НАЈДОБРА ЕБОЛА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:118:"СДСМ-овкитенемаатискушенијакакоВМРО-вките,отинесенавласт

    1. Кога Европската комисија ќе ви напише во извештај дека “Партиите во власта ја замаглија линијата меѓу држава и партија и така ја еродираа довербата во јавните институции”, сетете се што сè сте си помислиле за време на завчерашната тричасовна паника за еболата во Скопје. Колкумина се исплашија од веста? Еееј дури и на Си-Ен-Ен и на Скај њуз бевме брејкинг њуз. А кај омилените комшии дури и две-три минути слава добивме. Пак сме први во регионот! И тоа со меѓународна потврда. Нашата ебола е најдобра. Па кога се појави официјално и здравствено компетентно лице да ја смири ситуацијата, почна мајтапот. Колку само вицови се смислија, колку хумористични твитови се препратија, колку сеир на новинарите им се изнагледаа…
    Божем многу е тешко да се загуби доверба во државни институции кај народ кој и онака верува само во теории на заговор. И божем таа недоверба во институциите мораше да ни ја каже Европската комисија, дека ние сами не ја чувствуваме. И така си живееме. Може стварно да е ебола, ама ние со недоверба ја примаме и веста за смртоносна болест дури и кога е соопштена од државна институција. Како што тргнаа прво вестите за азискиот стршен, па листеријата, па синиот јазик, па жолтицата… Кој да верува дека и ебола баш нам ќе ни донесе светска слава? Како што со резерва ја примивме веста дека и судиите биле баш толку многу кабает, па морало да се извлечат од дома среде ноќ со полиција и тоа баш на денот кога се објавуваше извештајот на Европската комисија. Како што не сме убедени дека нема проблем со инсулинот. Како што со сомнеж ја прифативме веста дека лидерот на штрајкот на лекарите бил фатен со мито. Како што со шепотење си споменуваме на сообраќајната несреќа на познат новинар. Како што не ни очекуваме дека во суд ќе добиеме правда. Како што се чудиме како успеваат гласачите од Пустец да живеат и по триесет луѓе во еден стан и тоа со години. Како што не веруваме во независноста на Собранието, откако претседателот нареди исфрлање на пратениците и новинарите со сила. Како што не веруваме на телевизиите кога на кајрон среде серија ќе ни најават дека автобус покосил десет луѓе на станица. Па кон крајот на вести ќе ни откријат дека тоа не било кај нас, туку во Турција. Како што веќе не веруваме ни во метеоролошка прогноза оти и таму директорот мора да е од владејачката коалиција.

    2. Зарем некој од Брисел требало да ни каже дека немало разлика меѓу државата и партијата? Па оние билборди со кои ВМРО-ДПМНЕ нè повикува да се зачлениме во партија со пораката “Потребни сме $ на Македонија” не се ставени на улиците низ Брисел. Тука се, покрај нас. За да нè потсетат дека ако не си ВМРО не си $ потребен на Македонија.
    Па после се чудиме кога професорите и директорите во училиштата каде што ни учат децата се плашат од Советот на родители, оти таму имало некој “што бил многу близок со штабот”.

    3. Уште има некој на кого нешто му значи оној извештај на Европската комисија со кој сме добиле препорака за преговори, ама нема да добиеме датум? Тоа па тоа, шеста година по ред. Ама овој пат забелешките биле многу остри. Страшна работа. Гледам и во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ многу се потресени. Три дена плачат. Колку што се стресоа од критиките од Брисел, толку ни еболата не ги исплаши.
    Требаше Европската комисија да ни каже дека проблем се “слободата на говор и на медиумите, независноста на судството и квалитетот на правдата”. Божем и тоа требало од Брисел да го дознаеме, оти не сме го знаеле до сега. И ако за тоа не се пишува во македонските медиуми не значи дека ние не знаеме дека се случува. Тука живееме.
    Што може нам во животот да ни смени каков било извештај од Европската унија? Груевски има апсолутна власт веќе деветта година. И тој многу добро знае дека нема да изгуби на избори ниту поради негативен извештај на ЕУ, ниту пак поради одземање на препораката за преговори.
    Него може да го победи само преродба што ќе понуди нешто различно, ако не и подобро од неговата. Некоја преродба којашто ќе вети враќање на довербата во институциите, департизирање на државата, независно судство, слобода на говор, слободни медиуми, транспарентно трошење на државните пари… Ама и некој што ќе покаже со личен пример дека е спремен не само да ја понуди преродбата, туку и да ја понесе одговорноста за тоа. А таков и да го има, овие девет години не се истакнал за да го препознаеме.
    Луѓето може да се уморни, може да се рамнодушни, може да се полтрони, може да се мрзливи, па дури и исплашени, ама сигурно не се глупави. И ако препознаат дека има понуда подобра од оваа што ја имаме, колку и да краде власта на избори, која било опозиција не може да ги изгуби изборите.

    4. Европската комисија рече дека Македонија била во ќорсокак. А кој не турна во ќорсокак? Кој прво рече дека сме супер со реформите? И кој после рече дека ветото на Грција е поважно од реформите? И кој сè уште вика дека не може да помогне во спорот со Грција? Кој шест пати повторува исти фрази, ветува, поттикнува, забележува, ама на крај вика – сето тоа не важи, оти Грција ќе стави вето?
    Така што, оваа година и претседателот Ѓорге Иванов кажа нешто паметно. Рече: “Европскиот совет конечно треба да ги согледа последиците од предолгото чекање и да даде зелено светло за датум за почнување на преговорите”.
    Ако некому не му се јасни последиците на долгото чекање на ЕУ нека види кој е претседател и како беше избран.

    5. Уставниот судија Сали Мурати при расправата за уставноста на законот со кој се ограничува правото на абортус изнесе теза дека “сонот на секоја жена е да се омажи и да стане мајка”. Според него законот е добар “затоа што ако се дозволи многу слободен закон за абортус, ќе се зголемат неверствата во бракот и другите неморални појави”.
    Да повторам, ова не е чамче муабет, ова го кажува уставен судија во расправа во Уставниот суд во демократска Македонија длабоко зачекорена во 21 век. И во тој Уставен суд ние треба да имаме доверба.
    Значи, пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ од минатиот состав на Собранието што гласаа за овој закон имале сон да се омажат и да родат. Ама се плашеле да не паднат во искушение да си ги измамат мажите. Да затруднат, а сопругот да не бил инволвиран во процесот. Стравот од бременост бракот го чува.
    А пратеничките од СДСМ не ни гласаа против законот, туку се правеа паметни, па излегоа од салата. Оти тие сонот си го оствариле. А искушенија немаат, оти не се на власт.
    По ваква дискусија на уставен судија и одобрување од останатите уставни судии, очекувам кога ќе се догради новата фонтана на Плоштадот Македонија свечено да биде пуштена со палење на клада на сите жени што абортирале и на лекарите што тоа им го дозволиле.
    Така е кога конзервативизмот станува покритие и за трескање глупости.

    6. На студентите нешто не им се допаѓала идејата за екстерно тестирање на факултетите. Си имаат лидер на студентски парламент, па нека си се мобилизираат, нека си се побунат. Кај им е лидерот? Ќути, никој не може да го најде.
    Ама овој пат студентите нека не бараат поддршка од професорите. Оти кога протестираа професорите затоа што власта им се замеша во автономијата на универзитетите, студентите им направија контрапротести. Нека научат и нашите студенти што е солидарност.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари