ОНО И ОСЗ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:128:"ФадилСулејманинеуспеадајаекипиракатедратазамеѓународноправо

    1. Секој сериозен правен факултет, на секој сериозен универзитет, ја започ­нува учебната година со предавања по предметот “римско право”. Така и “тетов­скиот универзитет”, како мошне сериозна институција, ги собра “студентите” во една куќа во тетовското село Порој на првиот час по римско право. Сериозноста на настанот, но и на опкружувањето, најдобро беше отсликана со изгледот на професорот. Човекот не изгледаше баш премногу професорски и авторитативно на ТВ екраните. Со сината беретка на главата и со сивиот грубо рачно плетен волнен џемпер, потсетуваше на некој шармантен пиљар, или продавач на тикви на Бит-пазар. Арно ама, сериозноста на моментот беше токму таква теренска униформа. Како сто години да ќе биде мир, а веќе утре може да почне војна.
    На другиот “факултет” во селото Мала Речица исто така започна учебната година. Само малку невообичаено. Со предметот “општонародна одбрана и општествена самозаштита”. И тоа без предавања. Веднаш се премина на тактичко-показателна вежба. Таа ќе им се смета како задолжителен колоквиум. Без учество во неа нема да може да се земе потпис и нема заверка на семестарот.
    Тој ден имаше потреба од визитинг-професори по меѓународно право. “Ректорот” Фадил Сулејмани дури апелираше и на телевизија да му дојдат професорите од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”. Прво го бараше Васил Тупурковски. Кога новинарите го прашаа зошто баш него, Сулејмани рече: “Како персоналитет и интелектуалец – демократа”. Ама “није био куќи!” После го бараше и Шврчковски. “И он није био куќи!” Ту… Ете ти беља. Среќа што Шврчковски гледал телевизија. Свесен за проблемите на Сулејмани, веднаш ги испрати своите асистенти по него.

    2. Сепак, сé ми се чини дека Сулејмани нешто ги збркал работите со Тупурковски. Или пак си играл асоцијации, па си нашол некоја своја логика.
    Циле ги смируваше раскараните околу изворот “Студенчица” во Кичевско. Тогаш Кичево и Прилеп се караа за вода. Да не си го поврзал Сулејмани проблемот со водата, со имињата на селата каде што се неговите “факултети”? Едното е Речица, другото Порој. Па Циле како “персоналитет” задолжен за водни прашања би можел да дојде во неговите “водни” села!?
    Наместо Тупурковски, во решавањето на водните проблеми активно се вклучи Фрчковски. Да не му текне случајно на Сулејмани по Порој и Речица да направи – потоп.

    3. Искрено кажано, не ми беше јасна целта на студентскиот собир пред Собранието на Македонија во четвртокот. Сега може да се зборува и за вмешаност на политички партии, и за потреба од докажување на новото раководство на Сојузот на студентите, и за манипулации од страна, важно собирот би можел да се нарече комплетно неуспешен, освен ако за успех не се смета блокирањето на скопските улици во центарот и предизвиканата реакција на портпаролот на Владата Ѓунер Исмаил. Потоа и организаторите се оградуваа од некои недолични пароли и извици, ама – доцна. Освен тоа, не може да им се прогледа низ прсти – сепак се доволно возрасни за да можат да претпостават дека во запалива атмосфера, која само што почна да се лади, лесно ќе се најде некој што повторно ќе фрли искра.
    Деканите на факултетите, еден ден пред тоа, на седницата на Универзи­­­тетската управа го лекторираа текстот на декларацијата на студенти­те.Така што сега тие не можат да се вадат дека не дале поддршка на собирот. Единствено радува тоа што само мал процент од студентите на Скопскиот универзитет се одзваа на прогласот, иако тој бил отпечатен во тираж од 12 илјади примероци. Така што излегува дека студентите излегоа подораснати на ситуацијата отколку нивните професори. Го имаат примерот на Босна. Студентите гинат, а нивните професори шетат по разни Женеви и цртаат карти.

    4. Не е јавено дали поранешниот американски конгресмен Џозеф Диогарди во Конгресот зборувал на албански јазик, ама од Вашингтон стигна вест дека републиканците подготвиле закон со кој во САД би се укинала двојазичноста, за да се спречи поделбата на американското општество.
    Тоа може да е добар знак. Видоа дека кај нас експериментот запна кај Мала Речица, па не мора и тие да експериментираат на своја сметка. И онака, сé што не чини, прво го испробуваат кај нас. Паметниот учи од туѓите грешки. А уште повеќе од своите, кога ги прави кај друг.

    5. Приватниот стопанственик Драган Митевски, инаку пратеник во Собранието на Македонија има потреба од дипломатски пасош “заради обезбеду­вање на неговата заштита при патување во странство и извршување на службените задачи”. Така вели во предлогот за измена на законот за патни исправи. Само не кажува дали мисли на службените задачи на фирмата “Миткомерц”.
    Кој е како нас? Ќе бидеме најдипломатска земја на светот. Пратениците ќе ни се пуштат во дипломатија на сите страни. Во Бугарија, Турција и Србија. За таму не требаат визи, а и добро се разработени каналите за шверц.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари