НЕЗАВИСНИ КОРЕЊА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:91:"ЕвропајапочнаборбатазаодбранаодЈугославија

    1. Најпопуларна реклама на Телевизија Црна Гора, откако и оваа република си го доби својот автентичен четврти глас во Претседателството на Југославија во името и делото на д-р Бранко Костиќ, носи порака: “Кока кола и корени – единствено чувство!” Рекламата се емитува на одредено време, додека не ги потрошиме залихите на лименките “кока кола”, со кои скапаниот капиталистички Запад во соработка со “шпионот” Анте Марковиќ сакаше да нé потцени и на­пра­ви зависни.
    Среќа наша што си го добивме Бранко Костиќ како уставен потпретседател на Претседателството на Југославија и како новоустоличен портпарол на Слободан Милошевиќ, кој навреме го откри капиталистичкиот заговор против Југославија и му рече “Не!” на Џорџ Буш.
    Бидејќи осведочениот непријател на сите Срби во светот, американскиот амбасадор Ворен Цимерман, изјави дека “ублажувањето на последиците на Никлсовиот амандман ќе зависи делумно од тоа дали на г. Месиќ ќе му биде дозволено да ја преземе функцијата претседател на Претседателството на Југославија”, новиот заштитник на српството, четвртиот глас Костиќ, реши да ја одбрани независноста на Југославија. Во духот на црногорската традиција, како пред педесет и кусур години кога и легендарниот Темпо, во екот на блокадата од страна на Информбирото, на Американците им изјави: “Ќе јадеме и лисја за да преживееме”, наследникот на Темповата идеја пред три дена на Цимерман му порача: “Уверен сум дека и овој пат нашиот народ попрво ќе се определи да ја чува својата независност и слобода, па макар јадел и корења, отколку да прифати економска помош што би била условена со губење на таа независност”.
    Тоа што во листата на јадења на Костиќ се споменуваат корењата како главен специјалитет, веројатно е условено од црногорското поднебје. Во кршевитите планини Црногорците ќе можат да копаат само закржлавени корења. Што не значи дека, под патронатот на независниот Костиќ, ние нема да живееме поубаво и побогато. Пролетва ни се погоди времето, а и земјава ни е родна. Не ќе мораме да се мачиме со копање корења. Ќе пасеме трева. А зависни лименки “кока кола” ќе шверцуваме од Грција. Тоа е она вистинското! Само тоа е тоа!

    2. Со верификацијата на новите членови на југословенското претседател­ство, промовиран е новиот принцип: “Нека е и глупост, само да е независна!” Така, не само што можеше да се случи човекот кој до пред извесно време изјавуваше дека црногорската нација е измислена сега да биде претставник на Црна Гора, туку за прв човек во колективниот шеф на државата, во преодниот беспретседателски период, да биде поставен – Сејдо Бајрамовиќ.
    Врховниот командант Сејдо, со чин заставник – прва класа (во пензија), сега може да ги построи генералите Вељко Кадиевиќ и Благоја Аџиќ и да им нареди да ја бранат независноста на Југославија – до последниот корен. Во меѓувреме, заедно со останатите Три гласа ќе врти томбола и на тој начин ќе одредува кој може да биде на чело на државата. Како искусен во таа работа, бидејќи ова место му дојде како унапаредување по местото шеф на томбола во Боксерскиот клуб “Приштина”, немаме причина да се грижиме за својата судбина. Среќата е во Сејдо.

    3. Додека ние се коцкаме “на ситно”, скапаниот капитализам не мирува. Се подготвува за одбрана од независните комарџии. НАТО маневрите ги организира во североисточна Италија. А и Буш нешто спомна дека НАТО досега успешно го контролирал мирот во Европа, па најави некакви специјални единици подготвени да дејствуваат од Атлантикот до Урал. Луѓето се подготвени на сé. Мора да се сфатат, бидејќи и тие знаат дека во своето соседство го имаат командантот Сејдо и другите Три гласа. Полни со сила, бидејќи јадат здрава храна. Мотивирани од повикот на српските четници: “За Србинот секоја војна е подобра, отколку било каков лажен мир!”
    Одговор на ова дојде од странските бродарски компании кои одбија да ги превезуваат навивачите на Црвена ѕвезда на натпреварот во Бари. Осигурител­ната компанија “Лојд”, на бродовите што ќе впловат во водите на Јадранското Море им наплатува осигурување како на бродови кои пловат во подрачје зафатено со војна.
    Европа ја почна борбата за одбрана на својата независност. Од – Југославија.

    4. Во Македонија, пак, сосема независно од Европа, градиме правна држава. Главни консултанти се пратениците на ПДП и НДП во Собранието на Репу­б­ликата. Според нивните лекции, уривањето на дивоградби, како што е она на скопската улица Дижонска, и урбанистичкото уредување на просторот насекаде во светот се третира како нецивилизиран чин, што нема никаква врска со правната држава. Тоа пак што во Дебар директорите од македонска националност насила се заменуваат со Албанци е вистински показ на правната држава. Исто како што неказнето поминува повикот за бојкот на пописот на населението.
    На Запад тие се мерилата за правна држава. На запад од Македонија е – Албанија. Таква ни била среќата.

    5. Во скопските болници се појави оглас на младо момче кое за да преживее продава еден бубрег и едно око. Се очекува, кога ќе дознае за ова, независниот Бранко Костиќ на граѓаните на Југославија да им се обрати со уште попатриотски повик од прославената покана за јадење корења. “Око давам, независноста не ја давам!” За инает на Буш и на Анте Марковиќ.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари