НАИВНИ СУДИИ

Големата мајка на сите зла во Македонија е судството

НАИВНИ СУДИИ

1 Сите знаеја дека обвинетите од СЈО за нелегалното прислушување на илјадници граѓани и за уништувањето на  опремата за прислушување ќе избегаат. Ама изгледа знаеле и судиите. Фактот дека изрекувањето притвор стаса до Врховниот суд само за да им се одложи одењето во притвор на обвинетите укажува дека шемата однапред била разработена.  Колку притвори има одложено Врховниот суд  во досегашната пракса? Па вака да одлучуваше за сите што одеа во притвор во последните 11 години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Врховниот суд  ќе се претвореше во суд за жалби за притвори.

Судиите уште од самиот почеток знаеле како да ја заматкаат целата процедура. Уште од Основниот суд во Скопје кој не одреди притвор, туку им веруваше на обвинетите дека нема да избегаат, па до Апелациониот суд кој, иако пресуди притвор, направи преседан и ги прати да се жалат во Врховниот суд.

И сега што правиме? Факт е дека ги нема Горан Грујовски, поранешниот началник на одделението во МВР што ги следело комуникациите, и  Никола Бошковски, вработен кој ги извршувал наредбите. Полицијата не ги најде дома.

А да сакаа да одат во притвор, ќе отидеа.

Осум дена тие не беа притворени, иако во Законот за кривична постапка пишува дека по изрекувањето на мерката тие без одлагање и веднаш треба да одат во притвор. И дека „жалбата на обвинетите не го одлага спроведувањето на изречената мерка притвор“.

Да сакаа да одат во притвор, ќе отидеа. Арно ама, ним толку апансас им дошла одлуката на Врховниот суд, па немале време ни на жените да им кажат каде одат. Дури и мобилните телефони си ги заборавиле.

Ова со мобилните е ептен јако: Божем треба да си професионален разузнавач за да знаеш дека ако сакаш да избегаш од правдата прво нешто што оставаш е телефонот и картичките. И божем треба да бидеш обвинет за незаконско прислушување на 20.000 мобилни телефони за да бидеш стручен и да ти текне дека треба да го оставиш телефонот ако решиш да бегаш.

Како што е впрочем е јака и приказната дека не можеле да избегаат оти им биле одземени пасошите. Ако зборуваме за долгогодишни професионални разузнавачи, тогаш тие сигурно знаеле како и со одземен пасош може да се избега од земјата.

Само судиите се правеле дека не знаат. Во целиот овој ни малку наивен план, само судиите ја добиле улогата да глумат наивност.

И уште не е сè готово со законските можности за блокирање на правдата. Сè уште Уставниот суд може да го укине СЈО. И – ајт со здравје.

2 И сега што правиме? Ај овие судии што се дел од планот за глумење наивност и да ги разбереш. Се соживеале со улогата.

Ама што прават судиите што беа деградирани, отстранети, шиканирани, малтретирани… Кај се судиите што не се „сваровски“ судии? Ги има ли воопшто? Ќе прозборат ли јавно? Се лутеа на новинарите дека им вршеле притисок, се навредуваа дека цело судство го нарекуваа „сваровски“, бараа разбирање оти се плашеле за своите работни места, за животите…Сега од што се плашат?

Па баш овој случај, по којзнае кој пат, ама овојпат најотворено покажува дека големата мајка на сите зла во Македонија е судството.

Реформи? Море, зборот „реформа“ е несоодветен за тоа што треба да му се случи на судството во Македонија. Генерален реизбор? И тоа којзнае дали ќе помогне. Специјално судско одделение? Каде? И во Врховниот суд? И во Уставниот? Ние тука имаме проблем со смртно болен организам. Кој ако не се исчисти – сите ќе нè закопа. Ова ни Прибе, ни свети Прибе не го решава.

3 Што ти прават два месеца во опозиција. Дочекавме ВМРО-ДПМНЕ да ги брани партизаните. А до завчера ги лустрираа. Цел центар на Скопје го послаа со споменици на контроверзни личности од историјата, и тоа не само наша туку и на сите соседи, а сега се бунат против договорот со Бугарија оти пишува дека сме споделувале историски настани и личности. По имињата на кодошите на бугарскиот фашистички окупатор именуваа палати на државни објекти. (Извини Заев за зборчето „фашистички“, ама така било). Пола Скопје се вика Тодор Александров, од  улици преку мостови до гаражи…  Со контраздружение го одбранија и Блаже Конески откако на „џуџето од Небрегово“, како што го викаа, му ја ставија буквата „В“ во презимето. И македонскиот јазик ќе го бранат, оти додека беа на власт сакаа да ја укинат катедрата на Филолошкиот факултет што се вика по оригиналот Блаже Конески – без В. А лекторатите по македонски јазик низ светот ги оставија без пари.

Убаво би било, пред гласањето за ратификација на Договорот со Бугарија во македонското Собрание да се види колку од овие вмровци што сега му наоѓаат маани на документот имаат двојно државјанство. Колкумина од нив имаат и бугарски пасоши.

Така ќе знаеме дали го критикуваат договорот оти се загрозени националните интереси на Македонија. Или, на Бугарија.

4 На што ви личи ова соопштение?

„Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари работна средба со министерот на локална самоуправа Сухејл Фазлиу“.

Објавено е на официјалниот владин сајт со слика. Како соговорниците да се од различни држави. Синким СДСМ и ДУИ преговараат за договор за соработка, на кој во јавната расправа се приклучува и ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на Зоран Заев прво објави дека го укинува владиното рекламирање по комерцијалните медиуми.

После, под ингеренции на министерот Роберт Поповски задолжен за информации, транспарентност и отчетност формираше владин сектор за информирање во кој се вработија 40 „стручњаци за медиуми, комуникации и ПР“.  Сигурно некој од тие стручњаци го пуштил горново соопштение дека премиерот се сретнал со својот министер во својата влада.

Значи, со наши пари вмровската влада плаќаше пропаганда на телевизиите. А сега сдсмовската влада пак со наши пари ќе ги плаќа платите на пропагандистите.

Изгледа дека стварно министерот без ресор Роберт Поповски прво нешто што нашол во напуштените кабинети биле тефтерчињата на Мартин Протоѓер со белешките за пропаганда.  И сега во пракса учи од најдобриот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Booking.com

Коментари