ОПТИМИСТИЧКА ПРОГНОЗА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:66:"Цвикеризаплажа,мерцедесзагаража

    1.   Изгледа дека на овие нашиве политичари што странците претенциозно ги нарекуваат лидери не им се брза. Пред неколку дена се сретнала работната група за изборите. Ама средбата била неформална и информативна. Чамче муабет. Џабе еврокомесарот Хан вика дека за Македонија ова лето нема одмор. Ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ не се потресоа дека е изгубена уште една недела. Се договориле дека пак ќе се сретнат во понеделник. Имаат уште доста недели до изборите.
    Што има да се собираат? И едните и другите знаат што е проблемот. Тука ни Хан, ни свети Хан не помага. Не Викторија Нуланд, туку шест како Викторија да стават во сите министерства тешко дека ќе се договорат. Па ни самиот Прибе да го донесат за специјален јавен обвинител, не ќе може да се снајде, ако треба да го спроведе во пракса тоа што го напишал. Оти тука девет години власта посветено работела да направи систем во кој владејачката партија ќе го контролира државниот систем, а не да гради државен систем што треба да ја контролира власта.
    Ако не се договорат лидерите, ќе ја изгубиме препораката за почеток на преговори со ЕУ. Божем треба да ја изгубиме препораката за да сфатиме дека не ни ја бива државата. Да ни ја биваше одамна ќе бевме во фаза на преговори, а можеби веќе и членка на ЕУ. Спогодбата за асоцијација и стабилизација пред Хрватска ја потпишавме. И тоа за време на војна во 2001 година. Ако ни ја биваше државата овие белосветски политичари сега ќе доаѓаа на одмор, а не да нè смируваат и да ни го олеснуваат муабетот меѓу нас самите. Не ќе да е Грција баш крива за сè.
    Од овој момент макар и сè да ни тргне на подобро, веќе однапред ја имаме изгубено следната година и пол. Еве да претпоставиме дека препораката нема да ни ја одземат. Ама и во ЕУ нема ништо да преземаат, туку ќе ги чекаат изборите во април 2016. Па ако евентуално изборите добро бидат изведени, ќе чекаат нова влада. Па ќе дојде јунскиот самит на ЕУ на кој евентуално ќе ни дадат некоја пофалба. Па дури во декември 2016 година евентуално ќе решат дали да почнат да нè туркаат напред. Повторувам – само ако од овој момент сè тргне на подобро. А не гледам дека трга.

    2.   Како по обичај, баш елегантно беше смислено отсуството на премиерот од државата. Прво снимија некое интервју со него, па го вртеа по телевизиите, претпоставувам дека неколку дена ќе се вадеа поенти, етерот беше исполнет со вести… Кога, одеднаш се појави фотографија на некој што личи на Груевски како лежи на плажа. Кабинетот веднаш излезе со соопштение дека премиерот одмора во Израел. Никој не ја потврди автентичноста на фотографијата. Подоцна, кога на некои портали се појавија коментари дека очилата на ликот од фотографијата чија автентичност никој не ја потврди чинат 60.000 долари, Канцеларијата на премиерот излезе со соопштение – демант дека премиерот не носи толку скапи очила. “Очилата за сонце воопшто не се дијамантски или луксузни како што неточно се наведува, туку се обични очила за сонце купени по просечна цена какви што може да се купат во секоја обична продавница за очила за сонце во Скопје”, стои во соопштението на Кабинетот на премиерот.
    Чудно. Очекував дека Кабинетот ќе излезе со соопштение дека сликата на човекот што лежи на плажа на непознато место во непознато време е сечена, монтирана и лепена. Или, во најмала рака нема ни да коментираат слика на непознат човек со очила. А тие што направија? Не ја потврдија автентичноста на фотографијата, а ја потврдија автентичноста на очилата. И така за очилата дознаа и сителовците и каналпетките. Па им ги отворија очите на гледачите. Тргнаа да ги бараат очилата на интернет. А оние поамбициозните тргнаа во обиколка на скопските продавници за очила. Да бараат баш такви, обични, по просечна цена. Не најдоа.
    Баш ме чуди зошто премиерот овие обични очила купени по просечна цена не ги носи кога отвора тениски терени и асфалтира улици низ Македонија. Изгледа дека очилата му се само за плажа и тоа во странство. Исто како со мерцедесот од 580.000 евра, за кој дознавме од прислушуваните разговори, што не го вози кога може да го видат новинарите. Има очила за плажа и мерцедес за гаража.

    3.   Штом се ближи избор на локален партиски лидер, во ДУИ се пукаат. Во Куманово беше застрелан командант Шќипоња, кандидат за лидер на разгранокот на партијата. Пред изборот на локалниот лидер во Струга имаше тепачка со мобилни телефони помеѓу конкурентите. Пред тоа партиските функционери на ДУИ се распукаа со пиштоли во Кондово.
    Како по обичај, владејачката партија веднаш побара институциите да го расветлат убиството на командант Шќипоња.
    ДУИ од каде е? Кои институции ги повикува? Имаат заменик-министер за внатрешни работи? По рамковен договор колку полицајци примија на работа? Колку од нив се командири на станици? А богами последен пат кога проверив и министерот за правда беше од ДУИ.

    4.   Во ДУИ вчера донеле одлука да формираат работна група за спроведување на договорот за излез од политичката криза во државата.
    Е баш тоа влева надеж. Оти видовме дека во ДУИ по куса постапка ги решаваат внатрепартиските недоразбирања. Така што ако имаат политичка волја, со аргументите што без сомнение ги имаат по дома, за кратко ќе решат било каква криза. Ефикасно. Со еден куршум.

    5.   Минатиот викенд американскиот амбасадор Џес Бејли бил во мавровскиот крај. Таму го чистел ѓубрето. Неговата шефица Викторија Нуланд пред десетина дена порача дека на Македонија и` треба добра чиста влада. И Бејли кога веќе не може да се меша во внатрешните работи и да ја чисти владата, си рече дај барем планиниве да ви ги исчистам. Така е тоа со Македонија. Од странците чекаме и ѓубрето да ни го соберат. Тоа што ние сами дома можеме да го извалкаме, нема странец што ќе може да го исчисти. Каква оптимистичка прогноза.

    6.   На група граѓани пред некој ден им дошло спонтано да се соберат пред фонтаната на плоштадот Македонија за да го прослават роденденот на Александар Македонски. Како изгледа тоа? Излегуваш од дома на + 40 степени и викаш одам јас на роденден кај Александар. Ќе славиме на плоштад. Торта од 2.371 свеќичка не дувале веројатно за да не предизвикаат дополнителен топлотен удар. На фотографиите видов дека некои носеле и приврзоци со Исус распнат на крст. Оној Исус што се родил 371 година по Александар. Кога гените ќе се разбуричкаат, чуда прават.
    Зошто го носеле Исус на роденденска забава? Веројатно за да ги чува Господ.
    Македонците го слават роденденот на Александар. А странците им го чистат ѓубрето по планините. Секој со своите приоритети за Македонија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари