ПИШИ МИНУС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:81:"Акоситеизбегаатќепропаднеекспериментот

    1 Во средата се распушти Собранието. Во четвртокот беа распишани предвремените парламентарни избори, и уште вечерта, кај еден мој пријател заѕвониле двајца анкетари. Не се претставиле ни дали се од некоја партија ни во чие име анкетираат. Рекле дека не прашуваат кој за кого ќе гласа. Ги интересирало само дали анкетираниот ќе излезе на избори. Пријателот ги откачил, познавајќи му го табиетот, сигурно на не баш најпријатен начин. Тогаш едниот му се обратил на другиот што држел пенкало в рака со список на станари: “Пиши минус”.
    Е па сега, мисли му ја што е минус, што е плус.

    2 Чекајќи го почетокот на кампањата, ние и` го береме гајлето на Украина. Последниве денови со благо воодушевување кон тоа што го прави Путин. А пред тоа им се восхитувавме на демонстрантите. Оти ние се восхитуваме кога некој ќе покаже сила. Не оти знаеме што точно таму се случува, кој со кого и зошто и како, туку, ете, и ние да бидеме дел од светските текови. Ама вака од страна, сеирџиски. Виде што му направија? Виде сега овој што им прави? А со Косово што направија? Вчера Косово, денес Крим, утре Каталонија. Ете гледаш, дури и во три К има симболика…
    Тоа – почитување на меѓународното право, територијалниот интегритет и уставниот поредок – сите тие изрази многу убаво звучат. Ама во реалниот свет тоа изгледа малку поинаку.
    Се сеќавам на принципиелните изјави од времето кога се распаѓаше СФРЈ и САД и тогашната Европска заедница велеа дека нема да дозволат промена на границите. Па после, кога тие побараа промена на границите, направија и една принципиелна Бадинтерова комисија, која препорача независност само за Словенија и за Македонија. Па и тоа не излезе баш принципиелно. И одлуката на Хашкиот суд за непочитување на Привремената спогодба од Грција е дел од тие принципи, ама ние, ете, уште не сме ни во НАТО ни во ЕУ.
    Тоа е само ако зборуваме за последниве дваесет години. Да не се враќаме назад, И онака годинава се одбележуваат 100 години од Првата светска војна. Така што, кога се правиме многу храбри за Украина, не би се кладел многу на принципиелноста ни на Западот ни на Истокот. Главниот принцип е принципот на тој што ја има силата.
    Туку, не дај боже некој од Македонија да побара официјално да се изјасни дали е за принципиелноста на Обама или за принципиелноста на Путин. Ние 23 години не можеме да се договориме кој ни е државниот став за името, не пак на Украина да и го береме гајлето.

    3 Во Мјанмар, по 30 години ќе се прави попис. Ние уште имаме време да го стасаме Мјанмар. Остануваме заедно со Сомалија, единствените земји во кои пописот доцни.
    Во Сомалија не се прави попис оти има војна. Во Македонија не се прави попис за да нема војна.
    Во меѓувреме, ќе не евидентираат со плус или минус. А кои сме и колку сме, веќе нe попишале соседните држави. Само ќе избројат колку нивни пасоши им дале на македонски граѓани. Рестото ќе се пребројува на избори.

    4 Од “Македонска пошта” само во последните две години украдени се или проневерени над 3 милиони евра. Плус имаше пожар, во кој изгореа поштенски марки, но и финансиски документи за трошоците на Поштата. Имаше десетина филмски грабежи кои не добија судска завршница. Не се најдени ни парите ниту крадците.
    Значи, поштата за апашите работи по принцип на самопослужување. Ама без плаќање на каса. По принципот прв дошол, прв услужен. Колку пари има, толку ќе си земеш. Ако ти се малку, ќе си дојдеш пак. Поштата е постојано тука.
    Башка, три милиони евра, пари ли се? Ни едни избори асално не можеш да истераш.

    5 Минатата година во Германија биле регистрирани речиси 10.000 баратели на азил од Македонија.
    Што чудни луѓе. Што бараат во Германија? Не се среќни со 8.000 денари плата во германска фирма во Македонија?
    Цело време виси заканата дека ќе ни го вратат визниот режим. Не се потресуваат тие толку од азилантите. Не дека нема да ни го најдат чарето ако решиме и сите да им дојдеме во Германија, ќе нe издржат, па макар ни давале и германски плати. Туку тие се плашат од нешто друго. Виделе колку народ се одлева од Македонија. Па си викаат – дај затвори ги, кој се снашол, се снашол, другите нека останат дома. Оти ако сите избегаат, ќе ни пропадне експериментот. Кај ќе бараме друг таков народ, толку податлив за експерименти?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари