ПРЕКРАСНА ПУБЛИКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:72:"Шилотоврти.Седупчидупкатавоводата.

    1 Кога прв пат се појави индискиот милијардер Субрата Рој во Македонија, најави дека на голфтеренот што ќе го прави во охридско Љубаништа последната дупка ќе биде во езерото. Вети дека во водата ќе направи дупка. И факт е. Дупката во водата се остварува.
    Дел од тој проект, веројатно, беше и промоцијата на староновиот златен барокен театар во Скопје со фестивал на мирот. Субрата беше домаќин на забавата, а министрите од Владата, на чело со премиерот Груевски, беа негови гости. Одеше директен пренос на Собранискиот канал на јавниот сервис МТВ без предупредување дека програмата не е за помали од 16 години. Милијардерот не платил закуп за новиот театар изграден со наши пари. Оти тој прв го проба театарот. А за проба пари не се земаат. Боливудското шоу беше најубавиот дел од фестивалот. Некој познат индиски пејач и кореограф пееше песни на Мадона и играше со индиски танчарки и танчари. Зад него одеше видеобим со убавините на Македонија. Прекрасно нешто. И на крај пејачот ги повика гостите од гледалиштето да станат од кадифените столчиња и да пеат со него. Ама тие не станаа и не пееја. Само достоинствено ракоплескаа. Па задоволниот уметник им се заблагодари: “Вие сте прекрасна публика”.
    Тој и не знае колку сме ние прекрасна публика. Тоа се докажа уште истата вечер откако го ислушавме и говорот на Субрата. Во нашиот театар. Пред нашите министри. На нашата државна телевизија.
    Чул нешто милијардерот дека треба некаква политика за деца тука да се промовира. Ама измешал со Индија. Таму многу деца, тука малку… Па секс ли треба, колку треба, како треба… Па кој треба да го практикува тоа, граѓани од прв ред, граѓани од втор ред… На гледалиштето ли мислеше кој во кој ред седи или онака си филозофираше како миротворец од Индија, баш на роденденот на Ганди, не ми беше јасно. Па кажуваше нешто за криминалци во неговата организација. Ама и ним им давал шанса. Многу се дружел со македонските политичари, па нешто чул, ама не дочул и за медиумите. Рече дека “медиумите имаат негативна улога, оти весниците, каналите и слично, главно, зборуваат за негативни настани и даваат негативни известувања за расправии, убиства и силувања”. Не знам за која земја зборувал Субрата. Може за неговата Индија. Во Македонија само убави вести се објавуваат. Сигурно затоа што лоши нема.
    2 Занесен од филозофирање за мирот и охрабрен од аплаузите на македонската Влада, Субрата даде неколку прекрасни идеи кои не би им текнале дури ни на Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Силвана Бонева заедно. Рече дека “Владата треба да дефинира преку закон која е идеалната големина на едно семејство и децата од идеалното семејство треба да ги добијат сите бенефиции, посебните придобивки за граѓанинот од прв ред”. И како секој ангажиран миротворец, веднаш смисли казни. Па рече: “Родителите што не ја следат идеалната семејна законска дефиниција, ги губат сите придобивки и дефиниции за нивните деца, а треба да го изгубат и правото на глас”.
    Два дена поминаа, а Владата уште не направила ново регулаторно тело. Може немаат дупка за зграда во центарот на Скопје. По овој цивилизацискоинвеститорски совет на милијардерот од Индија, веднаш треба да се пристапи кон формирање регулаторно тело за семејство. Ова независно тело ќе се грижи за одржливоста на идеалните семејства регулирани со закон. За таа цел, сите жени до менопауза и малку потоа ќе мора да ги пријавуваат плодните денови во централниот регистар на регулаторното тело. Мажите што нема да ги искористат тие денови, ќе мора да имаат многу добро оправдување за таа небрежност. Во втора фаза, жените ќе ги пријавуваат деновите на овулација на берза. Па така ќе се формира берза на плодноста. Откако ќе затруднат, ќе се префрлаат во берза на трудот. Кој од берза на плодност нема да се префрли на берза на трудот, ќе се смета дека не остварувал. И така ќе ги изгуби шансите да се квалификува во граѓанин од прв ред.
    Оние што ќе бидат граѓани од втор ред, не треба да се загрижени. Субрата и ним ќе им даде шанса, исто како што им дава на криминалците да се социјализираат. Ќе им овозможи да се вклучат во проектот “Правење дупка во водата”. А Владата ќе го субвенционира тоа.
    3 Македонија нема договор за екстрадиција со Индија. Субрата $ треба на Владата за да прикаже интерес од инвеститор, а нему Владата му треба да не го испорача во Индија ако евентуално го побараат за невратените милијарди долари за кои го тужи неговата држава.
    Имајќи го ова на ум, не се ни зачудив зошто јавниот сервис ја пренесуваше оваа претстава на Субрата Рој во копродукција со Владата на РМ. Сфатив дека тоа било образовна програма. Лекцијата што ја научивме е дека политиката е бесрамен бизнис.
    4 Откако ја прочитав веста дека сирискиот конзул во Македонија завчера го посетил Кочани, сигурен сум дека мировниот план на Обама и на Путин за Сирија ќе успее. И конзулот се интересирал за развој со странски инвестиции.
    Башар ал Асад треба некаде да го складира хемиското оружје што треба да го предаде за да избегне бомбардирање. Да не треба да се организира и некој мировен фестивал на оризот?
    5 СДСМ настапи со многу сериозен проект. Некој пат кога ќе дојдат на власт, ќе ја враќале средната класа.
    Тие најдобро знаат како се враќа средната класа. Затоа што средната класа исчезна со приватизацијата што ја спроведе СДСМ во деведесеттите години.
    6 Да не биде покус, и министерот за здравство Никола Тодоров има проект за враќање. Ќе ги враќал дома македонските лекари што работеле во странство. Ќе им давал пет пати помали плати, ама тука ќе имале подобар квалитет на живот, оти било поевтино. Па, лекарите не бегале во странство за да избегаат од поевтин живот. Избегале од неквалитетна работа и неможност за професионално напредување без партиска книшка. Во странство се мачеле во огромна конкуренција и без поддршка на партијата и на мама и на тато успеале да станат име затоа што ги бива, а сега треба се вратат за оригинален ајвар и патлиџани и за месечна награда од министерот за учинок.
    А зошто Тодоров не им даде личен пример за враќање. Нека се врати тој во реалноста, па, можеби, и лекарите ќе се осмелат да се вратат во Македонија.
    7 Командантите на УЧК Талат Џафери и Агим Чеку се сретнаа како македонски и косовски министер за одбрана. И потпишаа протокол за воена соработка. Македонија и Косово ќе имаат заедничко образование и размена на искуства. Очекувам кај и да е Македонија и Косово да имаат и заеднички кандидат за Нобелова награда за мир.
    8 Ова не е извадок од говорот на Субрата Рој, но доволно е интересно за да биде вест на сите вести. Собраниската група што треба да расправа за 24 декември ќе се сретне на 16 октомври.
    Шилото врти. Се дупчи дупката во водата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира