НАЈДОБРО ПУПЕЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:84:"Лекцијатаенаучена:Суперлативотеимператив

    1. Пролетта пристигна во нашиот град. Времето е многу убаво. Најубаво е. Нема прес – конференција на која може да се оспори тој факт. Нема ни што да се демантира. А нема ни кој да тужи. Ни СМС да испрати. Еве ја, тука е. На вести така кажаа. Додуша, не кажаа дали стигнала прво кај нас. Ама ние сме меѓу првите што ја почувствуваа.
    Ова не е само време за копање по нивите и за раскопување на античките гробници. Време е и за депилирање до коленици за куси фустанчиња, време е за депилирање до лакти, време е за бричење под мишки. Време е за мимоза салата. А богами време е и за некое евтино аранжманче за Грција, колку да се фати Велигденот меѓу двата круга избори. Малку да си го подгрееме патриотизмот за уште едно недавање на името.
    Цветаат цвеќињата. Тревата е зелена. Најзелена. Сe што може да расте – пораснало. Децата садат рози. Сe што може да цвета – распупело. Ние сме меѓу најдобрите во пупење. Тоа е видливо и ако гледаш преку прозорецот, но и ако гледаш телевизија. На сите вести гледаш дека сме најдобри, или дека сме меѓу најдобрите. Тука некаде, четврти или петти во светот, а и пошироко. И кога ги гледам министрите како ни ги презентираат нашите успеси, посакувам да беа уште малку поубедливи. Не можам, а да не помислам на онаа убавата уредничка. Да беше таа сега водител на вестите, убеден сум дека успесите ќе беа уште поголеми. Оти таа успеваше од министрите да извлече најмногу.

    2. Вестите се такви какви што се. И убаво е што се убави. Сe мора да е нај. Реченица без “нај”, не е реченица. Лекцијата е научена. Суперлативот е императив. Мора да е “нај”.
    Затоа и мене пролетта и воопшто и временските прилики најмногу ме интересираат. Затоа и си гледам вести. На пример, минатата недела си гледав МТВ. Сите прилози што беа избрани беа “нај”, “нај”. Меѓу нив имаше и еден за климатските промени. Бидејќи таа тема особено ме интересира и не пропуштам прилог за неа, многу внимателно ја ислушав најавата. Со најголемо внимание. Почитуваниот колега, во најавата за прилогот, следејќи ја девизата “Суперлативот е императив” го кажа ова: “Македонија е меѓу земјите најподложни на климатските промени”. Уф, мајката. Значи не сме ние најподложни, ама сепак сме во врвот, меѓу најподложните на климатски промени. Не знам со што го заслуживме и овој успех, ама нека цркнат комшиите. Ние сигурно сме пред нив во подложност на климатски промени.

    3. Еве и доказ за ова. Кој будно ја следи програмата на македонските телевизии, сигурно ја забележал веста од четвртокот за џиновскиот инсект што се појавил во Штип. Тоа беше некој штурец со големина на мал зајак и со опашка од десет сантиметри. Не е меѓу најголемите, туку е најголем инсект. Еден професор објасни дека такви штурци има во Нов Зеланд и дека не станува збор за мутант. Рече дека, најверојатно, тоа се должи на климатските промени. Бинго!
    Гледате сега што значи да си најподложен на климатски промени? Ја гледате предноста? Што не отишол тој штурецот кај комшиите? Не му чини во Бугарија? Не му чини во Србија? А Грција? Што ако има море? Мало му било Солунско Поле, па го избрал Овче Поле. Инсектот знае. Инсектот може. Инсектот дошол таму каде што има најдобри услови. И најповолна клима за инсектирање.
    Мислам дека јавниот сервис, а и другите телевизии пропуштија на овој феномен да му пристапат со должна сериозност и аналитичност. Оти Нов Зеланд е една од најбрзо растечките економии во светот. Ете објаснување зошто дошол кај нас. Да се чувствува како дома.

    4. Покрај тоа што сме најподложни на климатски промени, кај нас има и најголема искористеност на станбен простор по број на луѓе. На избирачките списоци се појавија и по дваесет, триесет луѓе пријавени во еден стан. Ама не е забрането да живеат толку луѓе во еден стан. Македонија е најслободна и најдемократска земја, и нема законски ограничувања за број на жители по станбен квадрат.
    Не знам дали имаат само по едно купатило, ама тоа може да биде нов предизвик за министрите за здравство, за труд и социјала, па и за екологија. Дури и министерот за образование може да се вклучи во проектот. На толку народ ќе фалат и школо и градинка на катот.
    Башка за такви станбени единици не треба ни греење. Ни гасификација, ни топлификација им треба. Таква средина продуцира биомаса со висок енергетски потенцијал. Единствено што ќе треба да се избалансира употребата на нужникот. Па по угледот на Париз каде што за да се намали загадувањето возилата возат по принципот пар-непар, и жителите во овие станови ќе одат во тоалет по принципот пар-непар на бројките на личните карти.

    5. Се намалуваат парите кои печалбарите ги префрлуваат во Македонија. Според Народната банка на Македонија, тие лани испратиле 73,6 милиони евра помалку од претходната година, а според предвидувањата на Банката, и годинава приливот ќе биде помал од ланскиот.
    Печалбарите си ги праќаат парите дома. Е зошто сега не ги праќаат? Можеби затоа што си ги повлекоа домашните. Немаат тука кому да праќаат. Сега домата им е таму.

    6. За гробот на Александар Македонски што се бара во Свети Николе ми е шубе да зборувам. Оти колешката од редакција што беше на археолошкиот локалитет ја предупредија да внимава како се движи, оти ќе ја замајат високите електромагнетни фреквенции, па може да и` се сврти умот и да падне. Затоа решив да не пишувам ништо. Ако згрешам, да не изгорам.
    Ќе си се сконцентрирам на помалку актуелна тема. Според истражувањето на насмевките на агенцијата “Свот”, која се спроведува по принципот на таен муштерија, Македонија е на петто место во светот. Не сме најнасмеани, ама меѓу најнасмеаните сме.
    Па добро, за смеење е работава.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари