ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:61:"Живототнезавршувана18октомври

    1. Зошто партиските штабови ангажираат локални мангупи и им плаќаат на рекетари да ги чуваат преку ноќ изборните плакати и да прават тепачки со упади по туѓите партиски простории? Многу поевтино ќе поминат ако нé ангажираат нас новинарите. Како што тргнала работата, можат и да ни дадат стапови. Зашто, ни еден тираж или гледаност на телевизија не може да биде толку ефикасен за задоволување на сопственото чувство – “виде што му направив”, колку неколку удари со стап по грбот на политичкиот противник. Ако не ги боли тоа што ќе им го напишеш, барем удри со стапот.
    Нека ми простат читателите што овој пат ќе се занимавам со нашата фела и што ќе се оддалечам од препознатливиот стил на пишување. Некако, почувствував дека нé злоупотребуваат, дека самите се фрламе во битки кои воопшто не мора да ги водиме, дека, едноставно, нема логика што и ние сме ги зеле стаповите, па маваме уште посилно отколку што се маваат политичките противници. Зошто?
    Се обидувам да сфатам зошто партиските лидери се толку наострени во кампањата и зошто не сакаат да изгубат. Ама, никако не можам да сфатам од каде тој жар кај новинарите и желбата ние да им ја извојуваме победата. Зар заслужиле толку да се жртвуваме за нив? Што можеме да изгубиме ние, во однос на тоа што можат да го изгубат тие?
    Што ќе се случи ако Бранко Црвенковски повторно не го добие мандатот да формира влада? Ќе седне како обичен парламентарец во собраниските клупи и ќе дига рака кога ќе сака да земе збор? Ќе се врати во “Семос” како приправник и ќе прави кариера на електроинженер? Во викендите ќе игра кошарка и ќе може да седне во кафеана, без да го вознемирува обезбедувањето, ама дали со него ќе се сетат сите пријатели што во овие неколку години ги откачи и ги заборави. Башка што и на тие што сега му го чуваат грбот, тогаш, кога нема да може да им понуди ништо, нема ни да им треба.
    Што ќе се случи ако Љубчо Георгиевски и овој пат не успее да формира влада? Ќе може ли уште да го теши тоа што има најсигурно гласачко тело, организирана партија и харизма меѓу неговите. Него можеби и може, ама на тие околу него сигурно веќе им се брза да седнат во кабинетите. Зашто, убаво се живее и кога си најсилна опозиција. Ама, сигурно е уште подобро ако си на власт.
    Што ќе се случи ако Васил Тупурковски доживее дебакл на овие избори? Отидоа јабана и клучот за 21 век, и кредитите од минатото кога народот го изгласа како член на последното претседателство на СФРЈ, и приказните за меѓународната поддршка, и книгите за историјата на античките Македонци. Ако на овие избори не го добие влогот што в година ќе му овозможи да биде претседателот кој ќе ја внесе Македонија во новиот милениум, дали Циле ќе се врати на факултет, да пишува оценки секој ден во 7 часот наутро или, пак, ќе замине преку Атлантикот на нова научна екскурзија?
    Што ќе се случи ако Петар Гошев ги изгуби и овие избори? И – смее ли да ги изгуби? Единствен излез му е повторно да ги формира партиите со кои и досега губеше, па пак да биде лидер. Три партии, три неуспеси… Тоа, веројатно, нема да му го толерираат и најблиските соработници.

    2. За разлика од нив, новинарите и по изборите ќе си останат новинари. И, за разлика од нив, ние немаме што да изгубиме. Ако ништо друго, барем ќе ни останат весници, телевизии и радија каде што ќе продолжиме да пишуваме за нив. Кој и да победи, пенкалата, микрофоните и камерите не ни гинат.
    Само што до 18 октомври многумина од нас ќе го изгубат образот. Зошто? За џабе. Ако изгубат “нивните”, ќе им бидат лути зошто не си ја завршиле задачата како што треба. Ако победат, ќе се затворат во кабинетите и ќе комуницираат исклучиво преку секретарки зашто тогаш ќе бидат големи луѓе и ќе бидат презафатени со работа за да можат да се дружат со новинари кои секогаш можат да им направат проблем.
    Тие ќе ги имаат привилегиите, тие ќе си ги делат зделките, тие ќе ги имаат врските за вработувања, тие ќе имаат предност во болниците, ако се разболат, тие ќе владеат и со нас… А ние, кои овој пат ги правиме валканите работи место нив и се плукаме меѓу себе, утре ќе треба да се сретнеме на прес-конференција, да си помогнеме на некој настан, да се дружиме на некое службено патување… Ако на лидерите овие избори им се значајни како “сé или ништо”, ние белки ќе треба да живееме и по 18 октомври.

    3. Оваа недела се прослави министерот за сообраќај Абдулменаф Беџети кој на патниците им порача во иднина да внимаваат со кого летаат. Нека си купат билет за странска компанија. Така ќе бидат сигурни дека ќе слетаат во Македонија. Зашто, ако летаат со македонски авион, Министерството нема да им даде дозвола да се вратат дома. Особено ако со МАТ се враќаат од Цирих. Зашто Цирих е резервиран за “Приштина рајзен” и “Мергими”. И зашто тие наплаќаат големи провизии од редовниот превозник “Авиоимпекс”. И зашто на времето, овие две фирми се споменуваа како финансиери на тетовскиот универзитет.
    Овој МАТ навистина нема среќа. Тамам, некако, благодарение на санкциите кон ЈАТ, стана македонска компанија (белки од наследството на бившата СФРЈ и нам ни припаѓа барем еден авион од флотата на ЈАТ) и тамам се стори со македонски авион, кога Дирекцијата за воздухопловство не му даде да се врати дома. Покрај толку глупости што ни се случуваат во авиосообраќајот, и оваа – на македонски авион да не му дадеш да слета во Македонија, нема да пречи. Следниот пат треба да бидат построги кон патниците што летаат со македонски авион. Нека им забранат и прелет. Среќа што противвоздушната одбрана сé уште не ни е добро опремена.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари