ПРОВЕРЕНО СПРУЖУВАЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:90:"Самосепрашувамдалинекогашнаоваќесесмееме?

    1. “Во врска со шпекулациите објавени во медиумите кои се финансирани од Сорос групацијата, а кои се контролирани или, пак, во функција на СДСМ, а во врска со некакво наводно прислушување новинари, Владата на Република Македонија сака со ова соопштение енергично и во целост да ги демантира овие шпекулации оценувајќи ги како целосно неточни, невистинити и груба манипулација”.
    Тууу ама се возбуди Владата. Фала Богу дека не прислушува. Сите знаат дека Владата не ни може да прислушува. Може само да преслушува.

    2. Сигурно е дека Владата не прислушува. Ама сигурно е и дека не дослушува. Особено не ги дослушува оние што мислат различно од неа.
    Премиерот Никола Груевски за активностите на Студентскиот пленум, кој протестира против владините реформи во образованието, изјави дека “сe повеќе станува јасно дека оваа, веројатно помала група која ќе излезе на следниот протест, е длабоко партиски мотивирана. Најголем дел од нив се од подмладокот на СДСМ и на другите опозициски партии или, пак, на друг начин се мотивирани преку институциите кои ги финансираат Владимир Милчин и СОРОС во Република Македонија”.
    Па тоа сакам да го слушнам од премиер на една демократска држава. По 23 години демократија и повеќепартиски систем, нормално е кога некој мисли поинаку да го обвиниш дека е од друга партија или дека е политички мотивиран. Зошто во демократија некој би имал потреба да мисли поинаку од владејачката партија? Па уште и да се дрзне тоа јавно да го кажува? Кај ВМРО-ДПМНЕ ти овозможило да живееш во демократија, па уште мора да размислуваш со своја глава. Тоа ти е беспотребно комплицирање на животот.
    Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема зошто да протестира, СДСМ не смее да протестира оти “на Заев не може да му се верува”, а и “граѓаните не го поддржуваат раководството”, а “Сорос и онака сe со пари купува”, се прашувам дали од студентите што протестираат ќе се роди некоја трета опција. Полнолетни се, гласачи се, живеат во демократска држава, а имаат и право да бидат незадоволни. Дали е власта спремна за нов непријател посилен од СДСМ и Сорос заедно?

    3. Битката против студентите власта ја почна со заокружување со црвени крукчиња на ликови што учествувале на протестот на 17 ноември. Тоа беше прва фаза. Втората фаза е ловење на Фејсбук на поддржувачи на Студентскиот пленум и на протестите. По 23 години демократска држава, нормално е на Интернет портали да се ловат тие што поддржуваат различно мислење. И не само тие. Нормално е да се ловат и тие што поддржуваат некој што поддржал различно мислење. Ама тоа ќе биде трета фаза. Кога ќе им се потрошат црвените фломастери за цртање крукчиња.
    И нормално е во една демократска држава хајките што се прават во медиумите да одат непотпишани. Текстот го напишал, фотографиите ги избрал и крукчињата ги нацртал некој без име и презиме. А заокружените и нивните поддржувачи на Фејсбук си имаат и слика и име. Особено тие што се најмногу напизмени. И сите тие своето мислење, кое понекогаш е различно од она на владејачката партија, си го кажуваат со име и презиме.
    Навистина не разбирам зошто не се потпишуваат тие што ги пишуваат хајките. Дали им е страв? Или, едноставно, им е срам? Или просто немаат образ.
    Или… Баш им е гајле.

    4. Има моменти кога си викам: Е баш за ова ја обожавам Македонија! Во која друга демократска држава би можело да се случи следново.
    На 3 декември 2014 година, неколку портали презеле вест објавена во ВЕСТ на 3 декември 2010 година и ја постирале како нова. Море не нова. Брејкинг њуз беше. Локалниот СДСМ во Струмица делел кондоми со ликот на Никола Груевски. Во 2010 година. И како што е редот во македонското слободно новинарство, еден портал се повикал на друг, трет презел, четврт дополнил и така веста од 3 декември 2010 стана толку актуелна на 3 декември 2014, што куририте дури и коментари изнапишаа, телевизиите ги презедоа коментарите и на крај дури и владејачката партија излезе со соопштение. На 3 декември 2014 го осуди СДСМ за нешто што правел на 3 декември 2010 година. И после, откако пукна брука дека сите се возбудиле за вест стара 4 години, куририте почнаа да откриваат дека веста прв ја објавил портал близок до опозицијата. Ете. Знаев јас дека пак СДСМ е крив.
    Нејсе. Тоа што порталите си преземаат вести едни од други без да ги проверат не е ништо ново. Тоа и што три национални телевизии со голема гледаност и влијание и со едно чудо новинари и уредници со име и презиме ги преземаат вестите и коментарите од анонимните курири, исто така, не е ништо ново. Ама разочаран сум, и не е добро за демократијата во една таква демократска земја како Македонија, што владејачката партија се откажа од својот слоган “Проверено”, со кој убедливо победи на последните избори.
    А доволно беше Центарот за комуникации да ја провери оригиналната вест објавена во ВЕСТ, како што веќе истакнав, на 3 декември 2010 година. Таму го пишува датумот. (Забелешка: Датум, тоа се оние бројки што обично на новинските портали стојат над насловот кои кажуваат кога и во колку часот е нешто објавено). Зарем и ВМРО-ДПМНЕ не им верува на своите очи, туку им верува на анонимните курири?
    Да ми речеше некој дека ќе ми фали Илија Димовски во Центарот за комуникации немаше да му верувам. Ама за волја на вистината, ваков пропуст на Илија не би му се случил. Тој барем спружуваше на насловни страници за актуелни теми.

    5. Најзбунети во целата приказна ми беа овие од СДСМ. Ни соопштение, ни изјава. Тие поим немаа за што станува збор. Може и тие си помислиле дека веста е нова, ама далечна е комуникацијата до базата. Каков им е контактот со реалноста, не би ме зачудило и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ да не го виделе, а не, пак, да се сеќаваат на акција што ја направиле во далечната 2010.
    А можеби дури и иницијаторот на таа кампања од пред четири години веќе не е во СДСМ. Може веќе е во ВМРО-ДПМНЕ.

    6. Во оваа чудесна демократија како што е Македонија, во која реалноста ја надминува комедијата, дури и Монти Пајтон би изгледал пресериозно.
    Еве уште една вест којашто и на Монти Пајтон не би изгледала веродостојно. Претседател на синдикат врши притисок врз ВЕСТ да престане да го вознемирува. Многу незгодни прашања сме му поставувале. На пример, зошто не исплаќа К-15 за вработените и зошто не им платил задолжителен систематски преглед.
    Повторувам. Прашањата се поставени до лидер на синдикат. И лидер на синдикат, а не капиталист индустријалец, врши притисок да не се објавуваат вести за кршење на работничките права.
    Од ова не само што не може да се прави пародија. Ова не може ни да се коментира.

    7. И како сега да не ја обожаваш Македонија? Само се прашувам дали некогаш на ова ќе се смееме?

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари