РАДОСНА ВЕСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:160:"Откакосоздадоатерениклимаситедасеплашимеидасемразимедосмрт,тиеапелираат...

    1. Што бараше генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен завчера во Скопје? Си го расчистувал бирото во Брисел за да му го отстапи на наследникот, кога таму во некоја фиока, кај предметите “на чекање”, видел една папка со долго и чудно име. И си рекол: “А бе ги заборавивме овие, живи ли се?”. Па и така тргнал да оди накај Балканот, реши да слета и во Скопје. За да ни каже една радосна вест. Дека ќе нè примат во НАТО. Само треба да најдеме заедничко решение со Грција за спорот со името.
    Не сум сигурен дали наследник на Расмусен ќе биде Јенс Столтенберг, ама од ептен доверливи извори во седиштето на Алијансата протече информација за неговата изјава што ќе ја даде при посетата на Македонија во 2015 година. И тогаш ќе дојде со радосна вест. Ќе каже дека ќе влеземе во НАТО. Кога ќе се постигне заемно прифатливо решение за името. А во 2016 година ќе каже дека во НАТО ќе влеземе кога ќе се постигне прифатливо решение за двете страни во спорот.
    Освен што Расмусен доби дневници, не знам ние што аир имаме од неговата посета. Оти и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг и во иднина ќе има иста тежина како и сега. Како што рече тој, “таа се однесува на билатерален проблем и не е применлива за Алијансата”. НАТО е алијанса со военополитичка сила. Покрај сила нема правдина. А нашиве таа лекција од НАТО добро ја совладале.

    2. Во скопската населба Ѓорче Петров две ноќи имаше немири поради убиство на младо момче, предизвикано од кражба на велосипед. Се кршеа излози, се палеа дуќани, се превртуваа возила и контејнери. Зошто?
    Затоа што омразата царува со нас. Па во овие осум-девет години толку омраза и страв е посеано кон сè што е различно, така што и ова што се случи во Ѓорче, воопшто не ме изненадува. Одамна веќе не е во прашање дали некој е Македонец или Албанец. Сè што е различно е непријателско. Ова општество веќе не е поделено само по етникуми. Или по верска линија. По партиска, пак, ич да не зборуваме. Од последните избори видовме дека токму партиската нетрпеливост ги мултиплицира сите останати. И масовно го поттикнува говорот на омраза во јавноста. Не само што ги поддржува туку и ги храни медиумите со таков говор. Па имаме соросоиди, гниди, платеници, предавници, комуњари, дебели свињи, фашисти, педери, курви, курири, гноеви, ебливи, неебани… Море, живот или смрт? Или ние или вие. Ужас. Толкаво количество омраза по глава на жител и на мала површина, дури и да сме наједнонационалната држава на светот, би предизвикала проблем, а не, пак, кај нас што сме толку измешани.
    И сега откако го создадоа теренот сите да се плашиме и да се мразиме до смрт, тие апелираат. Што има да апелираат? Како кога мало дете ќе се искака во гаќи, па кога ќе прашаш “Што смрди?”, тоа не кажува. А смрди. Смрдеата не може да се скрие.

    3. Освен што апелираат, ја обвинуваат другата страна. ВМРО-ДПМНЕ сервираше информација дека немирите се поттикнати од опозицијата. И “ги повикуваме сите политички фактори и политички партии да не ја злоупотребуваат оваа човечка загуба за ситни политички пресметки со неистомислениците”. Божем сме во Шведска. Како ВМРО да не е на власт, па ги повикува факторите. Оти они не се никаков фактор.
    А СДСМ, пак, возврати дека “во Ѓорче, полицијата, под наредба на насилната власт на Никола Груевски, го тепаше својот народ”.
    Глупости. Полицијата не тепаше свој народ туку хулигани што реметат јавен ред и мир. Фала Богу што се појави полицијата. Да не беше полицијата, којзнае што ќе имавме досега. Едно дете е убиено. Неговите ќе останат неутешно да жалат до крајот на животот. Друго дете ќе скапе во затвор. Никола Груевски и Али Ахмети ќе ги поделат министерските места. Собранието ќе ја изгласа новата влада. А ние ќе продолжиме да живееме со страшното сознание дека и од едно крадење велосипед Македонија може да дојде до раб на меѓунационален конфликт. И тоа само за едно попладне.

    4. Туку, каде беше претседателот Ѓорге Иванов како татко на нацијата да ја смири тензијата? Над половина милион луѓе штотуку по вторпат му ја дадоа довербата. На мирни, фер и демократски избори. Со таков кредит, доволно беше тој да се појави и да рече: “Луѓе, ова е обичен криминал. Ова нема врска со меѓунационални односи. Оваа држава има закони. Јас лично ќе се заложам овој случај до последен детаљ да биде расветлен. Имајте доверба. Ова е правна држава. Има судови. Институциите на системот ќе си ја завршат работата. Спијте мирно”. Тоа е најмалку што се очекува од Претседател.
    Во првиот мандат Иванов бегаше од реалноста кај свети апостол Павле. Сега дојде неколку века понапред. Се занимава со свети Кирил. Лека полека, со ова темпо, во третиот мандат, ако има среќа да го сменат Уставот, можеби ќе почне да се занимава и со реални проблеми.

    5. Претседателот на Синдикатот Живко Митревски по вторпат одбива да ги прими стечајците што протестираат, барајќи да се реши нивниот статус. Свесен ли е Живко дека со членарините кои ги плаќале тие стечајци кога биле вработени е направена таа зграда од која тој сега збира кирии, па дури и паркингот го наплаќа.

    6. Минатава недела на Балканов бевме сведоци на голема солидарност со настраданите во поплавите во Србија и Босна и Херцеговина. Ама кај нас важи правилото оти ако не се пофалиш дека нешто си направил, исто како да не си го направил. Па по телевизиите се изнагледавме инсерти со камиони полни со вода. Дознавме кој ја наточил водата, кој ја купил водата, кој ја возел водата. Само не се пофалија кој ги ставал капачињата на шишињата со вода. Секоја чест за хуманоста.
    Покрај големите луѓе што ги споменуваа на телевизиите, имаше илјадници други обични мали луѓе кои, колку и да немаат, отидоа да купат вода, пелени и конзерви од својот семеен буџет. Ама не се пофалија. Најголемите донации секогаш стигаат од малите луѓе.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари