Пратениците на оваа партија, пак, цело време за нивната загрозеност го обвинуваат стариот систем и едноумието. А токму едноумието им ги дало сите права кои сега си ги бараат назад. Значи: комунизмот не чини, ама комунистичките закони се добри!?
    Штом си дозволуваме да дојдеме во ситуација да си го губиме времето во дискусии дали сведителствата на албански се напад на македонската сувереност или одбрана на албанските национални права, многу брзо ќе станеме рамноправни. Ќе оствариме не нормативна, туку ефективна рамноправност. Во сиромаштијата. Заедно, и едните и другите, ќе молиме за леб.

    5. Во меѓувреме ќе работиме на создавањето балканска конфедерација. Со добрите соседи – Албанците, и со уште подобрите – Грците и Бугарите. Солиден почеток на реализацијата на оваа идеја е конференцијата на демократските партии од Балканот. На која не е поканета ниту една партија од Македонија. А медиумски најекспонирана личност е Вук Драшковиќ.
    Не знам што би рекол на ова Љупчо Георгиевски. Тој постојано ни ја “бутка” тезата за обединување на Балканот со бегање на Македонија од Србија. А Србите на собирот во Грција – главни.
    Нема врска. И онака Драган Богдановски најави дека идниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во Солун.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари