НУКЛЕАРНА БОМБА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:177:"Полицаецотмуреколнапијаницата:"Ајнеправимебудала,синкимјаснезнамкојадржавапропаѓа".

    1 Вработен во Државниот архив си копирал документи за некои луѓе и ги продавал. Само таа вест би била страшна. Ама приказната продолжува. Тие документи оделе кај луѓе што прибирале такви документи, повторно ги архивирале и рекетирале… И тоа е страшна приказна. Но, тоа не е сe. Во приказната има разузнавачи избркани од работа, сегашни разузнавачи, бивши полицајци, сегашни полицајци, вработени во Министерството за одбрана, па дури и шеф на кабинетот на претседателот на Собранието. Значи вториот човек во државата. Врховен командант во случај на отсуство на Претседателот на државата. Што сe правеле или можеле да направат со тие документи кои ги собирале, тие си знаат. Јас не сакам ни да помислам.
    Кога сето ова би го ставиле во филмско сценарио, би добиле еден убав политички трилер. За Оскар, за кој годинава немаме филм, оти сите двајца кандидати се скараа. Ама приказната не се случува на филм. Се случува дома, кај нас, со вистински полицајци, вистински разузнавачи и со вистински државни службеници. Сите тие се луѓе што се обучувани и платени за да се грижат за безбедноста на државата. А тие, според сознанијата на МВР и според обвинението, уценувале и изнудувале пари.
    Така што, кога ќе каже портпаролот на МВР Иво Котевски дека ова е единствен случај не само кај нас туку и во регионот да се фати толку голема шпионскорекетарска група, не знам дали е за фалење, оти и тука сме лидери во регионот, или за плачење. Па нас бре, луѓе, ако сето ова се докаже на суд, ни се случила нуклеарна бомба. Системот ни бил сериозно разнишан. Додека се занимаваме со ситни глупости кој што кажал и кој што вратил на кажаното, кој украл и кому му е поголем, ни замина државата. Можеме сега и сеир да фаќаме и да претпоставуваме кој бил следен, кој бил уценуван, кој кому колку пари исплатил, ама додека сме се свртиле, сме сфатиле дека системот кој ја варди државата ни бил разнебитен од корупција. И тоа никој однадвор не дојде да го разори. Безбедносниот систем ни бил растуран однатре.
    Како и да гледаш на акцијава, чувството е вознемирувачко. Ако сето ова што го напиша Обвинителството е вистина и успее да го докаже на суд, тогаш тоа е страв да те фати. Ако, пак, се сомневаш во мотивите зошто е изведена оваа акција и тоа е страв да те фати. Ама ако оваа акција не резултира со целосно расчистување на случајот и конечно владеење на правниот систем во кој институциите ќе бидат толку силни што ќе им се спротивстават на вакви поединци однатре, тоа ќе биде најстрашното. Тогаш џабе сме се надевале дека ќе направиме држава.
    Тоа, наместен тендер, јавна набавка, договор во четири очи, е некоја друга приказна. Ќе се намести, ќе се поделат некои провизии, некого ќе фатат, некому ќе простат, ќе се смени власта, па други ќе прават така…Тоа е криминал. И апсолутно треба да се казни. Ама ова што ни се случувало, како што пишува во обвинението, е многу пострашно од местење тендер. Ова е криминализирање на безбедносниот систем. Безбедноста на државата се продава за пари. Се уништуваат луѓе и цели семејства за пари. Благодарение на службената функција која ја имаат, тие тргуваат со човечки судбини. Тоа е нуклеарката која ја разорува Македонија.
    2 Што ти е Македонија. Еден пајтон народ. Кај сe за секого се знае и без разузнавачки податоци, туку и тендер ако распишуваш, тешко да падне кај некој што не го знаеш. Малку народ многу тендери, ќе се погоди и кај некој род.
    Така и лидерот на СДСМ Зоран Заев не можел да има контрола врз тендерите кои ги распишувале во Струмица каде што тој е градоначалник. Институциите си бркале работа. Па на тендерите добиле и фирмите на татко му, на брат му и на снаата.
    Верувам дека Заев не ни знаел за тоа. Освен ако неговите роднини не му се пофалеле како им оди бизнисот при некое семејно собирање. На пример, на еден неделен ручек, кога ќе се соберат сите на масата и си прават муабет како живејачката, како врзуваат крај со крај, колку им должи Општината, колку ДДВ не им вратила државата, па Заев, евентуално, би дознал со што му се занимаваат блиските. Секој по нешто да се пожали, да се пофали и, ете, кај Заеви семејните ручеци изгледале како деловни ручеци. Се собирале и за родендени, слави, раѓања, умирачки, како и секое македонско семејство. И за Бадник, веројатно, се собирале. И како и во секое семејство што традиционално се собира на Бадник или на Василица, си вртеле. Паричка. При вртење паричка на Бадник нема друга опција освен непотизам. Некому мора да му падне паричката. Кој и да, ќе си остане во фамилијата.
    Кога одговараше на нападите, Заев го повика на ТВдуел премиерот Груевски и му постави неколку тешки прашања. Груевски не одговори на прашањата. Изгледа не ги чул на вести.
    3 Кога образлагаше дека нема непотизам во распределбата на општинските тендери, Заев рече дека од тие тендери се офајдиле многу бизнисмени и од ВМРОДПМНЕ и од СДСМ. Не спомена дали од тие тендери ќар виделе и партиски неопределени бизнисмени. Или за нив тендерите се забранета зона.
    4 Премиерот ги собра бизнисмените од трите стопански комори. И речиси два часа им раскажуваше за економијата во Македонија. Божем бизнисмените не знаат колку е добра ситуацијата во економијата, па требаше премиерот да им каже.
    Ова ме потсети на еден виц кога пијаница поминувал покрај Собранието и си пеел: “Дождот паѓа, државата пропаѓа”. Го чул еден полицаец, го собрал и му удрил дватри пендрека. Пијаницава се пожалил: “А бе, не тепај ме, јас пеам за државата Данска дека пропаѓа”. А полицаецот му рекол: “Ај не прави ме будала, синким јас не знам која држава пропаѓа”.
    5 ВМРОДПМНЕ предложи промена на Уставот, со која бракот ќе се регулира исклучиво како заедница на маж и жена. СДСМ го одби предлогот, ама од сите аргументи кои можеше да ги даде, го даде најглупавиот. Дека нема потреба од менување на Уставот, бидејќи досега ниедна геј двојка не побарала да се венча во Македонија.
    И што ако утре некој побара да се венча? Ќе има основа за менување на Уставот? СДСМ ти биле социјалдемократи, левичари. Претендираат да победат на избори, така што ќе ги преземат неопределените и либерални гласачи. Притоа ќе се прават конзервативни, оти се плашат отворено да зборуваат за темата, да не им кажат ВМРОвците дека се педери. Сакаат да се опнат, а да не им влезе.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира