ПРИВРЕМЕНО ИМЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:127:"Неправаттиебудалиоднив.Однасправатбудали.Аниеимсесмееме.

1И што викате? Смешно било тоа што Собранието на Македонија прво избра министер за внатрешни работи и потоа за помалку од еден ден му ја прифати оставката?  Викате, смешно било дека владејачката партија нашла некој професор, му се јавила на телефон и му соопштила дека ќе биде министер за еден ден и тој прифатил со радост и со гордост? Мене не ми е смешно. Не ми е ни тажно. Страв ми е. Може да му биде смешно само на некој што има уште еден пасош освен македонскиот.

Одамна веќе во Македонија не може да се зборува за некаков срам, за некаква етика, за некаква логика, за нешто што ние будалите сè уште наивно мислиме дека „белким нема и тоа да им текне да го направат“. Е па, им текнува. И со последниот потег за поставување министер за внатрешни работи само за еден ден, се виде дека тие и најапсурдните работи ќе продолжат да ги прават оти видоа дека сè им поминува. Тие не прават будала од Оливер Андонов,  за кого логично прашање е со кое лице тој универзитетски професор ќе излезе пред студентите. Тие не прават будала ни од Емил Димитриев, кој во Собрание прочита дека министерот Андонов, кој ќе биде министер помалку од 15 часа, „ќе даде максимум од себе на функцијата“, оти имал и искуство од Воена академија.  Не прават будали ни од пратениците, на чело со претседателот на Собранието, третирајќи ги како да се оперирани од мозок да расправат, да гласаат за министер и после за помалку од 15 часа да му ја прифатат оставката.

Не прават тие будали од нив. Од нас прават будали. А ние им се смееме. Ептен смешно.

2 Додека ние се смееме, ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди контрола на МВР до изборите. А не е дека не знаевме дека така ќе прават. Убаво чувме „ВМРО-МВРО“. Не знам само зошто не им верувавме. Дека мислевме оти имаат совест? Дека знаат за срам? Дека до сега не ни станало јасно оти кај нив не треба да се бара ни срам, ни перде, ни логика на нештата, ни правила на игра… Дека оваа игра што ја смислија со министерот за внатрешни работи им е за да обезбедат гаранција за фер, демократски, ем кредибилни избори. И дека ова што го прават нема смисла. Да. Нема смисла. Има режим.

Едноставно, власта мора да обезбеди контрола по секоја цена да се добијат изборите. Оти, кај нив мотивацијата е многу силна. Не е веќе борба за власт. Борба за живот è. Само, не ми е јасно зошто сите што не се за ВМРО-ДПМНЕ мислат дека ова и за нив не е борба за живот. Оти, ако победи ВМРО-ДПМНЕ, ќе има ли живот за нив?

3 И додека опозицијата и твитерџиите во виртуелниот свет се потсмеваа со министерот за еден ден Оливер Андонов и правеа драма со првачето на Никола Груевски, во реалниот свет Митко Чавков се врати на местото на злочинот. Таму каде што беше, кога министерката Јанкуловска викаше „МВРО-ВМРО“. Каде што се прават лични карти за 50 луѓе на иста адреса, каде што се организираат успешни полициски акции од типот на онаа од кумановско Диво насеље, каде што полицијата испраќа логистика за партиски тепачи пред избори, каде што се уништувала опрема за прислушување… Фокусирајќи се на драмата што ја направија за шпалирот за првачето на Груевски, заборавија дека Чавков сега ќе треба да ги спроведува наредбите на СЈО за обезбедување сведоци и обвинети.

4 Министерот Чавков само неколку часа пред да си даде оставка потпиша 600 решенија за нови вработувања во полицијата. А сабајлето  ги викнаа сите што се избрани да ги подигнат решенијата за работа, да побрзаат пред  Оливер Андонов да се освести дека ќе стане министер.

И вие уште се чудите дека немаат срам?

Во еден ден со нашите заеднички пари си купија ем полиција, ем гласачи. Прво ни ги украдоа парите, а сега пак наши пари трошат за да си ја купат слободата. И уште не сфаќаме дека во наши раце е одлуката дали ќе продолжат тоа да го прават.

5 На 1 септември, помалата ќерка на Груевски стана прваче и тој ја однесе во школо. Имал добра причина. Ама, што бараа во школите градоначалниците? На пример, што бараше Андреј Жерновски во школото, уште и седнат во прв ред до Груевски, како за нив да е приредбата за првачињата? Си го бараше ветениот шамар од 2013 година, оти Груевски сè што ветува остварува? Онака јак шамар, пред сите.

А Заев што бараше да им се обраќа на првачињата? Од лидер на опозиција на 1 септември не очекувам да им посакува добредојде на првачиња. Од лидер на опозиција очекувам да им се обрати на родителите, на наставниците, а богами и на сите други граѓани. Од лидер на опозиција очекувам да ми каже што ќе прави со образованието, дали ќе ги обнови училиштата, дали ќе го укине екстерното, дали ќе го подигне квалитетот на наставата… Од лидер на опозиција очекувам да вети дека нема да ги силува наставниците да одат на митинзи и да обезбедуваат по 30 гласачи, дека нема да ги тера директорите да земаат партиски книшки, дека нема да ги спречува наставниците да штрајкуваат ако се незадоволни…

На 100 дена пред избори, тоа го очекувам од лидер на опозиција кој се спрема да стане премиер.

6 Една недела пред да славиме 25 години независна држава, Македонија има привремен премиер. Има привремена Влада со привремени министри. Има привремено регулаторно тело за медиуми . Има привремен уредник на информативната програма на јавниот сервис МТВ.  И има специјално, привремено обвинителство.

Конечно, и привременото име доби смисла.

СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST

http://sdk.mk//index.php/slushaj-tuka/

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира