РОКЕНРОЛОТ УБИВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:"Датиибамџипотштомигозагрозиживотот

    1. Со денови го слушам министерот за здравство Никола Тодоров како се лути на некои што возеле џипови и имале вили, и нè убедува дека во Македонија нема инсулинска криза. И не го разбирам. Што подразбира тој под инсулинска криза? Вели дека има инсулин. Да. Има. Ама нема инсулин од типот кој редовно секојдневно го земаат 10.000 дијабетичари. Кога тие пациенти или нивните блиски минативе две-три недели се појавија на шалтерите на специјализираните аптеки со рецептите издадени од специјалистите што ги водат за да си ја подигнат месечната терапија без која не можат да живеат, медицинските сестри им рекоа да се снајдат.
    И јас имам дома дијабетичар. Повозрасен член на семејството што е зависник од инсулин и, фала Богу, повеќе од 20 години живее нормално. За беља, го прима баш типот инсулин за кој снемало пари. Вчера и завчера лично поминав три специјализирани аптеки по скопските поликлиники да проверам дали го има тој инсулин. И инсулин – нема. Ми рекоа дека уште најмалку еден месец нема да го има. На “мој термин” добивме термин за преглед по две недели. Резерви дома немаме. Инсулинот не се продава слободно и не може да се зема без контрола од специјалист.
    Колку моќно звучат соопштенијата на Министерството дека Македонија е “лидер во регионот по исклучителното ниво на грижа за лицата со дијабетес” и оти Министерството работи со концепт на “медицина заснована на докази”. И колку популистички убаво звучи кога министерот се заканува дека “не смееме да дозволиме да се цицаат средствата од буџетот, и потоа некој да вози луксузни џипови или да има вили”.
    Фино срочено оправдување. Ама не го решава проблемот на тие што останаа без нивниот тип инсулин. Само тие што се зависни од инсулин и нивните блиски знаат што значи за организмот и низ каков психолошки и физички шок поминуваат кога треба да ја променат терапијата. А такви се барем 10.000 дијабетичари. Така што дури и медиумите да трубат дека нема криза, криза – има. Ја чувствуваат најмалку 10.000 семејства.
    Да не си им во кожа на дијабетичарите што се деца, ученици, трудници и на нивните семејства, на кои сега им се комплицира животот. Наместо учениците да одат во школо, ќе чекаат пред кабинетите на специјалистите. Ќе се боцкаат, ќе им мерат шеќери, ќе им ја менуваат дозата. Што се случува со пубертетлии што растат и на кои им вријат хормоните? Како ќе реагира трудница на која среде бременост лекарот треба да и го смени инсулинот? Кој ќе ја носи на душа и неа и бебето? За да ги возиме децата и повозрасните на контроли, ќе мора да излегуваме од работа, да губиме дневници, да земаме слободни денови. Распаметени родители бркаат врски во Бугарија за да набават инсулин на црно за да им преживеат децата. Еве ги, тука се, меѓу нас, колеги, пријатели, комшии, можеби дури и членови на владејачките партии и вработени во министерствата. И како сите овие луѓе до вчера нормално живееја, работеа, учеа, раѓаа деца, играа, се забавуваа, а од денеска животот им е загрозен. А инсулин има. И Македонија е лидер во регионот. Така изјави министерот. Така јавија на вести на телевизија.

    2. Па ако веќе министерот Никола Тодоров е љубоморен на нечии вили и џипови, нека се бори со нивните сопственици на друг начин. Не мора да страдаат обичните луѓе. Што му е гајле на некој што се грижи за своето здравје и за здравјето на блиските за нечии џипови? Што мислите, дека останатите 30.000 дијабетичари зависни од другите типови инсулин мирно спијат? Утре ќе му засметаат некои други типови вили и џипови, па и нив ќе им ја смени терапијата со друг тип инсулин.
    Да ти ибам џипот што ми го загрози животот.

    3. Министерството објасни дека недостигот на еден тип инсулин се случил оти биле потрошени парите само за тој производител. Парите ли се проблем? Од кога тоа кај нас парите се проблем? Па дури и да ме увери министерот дека си поиграл со животите на 10.000 семејства за да заштеди, се прашувам за што ќе штеди? За Панорамското тркало ли?
    4. Не знам што да мислам за оној споменикот на Ќосето кој го ставија пред Судот во Скопје. Кај толку споменици, па сега уште еден Ќосе… голема работа. Ниту знам нешто за човекот (мој пропуст од образованието во времето на Тито), ниту ме интересира колку пари чини, ниту пак, кој дал пари и каде ги нашол парите. Не ме занимаат ни препирките дали човекот го слушал Јане, дали Гоце, дали Даме Груев, дали бил за Бугарија, или само за Македонија, колку луѓе казнил во име на револуцијата, иако ми изгледа дека човекот имал мирна совест, оти живеел 98 години.
    Само, пред судска зграда повеќе би сакал да ме пречека скулптура на онаа секси римска божица со превез преку очите и со кантар во раката отколку некој разјарен господин со кама во едната и со револвер во другата рака. Кога одиш на суд, очекуваш правдата да биде слепа и одмерена, како што симболизира Божицата. Со разјарениот Ќосе пред судница, што правда можеш да очекуваш? Кама или пиштол? Башка, колку што разбрав, Ќосето не делел правда. Тој само извршувал задачи.
    Е дури сега целосно се збунив со симболиката. Нашиве судови делат правда? Или извршуваат задачи?

    5. Уште нешто не можам да разберам. Зошто во Македонија има луѓе што отворено навиваа референдумот за независност на Шкотска да успее? Што фајде ние би имале од шкотската независност од Обединетото Кралство? Зошто би се радувале ако Шкотска се отцепеше? За инает. Од истите причини поради кои го сакаме Путин. И се радувавме кога Русија влезе во Крим. И за инает на ЕУ што се солидаризира со Грција, ние се солидаризираме со Србите. Демек, да видат ЕУ и САД како им беше на Србите кога им го отцепија Косово.
    Нејсе, Шкотите, и покрај поделеностите, ќе продолжат да живеат во Обединетото Кралство. А ние во независна држава одамна сме поделени, иако не знаеме точно зошто. Ај Шкотска ни пропадна. Дај сега, за инает, да навиваме за Барселона. Да се радуваме кога Каталонија ќе ја распадне Европската унија. Ама да не се радуваме премногу. Да ни остане време за радост ако Илирида реши да се цепи.

    6. Во каков примитивизам влегува државава, кога 70 години по раѓањето на рокенролот, рокерите се баба роги и симбол за насилство на кое треба да му се рече “Не!”. Така нè убедуваат спотовите порачани од општина Охрид, а поддржани од ОБСЕ и од МВР. Во нив, фините деца се уметници и спортисти од богати куќи, а рокерите со гитара се насилници од темни сопчиња.
    Спотот е поддржан од ОБСЕ, организација која покрај безбедноста и соработката промовира и толеранција, недискриминација, борба против стереотипи… Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет, наместо да се извини и да го повлече спотот што го платиле, уште и соли памет. Па ни кажува: “Не ги гледајте ликовите во спотот, бавете се со пораката”.
    А пораката која е? Рокенролот убива.
    Вакви спотови се пуштаат во златна Македонија, каде што и претседателот и премиерот се растени со рокенрол, и откако се на функција правеа настан од тоа што се сликаа со Боб Дилан и “Зи-Зи топ”. Башка и синот на претседателот е рокер и свири во рок бенд.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари