НА СТАДИОН

Не ме интересира политика

    НА СТАДИОН

     

    1. Гимназијалката Илина Димовска од Велес ја казниле со незадоволително поведение затоа што напишала свој став на Фејсбук. Директорот на гимназијата ја обвинил дека ширела говор на омраза. А тинејџерката само искоментирала една ситуација во која од приредба биле избркани сите ученици што не носеле униформи. Напишала: „Ниво на ретардација: Непотенцирани поединци од службата и кадарот на гимназијата кои се обидуваат да ти ја убијат индивидуалноста на училиште“.

    Што е тука говор на омраза? И кој поттикнува омраза? Дали младата девојка што мислела слободно и го кажала тоа што не и се бендисало? Или директорот што ги избркал сите што биле без униформа?

    Така се кали челикот. Така се почнува. Децата треба да се воспитуваат од мали. Сега ми е јасно зошто и учесничките на Конвенцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ беа сите исто облечени. Во црно-бела комбинација што им ја одредила партијата за оваа прилика. Оти ако не дошле во униформи ќе биле избркани од приредбата.

    Е токму затоа, случајот со средношколката од Велес што се дрзнала да бара индивидуалност ме вознемири многу повеќе отколку говорот на Груевски пред жените во униформи. Се гледа дека партијата треба да те воспита уште во средно школо. За кога ќе пораснеш за да се качиш на бината и да аплаудираш зад лидерот, да не ги повторуваш грешките од младоста. Треба да си свесен за последиците ако не си во униформа.

    2. Се знаеше дека не ни се пишува добро уште кога Груевски давајќи си оставка како премиер ни најави дека ќе мислел на нас и имал планови за нас. Ама кога зборуваше кај жените како лидер на ВМРО-ДПМНЕ не кажа ништо ново што пред тоа не зборуваше и не правеше додека беше премиер. Ќе бркал на клоци? Па зарем на клоци не ја избрка опозицијата на 24 декември, 2012?

    За волја на вистината не спомена шамари како што на времето чувме дека нарачувал кај Миле за Жерновски. Онака – „да влезат граѓани и еден граѓанин да дојде да му удри три шамари – јаки“.

    Груевски рече и дека „казната и одмаздата ќе стигнат на 24 април“. Што ќе прави? Како ќе се одмаздува? Во ендек ќе нè фрла сосе жени и сосе деца?

    Груевски упорно се обидува да ни каже дека не треба да им веруваме на своите уши. Дека тоа што сме го чуле не сме го чуле. Па луѓето ги преслушуваат снимките, ги цитираат, ги рецитираат… Вицови се раскажуваат. Цели фрази и реченици од бомбите што ги слушавме пред неполна година веќе станаа дел од македонското културно наследство. Ние сме лудаци? Не бре. Не сме. Дека ако не ги давале на МТВ сигурно не сме ги чуле? Па ги чувме. Чувме и што збореле и што мислеле. А богами и што правеле.

    И сега, некој униформиран директор на гимназија што веројатно успеал да се качи и на бината ќе ни кажува дека слободоумен коментар на некоја тинејџерка е говор на омраза. А говорот на лидерот на владејачката партија во кој се заканува со казна и одмазда за политичките противници е визионерство.

    3. Е па ако тоа е визијата за Македонија по 24 април, можеме уште од сега да си ја предвидиме иднината. Ќе нè собираат на стадион, како Пиноче што ги собирал политичките противници. А ние нема да веруваме што ни се случува. И кога ќе не транспортираат со двокатните автобуси накај стадионот ќе си правиме муабет: Не бе, мене не ме интересира политика. А бе, сите се исти. А за кого да гласам? Немам за кого да гласам. Море ќути, овие барем бесплатно нè возат.

    4. Еврокомесарот Јоханес Хан за бугарски Капитал изјавил дека „Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес“. А доскорешниот премиер рече дека на изборите на 24 април ќе стигне казната и одмаздата. Како викаше Миле во еден од оние разговори што не сме ги чуле? „Пиштење, вриштење че има. Со триаголниче че гласаш, ако не гласаш че те избркаме од работа“. Чиста работа.

    Хан не треба да биде загрижен. Изборите нема да бидат само квалитетни. Туку и ефикасни. Ќе има ем казна, ем одмазда.

    5. Најсмешна точка од говорот на Груевски беше кога кажа дека „живееме во демократија“. И дека е „нормално, еден ден народот да даде шанса на друга партија да ја води државата, а ВМРО да отиде во опозиција“.

    ВМРО можеби некогаш ќе биде во опозиција. Во некоја далечна иднина. Колку е тоа незамисливо. Можеби. Ако постои светот до тогаш.

    6. Владата не нарачала мебел во стилот на Луј 15. Тоа таму на некого во Службата за општи и заеднички работи му текнало да распише оглас за набавка на стилски мебел од 52.000 евра. Не е Владата. На некого му текнало дека има фотелји во боја на кралско вино, клуб маса со ногалки од јасен, тепих со 100 отсто волна одозгора и 100 отсто памук одоздола, душеци со мемори пена, перници со пердуви …

    Чекај ваму. Па тоа значи дека и проектот Скопје 2014 не го нарачала Владата. Тоа Службата за општи и заеднички потрошила 600 – 700, милиони евра. На некој службеник таму му текнало, па распишувал тендери.

    Службата не го нарачала само Панорамското тркало од 18 милиони евра. Него го нарачало ЈСП.

    Па сега, ако вакво објаснување ти поминува лесно кај гласачите, тогаш логично е и да мислиш дека ВМРО во некоја далечна иднина можеби ќе биде опозиција.

    7. Последиците од средбата на Груевски со американскиот потпретседател Бајден се чувствуваат и во САД. Доналд Трамп одбил да оди на ТВ дебата за претседателски кандидат на републиканците оти не му се допаѓала водителката.

    Долга е раката на ВМРО.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари