• Lexo në shqip
  • НЕ ЛУФТИРАЈ

    Судот не ја знае адресата. Реално, не ја знае.

    19899

    1 Има ли логика, по 25 години независност и 15 години откако имавме меѓуетничка војна и по 15 годишно хармонично владеење „по рамковен“, владејачката елита, која јасно ја слушнавме како сложно си ги делела парите, пак да нè плаши со некакви приказни за лошите Македонци и лошите Албанци?  Реално, нема логика.

    Има ли логика во 21 век кога децата уште на 5-6 години на таблети и мобилни телефони читаат приказни на англиски јазик, гледаат цртани филмови без превод и учат по три јазика, некој да те плаши со двојазичност? Реално, нема логика.

    Има ли логика, во истиот овој 21 век учителките да ги плашат  децата дека некој ќе ги терал да учат уште еден јазик? И тоа кој јазик? Јазикот на другарчето што седи во иста клупа. Реално, нема логика. Оти учителките,  нели, треба да ги научат децата да учат. Реално, тоа би имало логика. А не да ги учат дека треба да се плашат. Па макар се плашеле и од знаење.

    Има ли логика Артан Груби да вика УЧК и да го велича Ахмети како командант, 15 години откако УЧК ја победи Македонија, а командантите од 2001 до сега удобно си седат во сите македонски Влади? Реално, нема логика.

    Има ли логика Никола Груевски да ги плаши гласачите дека неговиот верен партнер Али Ахмети, ќе ни ја земе државата? Реално, нема логика. Оти ни Груевски ни Ахмети не може повторно да ни земат нешто што веќе еднаш ни го земале. Нивните две партии ни ја киднапираа државата. Тоа го чувме. И чувме како 10 години се имаа ујдисано да не држат како заложници. Во страв.

    Сега, пак не плашат. Ни ВМРО-вците ни ДУИ не се исплашија кога ги амнестираа хашките злосторници. А се плашат од учење јазик. Реално, нема логика.

    2 Всушност, мислам дека сум глупав кога воопшто и прашувам дали има логика во ова панично сеење страв меѓу гласачите. Исто толку глупав како кога се прашував дали имаат срам. Немаат срам. Нема ни логика. Реално.

    3 Единствено имаат логика се препораките што ги дадоа локалните власти во Скопје и Битола за решавање на загадувањето. На пример, препораката „да не се проветруваат просториите“. Е ај, да не луфтираме. А до кога? До јуни? Па тогаш ќе биде многу топло и ќе стаса нова препорака: „Не луфтирајте. И спуштете ги ролетните!“

    Другата препорака е „Не излегувајте од дома без потреба“. Само, не дефинираа што подразбираат под „потреба“. Бидејќи така темелно нè слушале што сме збореле на телефон, сигурно на секого од нас му ги знаат и потребите.

    Дали препораките за неизлегување ќе важат и на 11 декември? Дали излегувањето на гласање е потреба? Или подобро е да не се луфтира. За секој случај, спуштете ги и ролетните. За да нема стравот од каде да избега.

    И ако уште не знаете каде живеете, пуштете си утринска програма на ТВ. Јавете се на отворениот телефон. Играјте си демократија. Дебатирајте на прашањето: Дали ви пречи загадениот воздух?

    4 СЈО побарало асистенција од Кривичниот суд, да овозможи еден од телекомуникациските оператори да соработува во истрагата и да ги даде потребните информации за обвинителите и за истражителите во случајот со нелегалното прислушување на над 5.800 луѓе.  Арно ама, Судот не можел да даде наредба за претрес, оти не ја знаел адресата на телекомуникацискиот оператор.

    Е па, не ја знае адресата. Реално, не ја знае.

    5 Крстот во Општина Аеродром, кој беше изграден за да им конкурира на кулите „Џеваир“ со  донации од македонски компании што го собра Тодор Петров, ќе добие нови светилки што ќе ги платиме сите ние. Општина Аеродром ќе инвестира 113 илјади евра за замена на обичните светилки на Тодор Петров со економични светилки на сите граѓани.

    Во школите се греат на мазут. Саѓе паѓа врз главите на децата. А власта решила  на крстот енергетска штедливост да промовира.

    113.000 евра  за светилки на крст е отприлика четвртина од тоа што американските даночни обврзници платиле за обнова на црквата Перивлепта во Охрид. Додека нашето најважно културно богатство го реставрираат странците,  нашата власт ги рекетира бизнисмените да градат нови цркви. А потоа ги троши нашите пари за да нè импресионира со светилки како  најголем технолошки напредок.

    Курбиново пропаѓа. Ама затоа, пак, крстот ќе штеди.

    6 Во една недела се случија два напади врз десетина веб портали во Македонија. Ова да се случи на денот на изборите, плус да исклучат струја уште во некоја телевизија, да ги расипат телефоните за пријавување неправилности кај Народниот правобранител и во ДИК, плус и лифтовите да не работат, и не мора ни да се знае кој победил на избори.

    Не луфтирајте.

    АУДИО ВЕРЗИЈА

    Слушај тука